Суматрански носорог: Разлика помеѓу преработките

Од Википедија — слободната енциклопедија
[непроверена преработка][непроверена преработка]
Избришана содржина Додадена содржина
с Бот Додава: et:Sumatra ninasarvik
Ред 179: Ред 179:
[[ru:Суматранский носорог]]
[[ru:Суматранский носорог]]
[[simple:Sumatran Rhinoceros]]
[[simple:Sumatran Rhinoceros]]
[[sr:Суматрански носорог]]
[[sv:Sumatranoshörning]]
[[sv:Sumatranoshörning]]
[[th:กระซู่]]
[[th:กระซู่]]

Преработка од 02:03, 28 јануари 2010

Суматрански носорог
Суматрански носорог во зоолошката градина во Бронкс
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Цицачи
Ред: Perissodactyla
Семејство: Rhinocerotidae
Род: Dicerorhinus
Вид: D. sumatrensis
Научен назив
Dicerorhinus sumatrensis
(Fischer, 1814)[2]
Sumatran Rhino rangeНационален парк Таман НегараРезерват ТабинНационален парк Гунунг ЛеусерНационален парк Керинци СеблатНационален парк Букит Барисан СелатанНационален парк Веј Камбас
Sumatran Rhino range
Распространетост на Суматранскиот носорог. Денес го среќаваме само на местата означени со црвено.[3]
Подвидови

Dicerorhinus sumatrensis harrissoni
Dicerorhinus sumatrensis sumatrensis
Dicerorhinus sumatrensis lasiotis

Суматранскиот носорог (Dicerorhinus sumatrensis) е член на фамилијата Rhinocerotidae и е еден од петте преживеани видови на носорози. Овој вид е најмалиот носорог со висина на рамениците од 120-140 сантиметри, должина од 250 сантиметри и тежина од 500 до 800 килограми. Како и африканските видови на носорози, и овој вид има два рога. Предниот рог е поголем и најчесто е со должина од 15-25 сантиметри, додека другиот рог претставува само никулец. Телото на овој носорог е прекриено со црвенкасто-кафеаво крзно.

Единките од овој вид во минатото биле распространети во мочуриштата, дождовните шуми и облачните шуми во Индија, Бутан, Бангладеш, Мјанмар, Лаос, Тајланд, Малезија, Индонезија и Кина (во југозападниот дел односно Сичуан) [4][5]. Овие животни се критично загрозени бидејќи има само шест значајни популации во дивината: четири во Суматра, една во Борнео и една на Малезискиот полуостров. Многу е тешко да се процени нивната точна бројка поради тоа што Суматранскиот носорог е самотно животно кое се движи на големи пространства. Сепак според некои проценки, бројката на единки се движи околу 300. Намалување на популациите најмногу се должи на ловокрадството поради нивните рогови кои се доста ценети во традиционалната кинеска медицина. На црниот пазар достигнуваат цена од 30 000 американски долари за еден килограм[6]. Закана претставува и загубата на природното живеалиште, односно унишување на шумите за содавање земјоделски површини.

Суматранскиот носорог е самотно животно освен за време на сезоната за парење и при одгледувањето на младенчињата. Ова е највокален вид од сите носорози но исто така комуницираат и со оставање белези на почвата и оставање измет. Суматранскиот носорог е многу повеќе проучуван од сличниот Јавански носорог, најмногу поради програмата со која 40 суматрански носорози се чуваат во заробеништво со цел зачувување на видот. Оваа програма била прогласена за катастрофа, откако повеќето носорози умреле и не дале потомство речиси 20 години.

Таксономија

Првиот документират суматрански носорог бил застрелан на 16 километри од Бенгкулу, близу до западниот брег на Суматра во 1793 година. Цртежи од ова животно и запишани описи биле испратени на натуралистот Јосеф Банкс (Joseph Banks), тогашен претседател на Лондонското кралско друштво. Уште истата година бил објавен научен труд за овој вид. Сепак, дури во 1814 година, овој вид ќе доби научно име, кое го дал Јохан Фишер вон Валхејм (Johann Fischer von Waldheim), германски научник и управник на Дарвиновиот музеј во Москва, Русија [7][8].

