Прејди на содржината

Стеван Раичковиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Стеван Раичковиќ покрај споменикот на академикот и писател Стеван Сремац, Сента, јули 1995 година.

Стеван Ричковиќ (Нересница, 5 јули 1928 — Белград, 6 мај 2007) — српски поет, член на САНУ.

Биографија

[уреди | уреди извор]

Стеван Раичковиќ е роден на 5 јули 1928 година во Нересница. Основно и средно училиште учел во повеќе места: Бела Црква, Сента, Крушевац и Смедерево, а матурурал во Суботица во 1947 година. Од 1947 година живеел во Белград, каде студирал книжевност на Филозофскиот факултет. Во 1972 година бил избран за дописен член на САНУ.[1]

Творештво

[уреди | уреди извор]

Раичковиќ ја објавил првата песна во 1945 година, а во 1950 година се појавила и неговата прва книга. Покрај со поезија, се бавел и со преведување (Шекспир, Петрарка, современи руски и словенски поети итн.). Од друга страна, неговите творби се преведени на повеќе јазици, како: руски, чешки, словачки, бугарски, македонски, словенечки и албански. Добитник е на неколку награди: Седмојулската, Октомвриската, Змаевата, наградата „Невен“, наградата „Милош Н. Ѓуриќ“ итн. Негови поважни дела се:[2]

  • „Песна на тишината“ (српски: Песма тишине)
  • Балада за предвечерието“ (српски: Балада о предвечерју)
  • „Доцно лето“ (српски: Касно лето)
  • „Камена заспивалка“ (српски: Камена успаванка)
  • „Тиса“
  • „По реката минува брод“ (српски: Пролази реком лађа)
  • „Стихови“
  • Записи за црниот Владимир“ (српски: Записи о црном Владимиру)
  • „Големиот двор“ (српски: Велико двориште)
  • „Гурије“
  • „Ветерница“ (српски: Ветрењача)
  • „Мали бајки“ (српски: Мале бајке)

Во својата „Антологија на српската поезија“, Зоран Мишиќ истакнува дека, израснат на повоената лирика на „мекиот и нежен штимунг“, благодарејќи повеќе на својот осетлив поетски инстинкт отколку на интелектуалната жед и на љубопитноста, Раичковиќ успеал својот сонлив и етеричен свет да го крене до нужниот степен на објективизација, па и до симболите, насетувајќи ги некои од основните дилеми на поетската мисла. Ослободен од ритмичките калапи на Црњански, неговиот стих е еден од најмузикалните во српската поезија, воопшто.[3]

Во поезијата на Раичковиќ често се присутни мотивите на природата (птиците, тревата итн.), додека некои други мотиви (љубовта, жената, пријателството) не можат да се сретнат во неговите песни. И покрај склоноста кон природните мотиви, неговиот однос кон природата никогаш не е идиличен, а многу ретко е неутрален. Најчесто, природните мотиви ги користи како средство за уметничко обликување на атмосфера што се одликува со трагична осаменост и безнадежност. Голем дел од неговите песни се испеани со класичен стих, често со строг ритам карактеристичен за постарата поезија, но тој ги употребува и слободниот стих и искршената, сложена мелодиска линија кои се одлика на современата поезија. Во циклусот песни за Црниот Владимир, поетот вметнува и прозна рамка, што претставува оригинална постапка која е единствена во српската, а веројатно и во светската поезија. Понатаму, и поетскиот репертоар на Раичковиќ е разновиден и во поглед на имагинацијата: помекогаш, тој употребува слики од класичен, ренесансен тип, а другпат употребува барокни слики. Оттука, Раичковиќ е поет кој тешко се вклопува во вообичаените класификации, зашто основната одлика на неговото творештво е синтезата на класичниот и модерниот поетски израз.[4]

  1. Stevan Raičković, Pesme. Rad, Beograd, 1977. стр. 163.
  2. Stevan Raičković, Pesme. Rad, Beograd, 1977. стр. 163.
  3. Zoran Mišić, Antologija srpske poezije. Nolit, Beograd, 1963, стр. 312.
  4. Nikola Milošević, „Sinteza klasičnog i modernog“, во: Stevan Raičković, Pesme. Rad, Beograd, 1977. стр. 165-172.