Куќа на Христо Узунов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Куќа на Христо Узунов
Поглед на јужната фасада од езерото
Карта
Општи податоци
Статусспоменик на културата
Видкуќа
Стилстароградски
ГрадОхрид
Земја Македонија
Завршенасредина на XIX век
Технички податоци
Катови3

Куќа на Христо Узунов — стара куќа во градот Охрид, прогласена за значајно културно наследство на Македонија.[1] Како родна куќа на револуционерот Христо Узунов, таа е претворена во негов спомен-дом, дел од Заводот за заштита на спомениците и музеј на градот.[2][3]

Историја[уреди | уреди извор]

Северната фасада на ул. „Цар Самоил“ со музејскиот влез.

Куќата на Узунови е сместена во страриот дел на Охрид, на улица „Цар Самиол“ бр. 45, спроти Лапидариумот на Куќата на Робевци. Изградена е во средината на XIX век, најверојатно од Христо Узунов или син му Димитар, обајцата преродбенички дејци. Таа е роден дом синовите на Димитар, Андон и Христо Узунови, видни дејци на ВМОРО во Охрид. По смртта на Андон (1903) и Христо (1905), во 1906 г. третиот брат Ангел Узунов се преселил со мајка си Анастасија во Ќустендил. Во 1938 г. куќата е продадена на семејството Симончеви.[2]

Во 1953 г. Народниот комитет во Охрид ја национализирал куќата и на 2 август 1953 година на неа е поставена мермерна спомен-плоча по повод педесет години од Илинден. На 10 септември 1960 г. општинските власи му ја предале куќата на Народниот музеј на Охрид. Во 1968 г. таа е прогласена за споменик на културата, а во 1977 – 1978 г. истата е реконструирана. Во 1982 г. во куќата е поставена трајната изложба „Народноослободителното движење во Охрид и Охридско“ со просторија посветена на војводата Христо Узунов, која останала до 1989 г. Во 1996 г. куќата повторно е прогласена за споменик на културата и повторно е отворена за посетители постојаната изложба од документи и предмети поврзани со револуционерната дејност во Охридско и просторија посветена на Христо Узунов. Во куќата се приредуваат и пригодни изложби од областа на историјата, историјата на уметноста, козерваторството, како и научни збиднувања.[2]

Архитектура[уреди | уреди извор]

Градбата има сутерен со карактеристичен премин наречен „темница“, приземје и кат. Пред реконструкцијата во 1970-тите приземните ѕидови биле изградени од кршен камен со варов малтер и претежно со кал. Во лоша состојба бил и самостојниот носечки ѕид од камен кој гледал во езерото и ја образувал темницата. Западниот и северниот ѕид биле изведени со плитар и биле пред распаѓање. Останатите ѕидови на приземнето и катот, како и меѓукатната конструкција биле од дрвена бондручна конструкција. Покривот бил од гнили дрвени греди. При реставрацијата е направен скелетен систем од армиран бетон, при што е зачувано каменото приземје. Ѕидовите на катот се направени од тули. Покривната конструкција е дрвена со ќерамиди, положена на бетонска плоча. Скалиштата на катот се дрвени. Потот на приземјето е од мермерни плочи, а на катот е од даски. Внатрешноста е украсена со традиционални елементи — чичеклаци, огништа, сергени, дрвени опшивки на ѕидните платна и гипсани таваници со декоративни апликации. Фасадата е во типичниот охридски стил, бојадисана бело, со еркерно издаден кат и богато профилирани венци. Еркерите и челата на венците се опшиени со даски. Прозорците се со дрвени опшивки.[1]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „архивски примерок“. Управа за заштита на културното наследство. Архивирано од изворникот на 2017-10-27. Посетено на 30 август 2017. Занемарен непознатиот параметар |заглавие= (help)
  2. 2,0 2,1 2,2 „Меморијална куќа на Христо Узунов“. Национална установа – Завод за заштита на спомениците на културата и Mузеј – Охрид. Посетено на 30 август 2017. no-break space character во |publisher= во положба 20 (help)
  3. Петровска, Светлана, Александар Целески, Надежда Поп-Костова, Горан Патчев (2016). Студија за интегрирана заштита на Старото градско јадро (предлог план). Дел 1 (PDF). Охрид: Национална Установа –Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид. стр. 35–36.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]