Станислав Петров

Од Википедија — слободната енциклопедија
Петров во неговата куќа во 2016 година

Станислав Јевграфович Петров (руски: Станислав Евграфович Петров; Владивосток, 7 септември 1939 година — Фрјазино, 19 мај 2017 година) — руски полковник што ја имал главната улога во јадрениот инцидент од 26 септември 1983 година. Тој спречил потенцијална јадрена војна одбивајќи да поверува дека САД лансирале ракети кон Советскиот Сојуз, и покрај укажувањето дадено од компјутерски систем за рано предупредување.[1] Подоцна се покажало дека советските компјутерски извештаи покажале грешка, а Петар бил заслужен што ја спречил Третата светска војна и уништивање на голем дел од Земјата со јадрено оружје. Заради воената тајност и меѓународната политика, постапките на Петров се чувале во тајност до 1998 година.

Овој инцидент е еден од неколкуте одлуки со висок ризик кои биле донесени од стратешки јадрени сили за време на годините на Студената војна, честопати во последен миг, од страна на административните службеници далеку од главната команда.

Случка од 1983 година[уреди | уреди извор]

Станислав Петров бил дежурен офицер во бункерот Серпухов 15 близу Москва на 26 септември 1983 година, во време кога Студената војна била на својот врв. Одговорноста на Петров била да ја следи мрежата на сателити за рано предупредување и да ги извести своите претпоставени за секоја пуштена ракета во Советскиот Сојуз. Во случај на ваков напад, стратегијата на Советскиот Сојуз била веднаш да се започне сеопфатен јадрен напад против Соединетите држави, бидејќи била наметната доктрина за меѓусебно осигурено уништување.[2]

Кратко по полноќ, во 00:40 часот, компјутерите во бункерот известиле дека е пуштена меѓуконтинентална балистичка ракета од САД кон Советскиот Сојуз.[3] Петров сметал дека компјутерот направил грешка, бидејќи не било веројатно и немало можност САД да лансираат само една ракета доколку го нападнат СССР, но многу поверојатно би било дека тие би лансирале голем број на ракети. Исто така, веродостојноста на сателитскиот систем била доведена во прашање и претходно,[4] па затоа тој го прифатил предупредувањето како лажен аларм, заклучувајќи дека немало лансирање од САД.

Набргу потоа, компјутерите покажале дека е истрелан вториот проектил, а потоа третиот, четвртиот и петтиот. Петров сè уште верувал дека компјутерскиот систем не е во ред, но тој немал други извори на информации што би ги потврдило неговите сомневања. Советскиот радар на копно не бил во можност да открие ракети зад хоризонтот, па дури и ако радарот забележел закана, ќе било доцна да се реагира.

Дилемата на Петров била: ако се работи за вистински напад, Советскиот Сојуз би бил уништен од јадрено оружје без никакво предупредување или можност да одговори и тој не би ја завршил својата должност. Од друга страна, ако извештајот за нападот е лажен, тогаш неговите претпоставени може да одлучат да започнат подеднакво катастрофален вистински напад против непријателот. И во двата случаи милиони луѓе би умреле.

Сфаќајќи дека ако не е во право, јадрените ракети наскоро ќе почнат да паѓаат врз Советскиот Сојуз, Петров одлучил да ѝ верува на својата интуиција дека системот дава лажен аларм. По кратко време се покажало дека тој е во право. Немало дојдовни ракети. Кризата го ставила под голем притисок и стрес, но расудувањето на Петров било точно, така што била избегната страшна јадрена војна.

По настанот[уреди | уреди извор]

И покрај спречувањето на потенцијална јадрена катастрофа, одбивајќи да ги информира своите претпоставени за предупредувањата на компјутерскиот систем, полковникот Петров ги прекршил наредбите и воениот протокол. Подоцна тој бил испрашуван од претпоставените за неговите постапки за време на настанот, што довело до тоа тој повеќе да не биде сметан за сигурен воен офицер.

Советската армија не го казнила Петров за неговите постапки, ниту го наградиле, ниту му доделиле одликување. Неговата постапка ги открила несовршеностите на советскиот воен систем, а неговите претпоставени ги ставила во лошо светло. Тој добил негативна оценка за непочитување на писмена наредба и неговата воена кариера завршила. Тој бил префрлен на помалку доверливо работно место, а потоа се пензионирал.

Овој инцидент првпат бил официјално објавен во текот на 1990-ти години од 20 век, во мемоарите на генерал-полковник Јуриј Вотинцев, поранешен командант на советските единици за противвоздушна ракетна одбрана. Оттогаш распространетите медиумски извештаи го зголемиле интересот на јавноста за постапките на Петров.

Петров сега е пензионер кој ги поминува своите пензионерски денови во релативна мизерија во градот Фрјазино.[5] Тој за себе вели дека не се гледа како херој за она што го сторил тој ден. Сепак, на 21 мај 2004 година, здружението на светски граѓани во Сан Франциско му ја доделило Светската награда на полковникот Петров заедно со пехар и награда од 1000 американски долари за улогата што ја имал во спречувањето на катастрофи.[6]

Во јануари 2006 година, Петров отпатувал за Соединетите држави, каде што бил награден на состанокот на Обединетите нации во Њујорк. Потоа, Здружението на светски граѓани му ја доделило и втората специјална награда на петров, „Светски граѓанин“. Негово интервју, заедно со другите настани за време на патувањето на Петров во Соединетите држави, е вклучено во документарниот филм „Човекот што го спаси светот“,[6] објавено на крајот на 2006 година.