Научното име Dicerorhinus sumatrensis доаѓа од грчките зборови δι (ди, што значи „два“), κέρας (церо, што значи „рог“) и ρινος (ринос, што значи „нос“)[9] . Sumatrensis е добиено од Суматра, остров во Индонезија на кој првично биле отркиени овие носорози[10]. Карл Лине најпрво ги класифицирал овие животни во родот Rhinoceros (го имале името Rhinoceros sumatrensis). Џошуа Брукс (Joshua Brookes) сметал дека дво-рогиот суматрански носорог не треба да биде во ист род со носорозите кои имаат само еден рог, па во 1828 година го формира новиот род Didermocerus. Во 1841 година Константин Вилхелм Ламберт Глогер (Constantin Wilhelm Lambert Gloger) го предлага името Dicerorhinus, а во 1868 Џон Едвард Греј (John Edward Gray) го предлага името Ceratorhinus. Иако нормално се употребува името кое е прво предложено, во 1977 година Интернационалната комисија за зоолошко именување утврдила дека за овој посебен вид ќе се употребува името Dicerorhinus[11][2].

Постојат три подвида на Суматранскиот носорог:

  • D.s. sumatrensis, познат како Западен суматрански носорог. Од овој подвид се останати само 275 носорози, најмногу во западна Суматра. Околу 75 единки живеат на Малајскиот полуостров. Најголема закана за овој подвид претставува уништувањето на природното живеалиште и ловокрадството. Постои мала генетска разлика помеѓи Западниот и Источниот Суматрански носорог[12]. Носорозите од малајскиот полуостров во минатото биле познати како D.s. niger, но подоцна било утврдено дека всушност се слични со западниот подвид[2].
  • D.s. harrissoni, познат како Источен суматрански носорог или Носорог од Борнео. Денес се смета дека се останати само 25 единки од овој подвид. Познатата популација живее во Сабах, Борнео. Постојат и непотврдени информации за животни во Саравак и Калимантан [13]. Овој подвид го добил името по Том Харисон (Tom Harrisson) кој ги проучувал овие животни во 1960тите[14]. Источниот подвид е значително помал од останатите два подвида на суматрански носорог[2].
  • D.s. lasiotis, познат како Северен суматрански носорог. Во минатото бил распространет во Индија и Бангладеш но денес е изумрен во овие региони. Непотврдени извори, укажувааат на мала преживеана популација во Бурма, но истражувањата се оневозможени од политичката ситуација во оваа земја[15]. Името lasiotis е добиено од грчки и значи „влакнести уши“. Подоцна биле утврдено дека влаканта на ушите не се поголеми од тие на останатите подвидови но сепак овие животни останале како посебен подвид поради тоа што се значително поголеми од останатите[2].

Еволуција

Предците на носорозите се одвоиле од останатите парнокопитни животни за време на раниот Еоцен. Според извршените анализи на митохондриална ДНК, предците на денешните носорози се одвоиле од предците на фамилијата Equidae пред околу 50 милиони години[16][17]. Преживеаната фамилија, Rhinocerotidae за прв пат се појавила во Евроазија за време на доцниот еоцен, а потоа овие животни се распространиле низ Азија во почетокот на миоцен [18][6].

