Споменик „Победа“ (Тетово)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Споменик „Победа“ (Тетово)
Спомениците заедно со Центарот за култура „Иљо Антески - Смок“ (во позадина) во 2009 година
МестоТетово
ПроектантБорка Аврамова
Типрелјефен споменик и статуа
Отворен1961

Споменик „Победа“, познат и како Споменик на Револуцијата или Споменик „Жена борец“[1][2] ― релјефен споменик и статуа во Тетово во чест на паднатите борци во НОВ. Делата претставуваат една композиција и се дело на Тетовчанката Борка Аврамова.

Местоположба[уреди | уреди извор]

Композицијата се наоѓа на бул. „Маршал Тито“/„Илирија“, во непосредна близина на Центарот за култура „Иљо Антески - Смок“.

Историја[уреди | уреди извор]

Споменикот бил изграден во 1961 година. Тој бил изграден по јавен конкурс на кое победило идејното решение на Аврамова, а бил поставен пред тогашната зграда на Општина Тетово (целата зграда на Општината била срушена во 1965 година, за на истото место да биде изграден Домот на Културата, кој бил завршен во 1972 година).[2]

Во мај 2018 година, споменикот бил испрскан со спреј од страна на навивачката група Балисти.[3]

На 4 јули 2018 година, Н.У. Музеј на тетовскиот крај во соработка со Сојузот на борци на Македонија и советничката група на ОО СДСМ Тетово го бојадисале споменикот.[2]

Композиција и значење[уреди | уреди извор]

Споменикот го сочинуваат: женска фигура, леана во бронза во цел раст во стоечки став, поставен на носач од бетон, обложен со мермерни плочи и релјефна композиција од бронза со тематика од НОВ поставена на носач од бетон. Има плато поплочено со мозаични плочи.[2]

Делото е спротивност на дотогашната воспоставена вајарска пракса на Македонија, карактеризирана со масивност, монументалност и романтичност во обликувањето и претставува еден современ облик, без класични анатомски пропорции. Самата пропорционална скромност и едноставност е она што го прави ова дело монументално, како и тоа што е изработено од жена вајар, факт кој говори за движечките процеси на тој период. Доказ за важноста на ова дело е неговото присуство во речиси сите југословенски публикации од областа на вајарството, како и уметнички публикации посветени на Народно ослободителната борба.[2]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Дарко Гавровски (8 февруари 2017). „Борка Аврамова - првиот тетовски вајар“. gavro.com.mk. Архивирано од изворникот 2018-03-31. Посетено на 20 септември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Антонио Грујевски (4 јули 2018). „„Победа" / Борка Аврамова“. marh.mk. Архивирано од изворникот 2019-06-17. Посетено на 20 септември 2022.
  3. Зоран Димовски (20 мај 2018). „Осквернавен Споменикот на револуцијата во центарот на Тетово“. Телма. Архивирано од изворникот 2022-09-19. Посетено на 19 септември 2022.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]