Спиритуал

Спиритуал[1] (англиски: Spiritual, Spiritual music) или црнечка духовна песна — духовна песна на Афроамериканците протестанти. Како жанр, спиритуалот се појавил околу 60-те и 70-те години на XIX век во САД.[2]
Тој се појавил како преработена песна на робови од Афроамериканците на американскиот Југ (во тие години бил користен поимот „џубилиз“).
Историја
[уреди | уреди извор]Извор на афроамериканските спиритуали се духовните химни донесени во Северна Америка од белите доселеници.
Европските емигранти од шкотско-гелско потекло со себе ја донеле традицијата на изведување риспонс (од англ. response — „одговор“) — хорски пеења карактеристични за Методистичката црква. Овој вокален облик им се пренел на афроамериканските изведувачи на спиритуали во голема мера благодарение на делото на англискиот проповедник Исак Вотс, чие издание од 1820 г. било многу популарно на југот на Соединетите Американски Држави.
Тематиката на спиритуалите ја сочинувале библиски старозаветни приказни, особено оние поврзани со темата на ослободување (Мојсеј, Даниил). Честопати се користеле и сцени од Книгата на Откровението. Песните биле приспособувани кон конкретните услови на секојдневието и бит на Афроамериканците и биле подложени на фолклорна обработка.
Стилистички особености
[уреди | уреди извор]Спиритуалите сврзуваат карактеристични елементи на африканските изведувачки традиции (колективна импровизација, карактеристична ритмика со изразена полиритмија, глисандови звуци, нетемперирани акорди, особена емоционалност) со стилските црти на американските пуритански химни, кои потекнуваат од англо-келтска основа.
Спиритуалите имаат прашално-одговорна (респонсорна) структура во дијалог меѓу проповедникот и парохијаните: проповедникот, изведувајќи ја вокалната партија, ја „прашува“ паствата; паствата, пак, хорски му „одговара“ на проповедникот, исто така со вокална партија (ова е познато како call and response или на македонски „повик и одговор“). Честопати, пеењето било придружено со плескање со дланките, тропање со нозете, а поретко и со танци.
Спиритуалите значително влијаеле на зародишот, обликувањето и развојот на џезот. Многу од нив, џез-музичарите ги користат како теми за импровизација.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „спиритуал“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „African American Spirituals“. Library of Congress.