Независна Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Карта на Илинденската организација на која е прикажана Македонија во нејзините географски и етнографски граници.

Независна Македонија била идејна концепција на Македонците, меѓу двете светски војни,[1] за решавање на македонското прашање преку создавање на самостојна македонска држава и претставува континуитет во македонското револуционерно движење и програмските определби на Македонската револуционерна организација, односно нејзината идеја за создавање на автономна Македонија. Концепцијата својата конечна форма ја добила со виенските разговори помеѓу ВМРО и Коминтерната за создавање на единствено македонско револуционерно движење и обединувањето на македонскиот народ околу идејата за Независна Македонија. Оваа концепција претставувала една нова определба, нова политичка и национална платформа на ослободувањето и обединувањ на Македонија во една наполно независна и самостојна политичка единица во нејзините природни, географски и етнографски граници во новите историски услови.[2][3]

Иднината на Македонија и Тракија[уреди | уреди извор]

Фамилијата на Тодор Александров покрај неговиот гроб со парола Преку голгота кон независна Македонија

Слоганот Независна Македонија се појавил по завршувањето на Првата светска војна и станува дел од идејните, концептуталните и програмските определби на Македонското национално движење и сите револуционерни огранизации што произлегле од оваа движење. Зачетокот на концепција може да се најде во опширната дискусија на Васил Коларов, која била прифатена од Шестата конференција на Балканската комунистичка федерација како резолуција под насловот Иднината на Македонија и Тракија. Оваа резолуциија призлегла од потребите за изградување на програмска платформа што ќе им одговара на интерсите на макеоднскиот народ и би послужила како рамковна платформа за предвидените разгови со Тодор Александров и ВМРО. Врз основа на оваа резолуција подоцна бил изграден идниот Мајски манифест.

Резолуцијата не се одликува со голема доследност во теоретскиот пристапк кон објаснувањето на макеоднскиот национален субјект, меѓутоа таа претставува голем чекор напред, особено точката два во која се вели:

Македонското население со години водеше херојска и тешка борба за национална слобода. Соперништвата... на соседните држави и омразата помеѓу различните макеоднски националности често водеа кон заеднички разурнувачки вијни, ја ослабуваа борбата против заедничкиот непријател, султанот и турските бегови, но никојпат не беа во можност да го разурнат убедувањето на Македонските Словени дека само автономна и обединета Македонија може да им осигура права и слобода на сите нејзини националности... Војните од 1912-1913 и 1915-1918, коишто завршија со делбата и економското уривање на Македонија, и со новото политичко ропство, само ги засилија аспирациите на населението за национална и политичка независност. Обединета и автономна Македонија е сега паролата на Македонците во сите делови на нивната Татковина која е покриена со урнатини. Под оваа парола тие ја организираат и ја водат борбата... Македонскиот народ во минатото беше ставен на толку тешки искушенија што тој никогаш повеќе нема желба да му се потчини на влијанието на своите пројатели и заштитници

— [4]

Мајска платформа[уреди | уреди извор]

Мајски манифест

Тодор Александров ја прифатил идејата за Независна Македонија сметајќи дека со таа концепција ќе се зачува интегритетот и неделивоста на Македонија, ќе се застане на патот на српско-грчките територијални претензии, а бугарската влада би го вратила Пиринскиот крај за да се создаде од Македонија независна држава под протекторат на големите сили [1]. Од виенските разговори помеѓу ВМРО и Коминерната произлегле четири документи, во еден од нив, односно во Протокол за обединување на македонското револуционерно движење од 1924 година, било истакнато:

... ослободителната револуционерна борба во Македонија при денешната балканска и меѓународна политичка положба, е можен само кога таа борба ќе биде положена врз следните основи: 1. Ослободување и обединување на распарчените делови на Македонија во една наполно независна и самостојна политичка единица, во нејзините природни етнографски и географски граници... Кога политичкото постоење на независна Македонија ќе биде гарантирано од сојузот на самостојно определените балкански народи во една Балканска федерација, која единствено може да ги парализира анексионистичките стремежи на балканските и европските држави, да го осигура правилното разрешување на сите нацианални спорови и да го гарантира културниот развиток на сите етнографски малцинства.[5]