Суматранскиот носорог се претпоставува дека е последниот вид кој се одвоил од миоценските предци, бидејќи има најмногу слични карактеристики со нив[6]. Палеонтолошки докази во форма на фосилни остатоци, укажувааат дека родот Dicerorhinus е присутен од раниот миоцен, односно од пред 23-16 милиони години. Молекуларното одредување на старост укажува дека овој род се довоил од останатите преживеани носорози пред 25,9 ± 1,9 милиони години. Предложени се три хипотези за врските помеѓу суматранскиот носорог и останатите преживеани рода. Едната хипотеза тврди дека суматранскиот носорог е близок со Црниот и Белиот носорог, поради тоа што има два рога наместо еден[16]. Други истражувачи го сметаат суматранскиот носорог за сестрински таксон на Јаванскиот и Индискиот носорог поради тоа што имаат слична распространетост[16][19]. Трета група на истражувачи се служат со последните анализи и тврдат дека двата Африкански вида, двата Азиски вида и Суматранскиот носорог всушност претставуваат три лози кои се одвоиле пред околу 2,9 милиони години, но сѐ уште не е јасно која од овие групи се издвоила прва[16][20].

Поради морфолошките сличности, Суматранскиот носорог се смета да близок роднина на изумрениот Влакнест носорог (Coelodonta antiquitatis). Влакнестиот носорог, наречен така поради крзното кое му го прекрива телото за прв пат се појавил во Кина, и до доцниот плеистоцен веќе бил распространет низ целиот Евроазиски континент од Кореја до Шпанија. Влакнестиот носорог го преживеал последното ледено доба, но како и влакнестиот мамут изумреле пред околу 10 000 години. Иако според некои морфолошки анализи постои сомневање во поврзаноста на овие два носорози[20], сепак последните молекуларни анализи потврдуваат дека ова се сестрински таксоми[21]. Многу фосили се класифицирани како членови на Dicerorhinus но сепак во него спаѓа само еден преживеан вид – Суматранскиот носорог[22].

Карактеристики

Скелет на суматрански носорог

Возрасен суматрански носорог до рамениците има висина од 120-145 сантиметри, должината на телото изнесува околу 250 сантиметри и тежи помеѓу 500 и 800 килограми. Најтешките единки, кои претежно се оние во заробеништво, достигнуваат и до 1000 килограми. Како и африканските видови, и суматранскиот носорог има два рога. Поголемиот е со просечна должина од 15-25 сантиметри, но сепак најдолгиот регистриран рог бил со должина од 81 сантиметар[23]. Вториот рог е доста помал, најчесто со должина помала од 10 сантиметри. Поголемиот рог е познат како носен или преден, а помалиот како челен рог[22]. Роговите имаат темно сива или црна боја. Иако мажјаците имаат малку поголеми рогови од женките, сепак не се забележува полов диморфизам. Животниот век на суматранскиот носорог во дивината се проценува на 30-45 години. Во заробеништво најдолг живот имала женка од Лондонската зоолошка градина, која умрела во 1900 година на возраст од 32 години и 8 месеци[22].

Кожата на носорогот е тенка, самао 10-16 милиметри, и во дивината носорозите немаат поткожно сало. Крзното може да биде доста густо (најчесто кај младенчињата) или прилично ретко, најчесто со црвенкасто-кафена боја. Во дивината е тешко да се набљудува крзното на овие животни бидејќи речиси секогаш се прекриени со кал. Во заробеништво крзното е доста подолго и погусто. Суматранскиот носорог има прамени од долги влакна околу ушите и густ влакнест дел на врвот на опашката. Како и останатите носорози, имаат многу слаб вид. Суматранскиот носорог е доста агилен и брз, може лесно да се качува по планини и лесно поминува низ тревести падини и речни брегови[10][23][22].

