Прејди на содржината

Срамни усни

Од Википедија — слободната енциклопедија
Срамни усни
Големи (надворешни) срамни усни
Мали (внатрешни) срамни усни
Податоци
ЛатинскиLabia pudendi

Срамни усни — анатомски структури што се дел од надворешните полови органи на жената. Тие се главните надворешно видливи делови на вулвата. Кај луѓето, постојат два пара срамни усни — големи (надворешни), кои се поголеми и подебели, и мали (внатрешни), сместени помеѓу надворешните срамни усни.

Главната улога на срамните усни е да ја опкружува и штити дразницата и отворот на вагината и мочниот канал од надворешно оштетување.

Анатомија

[уреди | уреди извор]

Бојата, големината, должината и обликот на срамните усни можат многу да се разликуваат помеѓу жените.[1] Кај некои жени малите срамни усни се речиси незабележливи, додека кај други можат да бидат месести и истакнати. Тие можат да разнообразуваат во боја од светлорозова до кафеаво-црна, а во текстурата од мазни до многу збрчкани.[2][3]

Големи срамни усни

[уреди | уреди извор]

Големите срамни усни се пар надолжни кожни набори што се протегаат од срамното возвишение надолу и назад до меѓуножјето. Секоја од нив има две површини — надворешната е пигментирана и покриена со влакна, а внатрешната е мазна и со многу големи лојни фоликули. Тие често имаат заоблен изглед и се подебели напред, каде што се образуваат.[4] Двете големи срамни усни се наоѓаат паралелно една со друга, а во зависност од нивната големина, кај некои жени можат да се допираат една со друга (образувајќи ја таканаречената срамна цепка), а кај други да бидат малку оддалечени.

Кај многу жени, тие можат да се растворат за време на половата возбуда.

Мали срамни усни

[уреди | уреди извор]

Малите срамни усни се две безвлакнести, меки набори на кожата што се наоѓаат на двете страни од женскиот вагинален отвор и се наоѓаат под големите срамни усни. Тие се протегаат од дразницата надолу, настрана и наназад од двете страни на срамното возвишение. Тие се мазни и содржат бројни лојни жлезди што не се поврзани со влакнестите фоликули. Тие се опремени со бројни сетилни нервни завршетоци и крвни садови. На нивниот долен дел се наоѓаат отворите на Бартолиновите жлезди, кои ослободуваат секрет при полов однос.

Полова возбуда и реакција

[уреди | уреди извор]

Срамните усни се едни од ерогените зони на жената. Малите срамни усни се одговорни за половата возбуда, а нивната чувствителност многу разнообразува кај жените.[5] Кај некои жени, тие се толку чувствителни што лесен допир може да доведе до возбуда, додека кај други, нивната стимулација може да не предизвика никаква сексуална реакција. Срамните усни можат да се стимулираат сексуално, за време на полов однос или мастурбација, со прсти или со орален секс. Поместувањето на малите срамни усни може исклучително да ја стимулира чувствителната дразница.

За време на половата возбуда, големите срамни усни подувуваат поради зголемен проток на крв и се раздвојуваат, малку отворајќи ја вулвата.[6] Малите срамни усни стануваат заситени со крв, што предизвикува нивно проширување и зголемување на големината за два до трипати и потемнување во боја. Бидејќи бременоста и породувањето ја зголемуваат гениталната васкуларност, внатрешните и надворешните срамни усни побрзо ќе се заситат со крв кај жените што имале деца.[7]

По одреден период на полова стимулација, малите срамни усни дополнително ќе се затрупаат со крв приближно 30 секунди до 3 минути пред оргазмот, предизвикувајќи тие да станат уште поцрвени.[7] Кај жените што имале деца, големите срамни усни можат значително да набрекнат и да станат темноцрвени. Долготрајната стимулација на срамните усни може да доведе до оргазам, а оргазмичните собирања помагаат да се отстрани крвта од нив, како и од дразницата и другите делови на вулвата, што води до пријатни оргазмични чувства.[8]

По оргазмот или кога жената повеќе не е полово возбудена, срамните усни постепено се враќаат во првобитната состојба. Малите срамни усни се враќаат во првобитната боја за 2 минути, а иритацијата исчезнува за околу 5 до 10 минути. Големите срамни усни се враќаат во првобитната состојба за околу 1 час.[9]

  1. Crooks, Robert; Baur, Karla (2014). Our Sexuality (англиски). Cengage Learning. стр. 50–54, 113–116, 163–171. ISBN 978-1-133-94336-5.
  2. Lloyd, Jillian; и др. (May 2005). „Female genital appearance: 'normality' unfolds“ (PDF). British Journal of Obstetrics and Gynaecology (англиски). 112 (5): 643–646. doi:10.1111/j.1471-0528.2004.00517.x. PMID 15842291.
  3. Jones, Richard E.; Lopez, Kristin H. (2006). Human reproductive biology (англиски). Elsevier Science. стр. 55, 133–138, 154, 198–201.
  4. Moore, Keith L.; Agur, Anne M. R.; Dalley II, Arthur F. (2010). Essential Clinical Anatomy, Fourth Edition. стр. 268. ISBN 9781609131128.
  5. Ginger, Van Anh T.; Yang, Claire C. (2011). "Functional Anatomy of the Female Sex Organs" in Cancer and Sexual Health (PDF) (англиски). Humana Press. стр. 13–23. Архивирано од изворникот (PDF) на 2019-11-22. Посетено на 2025-01-28.
  6. Crooks, Robert; Baur, Karla (2014). Our Sexuality (англиски). Cengage Learning. стр. 50–54, 113–116, 163–171. ISBN 978-1-133-94336-5.
  7. 7,0 7,1 Carroll, Janell L. (2011). Sexuality Now: Embracing Diversity (англиски). Cengage Learning. стр. 86–88, 116–120, 253–256. ISBN 0-495-60274-4.
  8. Lamanna, Mary Ann; Riedmann, Agnes (2011). Marriages, Families, and Relationships: Making Choices in a Diverse Society (англиски). Cengage Learning. стр. A7.
  9. Jones, Richard E.; Lopez, Kristin H. (2006). Human reproductive biology (англиски). Elsevier Science. стр. 55, 133–138, 154, 198–201.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]