Во Мајскиот манифест меѓу другото било истакнато дека:

Македонија, во своите природни географски граници меѓу реката Места, планините Родопи, Рила и Шар, реката Дрим, Охридското Езеро, планината Грамос, реката Бистрица и Егејското Море, со едно пространство од 65.000 кв. километра, пресечена од реките Места, Струма, Вардар, Дрим, Бистрица и надарена со најразнообразни природни богатства и благопријатни климатски услови; со своето 2.302.000 население, рознооброзно по својот етнографски состав, со својата централна економска и стратегиска положба на Балканите, меѓу басените на реката Дунав, Егејското и Јадранското Море - ги има сите услови и права за самостојно палитичко постоење, како независна држава што се управува самостојно, која ќе послужи како обединувачка, политичка и економска алка меѓу народите и државите на Балканското Полуострово... учеството на македонското население во сите востанија и револуционерни движења; содејството што беспрекидно, во сите војни на Балканите, им го даваше на земјите што се јавуваа да се борат во имета на ослобадувањето и самоопределувањето на балканските народи, - е најочигледниот доказ за правата и свеста на македонскиот народ да биде една самостојна политичка единица на Балканите... По однос на Бугарија ВМРО изјавува дека и покрај сите жртви, што бугарскиот народ ги давал и е готов да ги даде за слободата и независноста на Македонија, денешната бугарска влада на Цанков, во расчекор со чувствата и интересите на својот народ, води една политика јавно антимакедонска и антибугарска, една политика јавно србофилска, која не само шта ја овековечува делбата на Македонија туку подготвува нови територијални прекројувања на Балканите за сметка на Македонија...

Меѓутоа Тодор Алексанров се откажал од виенските разговори и потпишаните договори по што набргу уследило и неговото убиство, а Централниот комитет на ВМРО продолжил со негирањето на мајската платформа.

ВМРО (Обединета)[уреди | уреди извор]

По смрта на Александров доаѓа до обединување на сите организции од македонското револуционерно движење кои ја прифатиле мајската платформа. Отука била создаден ВМРО (Обединета) чија цел била:

Да се развива засилена пропагнада и агитација меѓу макеоднскиот народ, без разлика на националностите што го сочинуваат, за неговото организирање за револуционерна борба, чијашто цел е ослободување и обединување на Македонија во едно политичко цело, независна македонска република, и нејзино федерирање со други слободни национални републики - за изградба на Балканска федерација... Да ја засили својата пропаганда и агитација во туѓина меѓу работните маси и прогресивното општествено мислење, како и сред македонската и балканската емиграција за независна Македонија и Балканска федерација

— [6]

ВМРО (Обединета) имала еволутивен став во однос на македонското национално прашање. Од првичните ставови за етничкиот состав на населението на Македонија како шаренило на народи (Бугари, Грци, Срби итн.), подоцна станале доминантни ставовите дека Македонците се посебен народ (нација) и со посебен јазик.

Причини за борбата за Независна Македонија[уреди | уреди извор]

Кокарда на ВМРО
Расписка на ЦК на ВМРО на која јасно се гледа лозунгот Слобода или смрт и Независна Македонија

ВМРО на Иван Михајлов и покрај фактот што се откажале од мајската платформа сепак не ја отфрлиле идејата за Независна Македонија, односно создавање на една независна самостојна македонска држава која подоцна би можела да влезе во рамките на поширока балканска федерација. Меѓутоа Иван Михајлов и неговите соистомисленици направиле значајна отстапка од мајската платформа, всушност тие се вратиле на стартото видување дека македонска нација не постои, а македонскиот народ се состои од Бугари, Срби, Грци, Албанци, Турци и др. Овие погледи може да се видат во тезата Зошто се борам за Независна Македонија, изработена од Ванчо Михајлов, а најверојатно и од Јордан Чкатров, основа за идната брошура Македонија - Швајцарија на Балканот, во која било истакнато:

... Идејата за независност стои повисоко од сите други становишта во врска со Македонија, затоа што таа не е егоцентрична. Таа води сметка како за Македонија така и за нејзините соседи, вклучувајќи ги тука и оние што ја угнетувале. Македонските борци прибегнале до една творечка идеја, којашто му дава воздух и отвора перспективи за болниот и тревожен Балкан. Средстаата за остварување на оваа идеја се тука; аргументите во нејзина одбрана се толку јасни и убедливи; минатото и сегашноста ги нудат во изобилство, иднината ги предочува на секого. Потребна е само добрата волја на соседите и на подалечните фактори... Потполно е јасно зошто Македонците порано зборуваа за автономија. Во тоа време цела Македонија се наоѓаше под турска власт; таа можеше, според тоа, да егзистира цела во граииците на турската држава, при автономен режим. Меѓутоа, по 1912 година, можеше да се бара само независност. Ставена беше под власта на три различни режими, во три одделни држави, распарчена како еден вид мала Полонија (Полска). При таквата нејзина положба, таа не би располагала ниту со целата своја територија, ниту со својот морски брег, ниту со своите трговски патишта. Не би го носела ниту своето име во трите нејзини делови - на едно место би била Северна Грција, на друго - Јужна Србија итн... Кон посочените тука идеи македонското движење се придржува повеќе од половина век. Тие се поддржуваат од сите ослободителни кругови во странство. Мислиме дека идејата за независна Македонија и за балканско помирување треба да биде уште поприфатлива денес, кога така упорно се разгледува потребата од мир и единство во цела Европа.

Михајлов поимот автономна го заменил со поимот независна Македонија во која живеат Бугари. Негова стратегиска цел била создавање на Македонија како втора бугарска држава.[белешка 1][белешка 2]

Други организации[уреди | уреди извор]

Покрај ВМРО, овој слоган бил прифатен од голем број на организаци и друштва во македонското револуционерно движење. Весникот на организацијата на македонските бегалци во Бугарија се нарекувал Независна Македонија. Во воведната статија на неговиот прв број било наведено дека легалната борба има за цел издигне на Македонија во нејзините географически и економски граници во независна држава

Современост[уреди | уреди извор]

Денес во Република Македонија, политичката платформа за Независна Македонија, се третира како важна етапа во борбата на македонскиот народ за создавање на своја сопствена држава. Отука се преземени неколку чекори за одбелжување на овој значаен симбoл од историјата на македонската нација.

Во Скопје, односно во општината Центар е изградена спортска сала со името Независна Македонија, а на левиот брег на реката Вардар во тек е изградба на колонадата која ќе го носи името „Независна Македонија“. Станува збор за изградба на амфитеатар со античка колонада. Како дел од градбата ќе се постават девет скулптури музи и два лава [7].

Белешки[уреди | уреди извор]

  1. Под притисок на македонската национална мисла, која веќе направила голем исчекор, Михајлов бил принуден да ги брани своите пробугарски ставови и на прашањето: Македонците посебна народност ли се, па не сакаат да останат во границите на денес постоечките балкански држави?" Тој одговорил дека: Мислењето за независна Македонија нема антибугарска насоченост, бидејќи не постои посебна македонска националност, македонските Словени се Бугари и дел од духовното целина на бугарската нација, а македонскиот народ е географска и политичка поим. Со него се определува населението, што ќе опфаќа идната македонска држава.
  2. Тезите за непостоењето на Македонскиот народ изработени во Македонија - Швајцарија на Балканот, денес се користат од разни бугарски и пробугарски организации и друштва за ширење на содржини од пропаганден карактер

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 в. „Македонска трибуна“, бр.18, 02.08.1945, стр. 1[мртва врска]
  2. Протокол за обединување
  3. Мајски манифест
  4. Иван Катарџиев, По врвците на македонската историја, Култура, Скопје, 1986
  5. Протокол за обединување на македонското револуционерно движење од 1924 година
  6. Иван Катарџиев, По врвците на македонската историја, Култура, Скопје, 1986
  7. „Античка колонада „Независна Македонија". Архивирано од изворникот на 2011-10-02. Посетено на 2011-10-05.