Старица (расказ)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Старица - расказ на рускиот писател Данил Хармс, напишан во мај-јуни 1939 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Главниот јунак излегува надвор и во дворот од својата зграда здогледува старица. Потоа, тој продолжува да оди низ улицата, но се присетува дека заборавил да го исклучи електричниот шпорет, па затоа се враќа во станот. Притоа, нему му доаѓа идеја да напише расказ за еден чудотворец кој може, но не сака да прави чуда и, така, тој умира во сиромаштија. Набргу, во неговиот стан влегува истата старица, седнува на фотелјата и умира. Тој се возбудува, зашто зане дека ќе биде обвинет за убиството на старицата и, поради тоа, ја удира мртвата старица. За да се смири, тој излегува надвор и во пекарницата запознава убава девојка која ја поканува дома, но тогаш се присетува на мртвото тело во неговиот стан и побегнува. Бидејќи на знае како да постапи, тој оди кај својот пријател Сакердон Михајлович. Потоа се враќа дома и кога се обидува да влезе во собата, ја здогледува старицата како оди кон вратата. Сепак, тој собира храброст и ја става старицата во куфер, со намера да ја однесе на некое далечно место и да ја фрли во мочуриштето. Додека оди низ градот ја здогледува девојката од пекарницата, а потоа се качува во возот. Додека патува, тој влегува во тоалетот, а кога излегува, сфаќа дека му го украле куферот.[1]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

„Старица“ е најдолгиот расказ на Хармс и претставува пародија на романот на Достоевски, „Злосторство и казна“. Во него, главниот јунак го замислува својот сопствен книжевен јунак, еден вид современ, советски Расколников, како „чудотворец кој не сака да прави чуда“. Јунакот на „Старица“ се ужаснува од помислата дека ќе биде обвинет за убиството на непознатата старица кое тој не го извршил, зашто е свесен дека можноста за спас не постои, дека казната му претходи на злосторството, дури и на самата помисла на злосторство, така што во тие околности на човекот не му останува ништо друго, освен верата во чудата.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Danil Harms, Slučajevi. Beograd: Rad, 2016, стр. 121-146.
  2. Dejan Mihailović, „Pogovor“, во: Danil Harms, Slučajevi. Beograd: Rad, 2016, стр. 241.