Спиноталамичен пат

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Патишта на белата маса на ‘рбетниот мозок — спиноталамичниот пат е обележан со сина боја во долниот десен агол.

Спиноталамичен пат (лат. tractus spinothalamicus) — сетилен пат во централниот нервен систем кој спроведува сетилни информации до таламусот и е дел од антеролатералниот (вентролатерален) систем.[1][2] Информациите стигнуваат до nucleus ventralis posterolateralis thalami во таламусот, а од таму се искачуваат до соматосензорниот кортекс на постцентралната витка (gyrus postcentralis).[3]

Спиноталамичниот пат се состои од два соседни патишта: 1) преден (вентрален) спиноталамичен пат, кој носи информации за груб допир и 2) бочен (латерален) спиноталамичен пат, кој носи информации за болка и температура.

Во ‘рбетниот мозок спиноталамичниот пат има соматотопична организација, така што во медијално–латерална насока сегментите се распоредени на следниот начин: вратна, градна, слабинска и крсна (седална) компонента.[3]

Патот се вкрстува на ниво на ‘рбетниот мозок (commissura alba anterior medullae spinalis), за разлика од системот на дорзална колумна–медијален лемнискус и латералниот кортикоспинален пат кои се вкрстуваат на ниво на мозочното стебло. Тој е еден од трите патишта коишто го градат антеролатералниот систем (другите два се спиноретикуларниот пат и спинотекталниот пат).[4]

Структура[уреди | уреди извор]

Невронски поврзувања во спиноталамичниот пат.

Спиноталамичниот пат се состои од два главни дела:

  • Бочен (латерален) спиноталамичен пат, кој спроведува осет за болка и температура,
  • Преден (вентрален) спиноталамичен пат, кој спроведува осет за груб допир и притисок.

Спиноталамичниот пат користи неврони од прв, втор и трет ред за пренос на сетилната информација од периферијата до кората на големиот мозок. Во спиналните ганглии се наоѓаат клеточните тела на псевдоуниполарни неврони чии аксони ги спроведуваат акциските потенцијали од рецепторите во кожата до дорзалниот дел на ‘рбетниот мозок. Во задните рогови на ‘рбетниот мозок, аксонските краеви се разгрануваат надоле и нагоре во должина од околу еден до два ‘рбетни прешлени и заедно го чинат т.н. постеролатерален пат (tractus posterolateralis). Тие потоа градат синапси со неврони од втор ред или во Роландовата желатинозна супстанца (substantia gelatinosa cornu posterioris medullae spinalis) или во nucleus proprius medullae spinalis (laminae spinales III et IV).[3]

Аксоните на невроните од втор ред преминуваат на спротивната страна од ‘рбетниот мозок (се вкрстуваат) кај предната бела комисура (commissura alba anterior medullae spinalis) и влегуваат во предно-бочниот (антеролатерален) агол на ‘рбетниот мозок. Вкрстувањето обично се јавува во должина од 1-2 сегменти на спинални нерви над влезната точка. Потоа аксоните се искачуваат по должината на ‘рбетниот мозок до мозочното стебло, поточно до ростралната вентромедијална медула. Во мозочното стебло патот е дорзално поставен.

Невроните од втор ред градат синапси со неврони од трет ред во неколку таламични јадра, вклучувајќи ги nucleus mediodorsalis thalami, nucleus ventralis posterolateralis thalami и nucleus ventralis posteromedialis thalami. Од nucleus mediodorsalis thalami сигналот патува до цингуларниот кортекс (cortex cingularis), од nucleus ventralis posterolateralis thalami сигналот патува до примарниот соматосензорен кортекс и од nucleus ventralis posteromedialis thalami сигналот патува до инсуларниот кортекс (cortex insularis).

Преден спиноталамичен пат[уреди | уреди извор]

Предниот или вентрален спиноталамичен пат (tractus spinothalamicus anterior) е сместен во маргиналниот дел на предната врвца или сноп на ‘рбетниот мозок (funiculus anterior medullae spinalis) и малку е помешан со вестибулоспиналниот пат (tractus vestibulospinalis). Влакната на овој пат се од Аβ тип и тие спроведуваат сензорни информации за груб допир и притисок од рецепторите во кожата.

Бочен спиноталамичен пат[уреди | уреди извор]

Бочниот или латерален спиноталамичен пат (tractus spinothalamicus lateralis) е сместен во бочната врвца или сноп на ‘рбетниот мозок (funiculus lateralis medullae spinalis). Тој се состои главно од брзо-спроведувачки, ретко миелинизирани Аδ влакна и бавно-спроведувачки, немиелинизирани C влакна. Овие влакна спроведуваат сензорни информации за болка и температура до таламусот.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Anatomija centralnog z̆ivc̆anog sistema. Белград: Nauc̆na knjiga. 1960. стр. 167–168. На |first= му недостасува |last= (help)
  2. „The Ascending Tracts - DCML - Anterolateral - TeachMeAnatomy“. Посетено на 2021-07-05.
  3. 3,0 3,1 3,2 „Spinothalamic tract“. Kenhub (англиски). Посетено на 2021-07-05.
  4. Mendoza, John E. (2011). Kreutzer, Jeffrey S.; DeLuca, John; Caplan, Bruce (уред.). Encyclopedia of Clinical Neuropsychology (англиски). New York, NY: Springer. стр. 194–195. doi:10.1007/978-0-387-79948-3_704. ISBN 978-0-387-79948-3.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]