Распространетост и живеалиште

Во Националниот парк Таман Негара живее единствена позната голема популација на суматрански носорози.
Облачна шума во Сабах, Борнео

Суматранскиот носорог населува и низини и планински предели, односно мочуришта, дождовни шуми и облачни шуми. Најчесто се населува во ритски предели близу до вода, во кои има пасишта. Во минатото суматранскиот носорог го населувал целиот простор помеѓу северна Бурма, источна Индија и Бангладеш. Непотврдени извори тврдат дека живеел и во Камбоџа, Лаос и Виетнам. Денес, сите преживеани единки од овој вид живеат во Малезија, на островот Суматра и Сабах, Борнео. Некои истражувачи се надеваат дека сѐ уште има мали преживеани популации во Бурма, иако ова се смета за речиси невозможно. Поради политичката состојба во Бурма, не може да се изведат истражувања за можни преживеани популации[24].

Суматранскиот носорог е прилично распрскан низ регионите на неговата распространетост, многу повеќе од било кој друг азиски носорог, што го прави уште потешко неговото истражување и пребројување на популациите[24]. Постојат само шест региони во кои се знае дека има средни популации од овој носорог: Националниот парк Букит Барисан Селатан, Националниот парк Гунунг Леусер, Националниот парк Керинци Себлат и Националниот парк Веј Камбас на Суматра, Националниот парк Таман Негара на Малаја, и Резерватот за диви животни Табин во Сабах, Малезија на островот Борнео[25][6].

Генетските анализи на популациите на суматранскиот носорог укажале на постоење на три лози[8]. Носорозите од источна Суматра и Малаја се многу поблиски отколку носорозите од другата страна на планините Барисан во западниот дел на Суматра. Носорозите ос источна Суматра и Малаја имаат многу мали генетски варијации поради што се претпоставува дека овие две лози не се одвоиле за време на плеистоценот. И двете популации се толку блиски што без проблем можат да се размножуваат. За разлика од нив носорозите од Борнео се доста различни, па не е препорачливо да има мешање на оваа лоза со двете останати[8]. Генетичарите почнале да ја проучуваат разноврсноста на гените во овие популации преку идентификација на микросателити.

Однесување

Суматранските носорози се самотни животни, освен за време на сезоната за парење и при одгледувањето на младенчињата. Мажјаците имаат територии од 50 km2, а женките од 10–15 km2[10]. Териториите на женките се одовоени едни од други, додека тие на мажјаците често се препокриваат. Нема докази дека суматранските носорози ги бранат овие територии. Териториите ги означуваат со бележење на земјата со нозете, виткајќи фиданки на карактеристичен начин, и оставајќи измет. Суматранскиот носорог е најактивен кога јаде, најчесто во зората или веднаш по самракот. За време на денот, носорогот се валка во басени со кал за да се олади и одмори. За време на влажната сезона тие се селат кон региони со поголема надморска височина, а во потоплите месеци се врќаат во рамнините[10].

Суматрански носорог се валка во кал во зоолошката градина во Синсинати.

Носорогот поминува голем дел од ден валкајќи се во кал. Ако дупките со кал се недостапни, тој ги продлабочува барите употребувајќи ги стапалата и роговите. Ова валкање во кал му помага на носорогот да ја одржи температурата на телото и да ја заштити кожата од ектопаразити и други инсекти. Единките кои живеат во заробеништво и немаат адекватни бари со кал многу брзо кожата им се воспалува или крши, имаат проблеми со очите, воспалени нокти, губење на крзното и се случува да умрат. Според одредени истражувања, носорогот употребува само три бари со кал во исто време. После 2-12 недели користење на една бара, тој ја напушта. Најчесто носорозите се валкаат во калта 2-3 часа во денот пред да одат во потрага по храна. Иако суматранските носорози во зоолошките градини се валкаат во кал помалку од 45 минути дневно, во дивината овој ритуал се изведува помеѓу 80 и 300 минути дневно (во просек 166 минути) [26].

