Спомен-куќа на Мајка Тереза

Од Википедија — слободната енциклопедија
Спомен-куќа на Мајка Тереза
Преден поглед на музејот
Карта
Основан2009
МестоУлица „Македонија број 9“
Скопје, Македонија
Типмеморијален музеј
Посетеност100 илјади годишно
ДиректорРената Кутера Здравковска
Мреж. местоmemorialhouseofmotherteresa.com/

Спомен-куќа на Мајка Тереза — спомен-куќа која се наоѓа во Скопје, Македонија, како единствен музеј во светот посветен на Мајка Тереза. Желбата да ѝ се оддаде почит на најпознатата скопјанка и нобеловка од Македонија, се реализира на 30 јануари 2009 година со отворањето на спомен-куќата на Мајка Тереза. Локацијата на самиот објект не е случајно избрана. Имено, на ова место, до земјотресот во 1963 година, се наоѓала католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во која Мајка Тереза, тогаш Гонџа Бојаџиу, била крстена само еден ден по своето раѓање. Редот на исусовците, кои меѓу двете светски војни ја предводеле Католичката црква во Скопје, особено отец Јамбрековиќ, одиграле клучна улога во одлуката на младата Гонџа да го напушти родното Скопје и семејството и својот живот да му го посвети на Бога.

Изградба и архитектура[уреди | уреди извор]

На 9 мај 2008 година потпишана е Повелба за изградба на Спомен куќата на Мајка Тереза, помеѓу д-р Киро Стојанов, Бискуп Скопски и Апостолски Егзарх во Македонија и м-р Никола Груевски, Претседател на Владата на Република Македонија, и истата е ставена во темелите на Спомен куќата. Проектант на Спомен куќата на Мајка Тереза е Вангел Божиновски, а градбата претставува мултифункционален простор составен од три дела: галерија-изложбен простор, капела-духовен простор и амфитеатар-мултимедијален простор. Според идејното решение Спомен куќата претставува скулптура-симбол на растежот на Мајка Тереза. Во вертикала е претставена карактеристична градба на традиционалното македонско градителство кој се претвора во дематеријализација на сакрален простор. Каменот од обичен силициум двооксид преминува во проѕирно зелен кварцен силициум двооксид, кој ја менува бојата под различни светлосни услови. Изборот на сино-белата комбинација на бои произлегува од униформата на Мисионерите на милосрдието, католички ред оформен од Мајка Тереза. На фасадата се претставени орнаменти на гулаби и риби: гулабот е светиот дух според христијанската симболика, како и рибата која претставува ранохристијански знак за младиот Бог.

Изложбен простор[уреди | уреди извор]

Внатрешноста на изложбениот простор го отсликува амбиентот на градска куќа во Македонија од почетокот на XX век. Поставката се состои од фотографии, документи и експонати преку кои може да се следи животниот пат на Мајка Тереза, од нејзиното детство, поминато во родното Скопје, преку хуманитарната работа, сè до нејзината смрт, беатификација и канонизација. Меѓу позначајните документи во Музејот би ја издвоиле нејзината крштеница издадена од црквата „Пресвето Срце Исусово“, а од експонатите: сарито на Мајка Тереза, молитвеникот, бројаницата и распетието.

Капела[уреди | уреди извор]

Според идејното архитектонско решение капелата е замислена како безгранична зона во која има само светлина. Ѕидовите се изведени од конструктивен носечки елемент риби-птици. Овој орнамент потсетува на витражите во католичките молитвени простори, но во случајов го претставува и филигранскиот занает кој е во својство на фамилијата Бојаџиу. Капелата на Спомен куќата е активна и свештеници од Католичката црква, двапати неделно одржуваат миси. На свечените миси поврзани со значајни датуми од животот на Мајка Тереза се изложува нејзина реликвија. По повод канонизацијата на Мајка Тереза, во нејзиниот роден град Скопје се одржа Татковинска прослава на која присуствуваа кардинали и бискупи кои капелата во склоп на Спомен куќата официјално ја прогласија за светилиште.

Амфитеатар[уреди | уреди извор]

Подрумскиот дел од музејот е конципиран како мултимедијален простор каде што се одржуваат проекции, промоции, образовни проекти и времени изложби поврзани со животот и делото на Мајка Тереза и, воопшто, со хуманитарната работа на луѓето од целиот свет.

За музејот[уреди | уреди извор]

Спомен куќата на Мајка Тереза работи седум дена во неделата, влезот е бесплатен а кустосите зборуваат повеќе странски јазици. Самиот музеј ги задоволува потребите за лицата со физички хендикеп, односно има лесен и адаптиран пристап, изработен е водич на Брајово писмо за слепите лица (на македонски јазик), како и видео-презентација на знаковен македонски јазик за глуви и наглуви лица. Музејот годишно го посетуваат околу 100.000 посетители од целиот свет.

Досега музејот го посетија и повеќе видни личности од културно-политичкиот и религиозниот живот во светот, меѓу кои би ги издвоиле посетите на: Шарл Азнавур, Јагланд Торнбјорн, отец Брајан Колојдиејчук - постулатор на Мајка Тереза, Аге Бојаџиу - внуката на Мајка Тереза, Борис Шпрем,Карлос Слим, Јозефина Топали, Теута Топи, Реин Ланг, Абонго Малик Обама, Маја Гојковиќ, Федерик Џон Наил, Пиетро Паролини, Лео Мазбург,Сестра Марија Према и др.

Сувенирница[уреди | уреди извор]

Во склоп на Спомен куќата, на приземниот простор, се наоѓа и музејска продавница која располага со богат избор на сувенири поврзани со ликот и делото на Мајка Тереза, публикации од Спомен куќата, како и предмети од богатото културно наследство на Македонија.

Галерија[уреди | уреди извор]

Надворешност
Внатрешност

Надворешни врски[уреди | уреди извор]