Српска гимназија во Скопје
Српската гимназија во Скопје ги отворила своите врати на 19 ноември 1894 година и речиси без престан работела до почетокот на Балканските војни. При отворањето гимназијата имала само еден клас, а во учебната 1900/01 година станала полна седумкласна гимназија.
Историја
[уреди | уреди извор]Во текот на нејзиното постоење, српската гимназија во Скопје неколкупати го менувала својот карактер. Најпрво, во правилникот за работа на гимназијата од 1899 година, било потенцирано дека нејзина основна задача била „да ги подготви и оспособи своите ученици за народни учители во српските основни училишта во Османлиската Империја“, поради што кон тогаш шесткласната гимназија биле додадени педагошки предмети и бил отворен педагошки курс. Во 1901 година седумкласната гимназија била поделена на четири гимназиски и три учителски класови. Во 1902 година од последните три класа се формирало посебно учителско училиште, а гимназијата станала четирикласна. Во 1903 година гимназијата била промовирана во ранг на лицеј, а во последните години од османлиското владеење српската скопска гимназија имала 8 класа, и станала првата и единствена полна осумкласна српска гимназија во Македонија и Косово.
До есента 1904 година, кога во непосредна близина на Камениот мост, од десната страна на Вардар, било изградено ново српско училиште, гимназијата била сместена во приватни куќи. Притоа, сите трошоци за изнајмување на училиштен простор и интернат, за изградба на новото училиште, за стипендии на пансионерите и за плати на професорите и директорите ги покривало српското Министерство за надворешни работи. Во 1896 година биле регулирани условите за прием на гимназијалци. Учениците не смееле да бидат помлади од 10, а постари од 16 години. Тие требало да се изјаснат како православни Срби, да бидат потполно здрави, да имаат завршено основно образование, да положат приемен испит по српски јазик, математика и географија, и да поседуваат писмена препорака од митрополитот на Рашко–Призренската епархија, или од српските црковно–училишни општини. Со исклучок на младите скопјани, сите ученици во српската гимназија биле сместени во гимназискиот интернат. Меѓутоа, додека пансионерите што доаѓале јужно од Качаник, односно од Македонија, добивале стипендии и бесплатен престој во интернатот, учениците од Косово и Новопазарскиот санџак морале сами да го финансираат својот престој во пансионот.
За време на нејзиното 18-годишно постоење во османлиско Скопје, низ училишните клупи на српската скопска гимназија минале 1074 ученици, или осум генерации учители, две генерации матурирани лицејци и две генерации класични гимназиски матуранти. После матурирањето дел од учениците ги зазеле своите места како српскиучители во Македонија, дел биле испратени да го продолжат школувањето во Призренската богословија, а останатите продолжиле во подофицерските школи во Србија, или на Воената академија во Белград.
Директори
[уреди | уреди извор]- Сима С. Поповиќ (1894–1895)
- Илија Вучетиќ (1895–1896)
- Иларион Весиќ (1896–1897)
- Коста Ф. Ковачевиќ (1897–1899)
- Радослав Агатоновиќ (1899–1901)
- Милан Гајиќ (1901−1902)
- Михаило Марковиќ (1902−1903)
- Светозар Томиќ (1903−1904)
- Стева Димитријевиќ (1904−1905)
- Илија Вучетиќ, з. директора (1905–1906)
- Лука Лазаревиќ (1906−1908)
- Никола Ѓ. Николиќ (1908–1909)
- Никола Ракиќ (1909–1910)
- Драгомир Обрадовиќ (1910–1911)
- Алекса Станишиќ (1911–1912)[1]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ СРЕДЊЕ СРПСКЕ ШКОЛЕ У ОСМАНСКОМ ЦАРСТВУ (1878–1912) ДОКТОРСКА ДИСЕРТАЦИЈА, Мр Александра Ж. Новаков Архивирано на 15 мај 2025 г., Нови Сад, 2014. године
| ||||||||||||||||||||