Многу е тешко да се проучува епидемиологијата на суматранскиот носорог. Во 19тиот век било како причина за смрт на единки во заробеништво се наведени крлежи и Gyrostigma (род паразити) [23]. Познато е и дека суматранскиот носорог е подложен на болеста сура која се шири со помош на коњската мува која ги разнесува паразитите trypanosomatida. Во 2004 година сите пет суматрански носорози од центарот за заштита, умреле во период од 18 дена откако биле инфицирани со оваа болест[27]. Суматранскиот носорог нема други предатори осен човекот. Тигрите и дивите кучиња можно е да се способни да убијат младенче од носорог, меѓутоа овие млади секогаш се во близина на мајката, па нема информации за фрекфенцијата на ваквите напади. Иако живеалиштето на суматранскиот носорог се препокрива со живеалиштето на слонот и тапирот, овие видови не си претставуваат конкуренција во барањето храна. Слонот (Elephas maximus) и суматранскиот носорог дури и ги користат истите патеки, а потоа помалите видови како елени и вепари исто така ги користат овие патеки направени од носорозите и слоновите[28][10].

Суматранските носорози имаат патеки низ целиот регион каде што се распространети. Посотјат два вида на патеки. Главните патеки, се употребувааат со генерации и поврзуваат важни региони како местата каде што се снабдуваат со сол или региони кои се одвоени со непроодна вегетација. Во регионите каде што се хранат, носорозите прават помали патеки на кои сѐ уште има вегетација. Откриени се патеки на суматрански носорози кои преминуваат преку реки длабоки 1,5 метра и широки околу 50 метри. Струјата во овие реки не претставува проблем за носорозите бидејќи тие се одлични пливачи[22][23]. Доколку нема бари со кал во билзина на реките, суматранскиот носорог може да ги заменат со лежење во водата во реките[28].

Исхрана

Суматранскиот носорог се храни со најразлични видови растенија, меѓу кои: Mallotus, Мангостин, Ardisia, и Eugenia.[28][29]

Носорозите најчесто се хранат пред стемнување и рано наутро. Суматранскиот носорог се храни со млади фиданки, листови, плодови и гранчиња[22]. Носорогот конзумира околу 50 килограми храна дневно[10]. Првично, со мерење извршено во изметот на носорогот, биле отркиени повеќе од 100 различни видови храна. Најмногу се храни со фиданки со дијаметар од 1-6 сантиметри. Повеќето од растенијата со кои се храни носорогот ги има само во мала количина, што ни укажува дека овие животни многу често ја менуваат исхраната и се хранат на различни локации[28]. Најчеста храна се многу видови од фамилиите Euphorbiaceae, Rubiaceae и Melastomataceae, но сепак најмногу се храни со Eugenia[29].

При ваквата исхрана суматранскиот носорог внесува голема количина на хранливи влакна а само средна количина на протеини[30]. Честото снабдување со сол е многу важно за исхраната на овие животни. Некои суматрански носорози живеат во региони каде нема вакви места за конзумирање сол, па тие се снабдуваат со потребните минерали преку конзумирање растенија кои се богати со минерали[29][28].

Размножување

Женките стануваат секусално зрели на возраст од 6-7 години, а мажјаците кога имаат одприлика 10 години. Времетраењето на бременоста кај носорозите е 15-16 месеци. Младенчето кое тежи помеѓу 40 и 60 килограми, прекинува со цицање после 15 месеци, но останува со мајката во првите 2-3 години. Во дивината, временскиот интервал помеѓу две породувања се проценува на 4-5 години. Одгледување на младите во дивината досега не е проучувано[10].

Размножувањето кај овој вид на носорози е проучуван кај единките во заробеништво. Пред парењето има ритуали како зголемена вокалност на идивидуите, подигање на опашката, зголемен физички контакт и и мажјаците и женките ја користат муцката за да ги удираат другите единки до главите и гениталиите. Процесот на додворување е сличен со тој на црниот носорог. Младите суматрански носорози многу често се премногу агресивни кон женките, па се случува да ги повредат или убијат за време на додворувањето. Во дивината, женките можат да избегаат од премногу агресивните мажјаци, што не е возможно во затворените простори во зоолошките градини. Оваа немоќ да избегаат се смета дека е дел од причините за малата стапка на размножување во заробеништво[31][32][33].

