Шунка на 'ржан леб

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Шунка на 'ржан леб“ или „Сендвич со шунка“ (англиски: Ham on Rye) — роман на американскиот писател Чарлс Буковски од 1982 година. Романот ги опишува детството и младоста на измислениот лик Хенри Кинаски, а дејствието се случува во Лос Анџелес, во текот на 1920-тите и 1930-тите години. Инаку, книгата е посветена на „сите татковци“.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот се состои од 58 глави:

  • Глава 1 - 20: Романот почнува со сеќавањата на Хенри Кинаски за неговото рано детство, поминато во Германија (каде што се родил), за преселбата во Лос Анџелес, за баба му и дедо му, за несредените односи меѓу родителите итн. Хенри не го сакал училиштето, каде го избегнувал друштвото на другите деца, а и тие не го сакале него. По една тепачка, директорот на училиштето ги известил неговите родители и тогаш Хенри го добил првиот ќотек од татко му, кој потоа продолжил редовно да го тепа за најбанални причини. Кога започнала економската криза, татко му останал без работа, а Хенри станал свесен за сиромаштијата.[2]
  • Глава 21 - 28: Во средното училиште, Хенри учел во одделение составено од лоши ученици кои немале никаков интерес за наставата, а ниту наставниците не се труделе премногу. Во тој период, Хенри ги имал првите искуства со онанијата, пушењето и пиењето алкохол. Исто така, во тоа време станал опседнат со сексот. Пред да матурира, татко му го истепал за последен пат.[3]
  • Глава 29 - 45: По матурирањето, на инсистирање на татко му, Хенри се запишал во високо средно училиште во кое учеле богати ученици. Меѓутоа, во тој период му се појавиле силно изразени акни поради кои морал да се отпише од училиштето. Тогаш почнал да се лекува во градската болница, но лекувањето било прекинато кога татко му повторно нашол работа. Додека траело лекувањето, тој почнал да пишува, а во исто време се запишал во блиската библиотека и почнал интензивно да чита и така ги засакал книгите. И во новото училиште, Хенри бил многу фрустриран поради тоа што повеќето ученици потекнувале од богати семејства, како и поради тоа што девојките не покажувале никаков интерес за него поради проблемите со акните. Оттука, тој го избегнувал друштвото на другите ученици, па дури не присуствувал ниту на матурската забава. По завршувањето на големата матура, Хенри сфатил дека не го очекува никаков успех во иднина.[4]
  • Глава 46 - 58: По матурирањето, Хенри неочекувано бил примен на работа во стоковна куќа, но во една прилика се степал со еден купувач (поранешен ученик во средното училиште) и поради тоа добил отказ од работата. Долго време се обидувал да најде нова работа, но без успех и пиењето алкохол му било единственото задоволство. За некако да го исполни времето, се запишал во градскиот колеџ, но не покажувал никаков интерес за студиите по новинарство. Кога започнала Втората светска војна, тој се вклучил во дискусиите, бранејќи ги нацистите. Еден ден, татко му ги пронашол расказите кои ги напишал Хенри и ги исфрлил на улица, а Хенри решил дефинитивно да го напушти домот.[5]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Романот „Шунка на 'ржан леб“ може да се чита како вовед во претходните три автобиографски романи на Буковски: „Пошта“, „Фактотум“ и „Жени“, а тоа особено се однесува на „Фактотум“ кој претставува продолжение на „Шунка на 'ржан леб“. Инаку, насловот на романот има двојно значење: зборот „Ham“ значи шунка, но исто така и неуспешен глумец, т.е. дилетант кој премногу изведува на сцената со цел да го привлече вниманието врз себе; зборот „Rye“ упатува на'ржан леб, но исто така и на виски, кое се произведува од 'рж. Така, од една страна, „Ham on Rye“ може да се преведе како шунка на 'ржан леб, т.е. сендвич со шунка, како симбол на наједноставната храна на сиромашните луѓе во САД, а ова значење одговара на јазикот и стилот во романот. Од друга страна, насловот претставува алузија на пијанството на Буковски во младоста.[6]

Во овој роман, со посредство на главниот лик - Хенри Кинаски, Буковски се навраќа на своето детство и на младоста. Иако во книгата преовладуваат грубостите и натурализмот, сепак нежното и убавото како нежна нишка се провлекуваат низ провлекуваат низ неа. Во романот струи нешто исконско и вистинско, нешто што тера на сеќавање, на размислување и на споредување.[7] Низ горчината која извира од романот се пробива исклучителната дарба на Буковски да го насмее читателот и така да го приближи до себеси. Притоа, Буковски се служи со непосреден, еден вид „неопримитивен“ стил, без непотребни зборови, кој ја оживува стварноста од неговите спомени. Врвот на уметничкиот израз на Буковски е постигнат во живите, возбудливи дијалози во кои најмногу доаѓа до израз неговата писателска дарба. Како одраз на сето тоа, „Шунка на 'ржан леб“ се истакнува како најинтимната исповед на Буковски и како неговото најзрело дело.[8]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Čarls Bukovski, Bludni sin. Beograd: BIGZ, 1986.
  2. Čarls Bukovski, Bludni sin. Beograd: BIGZ, 1986, стр. 7-95.
  3. Čarls Bukovski, Bludni sin. Beograd: BIGZ, 1986, стр. 96-133.
  4. Čarls Bukovski, Bludni sin. Beograd: BIGZ, 1986, стр. 134-217.
  5. Čarls Bukovski, Bludni sin. Beograd: BIGZ, 1986, стр. 218-307.
  6. F. Rigonat, „Beleška o piscu“, во: Čarls Bukovski, Bludni sin. Beograd: BIGZ, 1986, стр. 309-310.
  7. Čarls Bukovski, Bludni sin. Beograd: BIGZ, 1986.
  8. F. Rigonat, „Beleška o piscu“, во: Čarls Bukovski, Bludni sin. Beograd: BIGZ, 1986, стр. 310.