Настани пред случката[уреди | уреди извор]

Овој лажен аларм се случил во време на затегнати односи меѓу САД и СССР. Само три недели претходно, советската армија соборила корејски патнички авион што го нарушил воздушниот простор на Советскиот Сојуз, убивајќи 269 лица во авионот,[7] вклучувајќи и многу американски државјани (лет 007 на Corian Airlines). Со тоа, КГБ тогаш испратиле порака до оперативците на Запад, предупредувајќи ги да се подготват за можна јадрена војна.

Во такви затегнати односи меѓу двете суперсили во моментот на оваа лажна тревога, ако Петров утврдел дека податоците за јадрениот напад се вистински, и ако советското раководство ги прифатело како факт, несомнено е дека ќе следел голем јадрен напад врз САД. На тоа САД би одговориле со напад. Поради разумната постапка на Петров, секоја можност за јадрена војна била прекината пред да дојде до таа фаза.

Скептицизам[уреди | уреди извор]

На денот на одликувањето на Петров во Обединетите нации во Њујорк, постојаната мисија на Руската Федерација при Обединетите нации издала соопштение за печатот во кое навела дека едно лице не е во можност да започне или спречи јадрена војна: „Нема услови под кои се донесува одлуката за употреба на јадреното оружје, и не може да се разгледува ниту во Советскиот Сојуз (Русија) ниту во Соединетите држави врз основа на податоците од единствена адреса или систем. За да се случи тоа, потврдите мора да доаѓаат од неколку системи: радари на земја, сателити за рано предупредување, итн.“[8]

Сепак, некои аналитичари од Студената војна се прашуваат дали овие протоколи ќе биле строго спроведени во случај на предупредување за ракетниот напад во кој бил вклучен и Станислав Петров. Самиот Петров рекол: „Мислам дека бевме најблиску до јадрена војна предизвикана од грешка“.[9]

Во интервју за документарниот филм „Црвеното копче и човекот што го спаси светот“ [3] Петров рекол: „Сè што се случи тој ден не ми е важно - тоа беше моја работа. Јас само ја работев својата работа и бев вистинската личност во вистинско време, тоа е сè. Мојата подоцнежна сопруга 10 години не знаеше ништо за тоа. 'Па што стори?', ме праша таа. Јас реков - ништо не направив.“

Интересни факти[уреди | уреди извор]

Помалку од два месеци по настаните во септември 1983 година во САД го прикажале контроверзниот филм „Ден потоа“. Уметничката драма ја опишува јадрената војна меѓу Соединетите држави и Советскиот Сојуз и какви ефекти би имала врз семејниот живот во обичен град во Соединетите држави. Настаните околу Петров не ѝ биле познати на јавноста во САД во тоа време. Многу луѓе (погрешно, но разумно) верувале дека кубанската ракетна криза дваесет години порано е последниот настан кога била можна јадрена војна.

Случајно, филмот Воени игри бил прикажан во САД во јуни 1983 година. Филмот го опишувал почетокот на можна јадрена војна помеѓу САД и СССР поради компјутерската грешка. Можеби најголемата случајност во тој филм била ситуацијата во која луѓето што ги воделе ракетите одбиле да извршат соодветен напад.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Little, Allan (}21. октобар 1998.). „How I stopped nuclear war“. BBC. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  2. „24 years on - Човек који је спасао милионе живота“. The Malta Star. Архивирано од изворникот на 26. 10. 2007. Посетено на 24. 10. 2007.. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate=, |archive-date= (help)
  3. 3,0 3,1 Pieta, Ewa. „The Red Button & the Man Who Saved the World“. logtv.com. Архивирано од изворникот на 16. 10. 2006. Посетено на 16. 10. 2006. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate=, |archive-date= (help)
  4. Hoffman, David (}10. фебруар 1999.). „I Had A Funny Feeling in My Gut“. Washington Post. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  5. Thomas, Ian. „Stan the Man“. Архивирано од изворникот на 2005-02-05. Посетено на 2020-11-29.7. октобар 1998.|publisher=Daily Mail|archive-url=. 2. 2005|accessdate=16. 10. 2006}}
  6. 6,0 6,1 „Stanislav Pretrov Averts a Worldwide Nuclear War“. Bright Star Sound.
  7. Kennedy, Bruce. „War Games: Soviets, fearing Western attack, prepared for worst in '83“. CNN. Архивирано од изворникот на 19. 12. 2008. Посетено на 16. 10. 2006. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate=, |archive-date= (help)
  8. Release, Press. „Permanent Mission of the Russian Federation to the United Nations“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 11. 8. 2007. Посетено на 16. 10. 2006. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate=, |archive-date= (help)
  9. „War Games“. Burrelle's Information Services (Dateline NBC). }12. новембар 2000. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help); Отсутно или празно |url= (help)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]