Стерјо Боздов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Стерјо Боздов.jpg
Роден 7 јануари 1902
Крушево, Отоманска Империја
Починал 13 април 1987
Крушево, Југославија

Стерјо Боздов (7 јануари 1902 - 13 април 1987) бил член на АСНОМ, член на Президиумот на Второто и Третото заседание на АСНОМ и прв декан на Медицинскиот факултет во Скопје.

Биографија[уреди | уреди извор]

Стерјо (Иван) Боздов - Ѓуша бил роден на 7 јануари 1902 година во Крушево, каде заршил основно образование. Гимназиското образование го започнал во Крушево, а го завршил во Битола, во јуни 1922 година, и веднаш се запишал на медицински студии во Виена, Австрија. По четири ислушани семестри, во 1924 година поради немање материјални средства заминал во Белград, каде ги продолжил студиите по медицина на Белградскиот универзитет. Таму Боздов почнал да се дружи и да дејствува во рамките на Младешка македонска тајна револуционерна организација (ММТРО), поради што на Скопскиот студентски процес во 1928 година бил осуден на пет години затвор. Во декември 1930 година излегол од затвор и се повлекол од политичкиот живот. Во 1933 година ги завршил студиите во Белград, и се стекнал со титула доктор по медицина.[1] Се вратил во родното Крушево, каде работел како семеен лекар во мала приватна ординација.

Политичка активност[уреди | уреди извор]

Стерјо Боздов бил во постојан контакт со клучни личности од тогашниот политички живот во Македонија, меѓу кои со Методија Андонов - Ченто. Во 1935 година се вклучил во редовите на Здружената опозиција, а во 1938 година активно се вклучил во Земјоделската партија на Јоца Јовановиќ, и преку неа сакал да се кандидира за околиски пратеник во Крушево. Но, при една политичка конференција во Белград, Боздов бил уапсен од режимските власти и бил заторен во логорот Главињача во Белград. Во логорот бил задржан два месеца. Во 1940 година бил интерниран во логорот во село Меѓуречје, Ивањица, каде го дочекал и почетокот на Априлската војна 1941 година.[2]

Учество во НОБ и АСНОМ[уреди | уреди извор]

За време на окупацијата на Македонија, Стерјо Боздов активно уествувал со медицинска логистика за потребите на партизанските единици кои дејствувале во Крушевско. Во 1944 година бил повикан во с. Горно Врановци, Велешко, на слободна територија, каде што од страна на ГШ на НОВ и ПОМ му била доверена должноста „Повереник за народно здравје“. Набргу потоа бил избран за член на илегалниот Народноослободителен одбор, а на 2 август 1944 година бил член на АСНОМ, каде од страна на Президиумот му била доделена должноста „Повереник за народно здравје“.

Бил член на Президиумот на Второто заседание на АСНОМ, член на Президиумот на Третото заседание на АСНОМ, а потоа вршел одговорни должности во тогашното Министерство за народно здравје на Народна Република Македонија, и истовремено бил претседател на Комисијата за формирање на Медицински факултет во Скопје.

По ослободувањето[уреди | уреди извор]

На првата седница на Советот одржана во март 1946 година, Стерјо Боздов бил избран за прв в.д. декан на Медицинскиот факултет,[3] а подоцна на 22 септември 1947 година и за прв декан на факултетот. Стерјо Боздов бил декан на Медицинскиот факултет во Скопје сè до 1951 година. Во меѓувреме, бил редовен професор по предметот Хигиена и бил директор на Хигиенско-епидемиолошкиот институт при МД во Скопје. Во 1950 година бил избран за проректор на Универзитетот во Скопје. Со медицинската дејност се занимавал во Медицинскиот центар во Куманово, каде останал до пензионирањето, во 1978 година.

Одликувања[уреди | уреди извор]

Стерјо Боздов бил добитник на највисоки републички и сојузни признанија, меѓу кои:

Литература[уреди | уреди извор]

  • Проф. д-р Марјан Димитријевски: „Д-р Стерјо Боздов прв декан на медицинскиот факултет“, Скопје, 2017, издание на Медицински факултет Скопје

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. д-р Марјан Димитријевски: „Д-р Стерјо Боздов прв декан на медицинскиот факултет“, Скопје, 2017,, стр. 28-29
  2. д-р Марјан Димитријевски: „Д-р Стерјо Боздов прв декан на медицинскиот факултет“, Скопје, 2017,, стр. 34-37
  3. д-р Марјан Димитријевски: „Д-р Стерјо Боздов прв декан на медицинскиот факултет“, Скопје, 2017,, стр. 72