Носорозите во зоолошката Синсинати се парат во просек по 30-50 минути, додека кај носорозите во реерватот во Малезија парењето трае пократко. Бидејќи Зоолошката градина Синсинати имала неколку усшешни бремености се смета дека долгото парење е природно однесување[31]. Иако истражувачите откриле неколку зачнувања, сепак сите бремености биле прекинати од различни причини, се до првото раѓање на суматрански носорог во заробеништво во 2001 година. Одредени студии укажуваат дека овулацијата кај суматранскиот носорог е поттикната од парењето и има непредвидливи нивоа на прогестерон[34]. Во 2001 година, конечно успеале да ја одржат бременост со тоа што женката добивала дополнителен прогестин[35].


Заштитен статус

Во минатото суматранскиот носорог бил многуброен во jугоисточниот дел на Азија. Денес се проценува дека се останати само околу 300 единки. Иако не е толку редок како Јаванскиот носорог, сепак е многу поподложен на ловокрадство и намалување на природното живеалиште. Неговите популации се мали и поделени. Популацијата на јавански носорози во Уџунг Кулон се смета дека е доста стабилна, за разлика од популациите на суматранскиот кои се верува дека се во постојан пад. Класиран е како критично загрозен вид, најмногу поради опасноста од недозволен лов и уништувањето на дождовните шуми во кои живее. Најголемиот дел од преостанатите живеалиште се во непристапните планински региони во Индонезија [36][37].

Ловокрадството на суматранскиот носорог, иако е помало од ловокрадството на африканските видови на носорози (барем по бројот на убиени животни), е голема причина за загриженост бидејќи според некои шпекулации доколку видот изумре, цената на неговиот рог која моментално изнесува околу 30 000 долари за килограм[6] драматично би се зголемила. Суматранските носорози никогаш не биле интензивно ловени од европските ловци. Овие носорози е доста тешко да се набљудуваат и да се ловат директно, па ловците употребуват специјални стапици. Во 1970тите, документирани се повеќе начини на употреба на делови од телото на носорогот од страна на локалното населние. Роговите се употребуваат како амајлии и се верува дека штитат од отрови. Суво месо од носорог се користи како лек за дијареа, туберкулоза и лепра. „Масло од носорог“, смеса добиена од кокосово масло во кое неколку недели седел череп од носорог се користи за лечење кожни болести. Степенот на верување и користење на овие практики е непознат[28][23][24]. Во минатото се верувало дека рогот е афродизијак, но всушност не е забележано таква употреба од страна на традиционалната кинеска медицина[6].

Дождовните шуми во Индонезија и Малезија во кои живее суматранскиот носорог, се исто така загрозени од незаконско сечење. Во овие шуми растат ретки дрва како Intsia bijuga, Shorea и Palaquium кои на меѓународните пазари имаат цена од 1800 долари за m3.

Заробеништво

Иако се ретки, суматранските носорози повремени биле присутни во зоолошките градини во последните 150 години. Во 1872 година два суматрански носорози биле сместени во Лондонската зоолошка градина. Еден од нив, женка со има Бегум, била фатена во Читагонг во 1868 година и живеела во золошката до 1900тата година, со што го држи рекордот за најдолг живот во заробеништво. Во овој период, Филип Склатер (Philip Sclater), секретар во Зоолошкото друштво од Лондон, тврдел дека првиот суматрански носорог бил присутен во колекцијата на Зоолошката градина во Хамбург од 1868 година. Пред изумирањето на подвидот Dicerorhinus sumatrensis lasiotis, најмалку седум примероци биле чувани во зоолошките и циркузите [23]. Сепак, суматранските носорози не напредувале надвор од нивното природно живеалиште. Носорог од зоолошката градина во Калкута, имал успешно породување во 1889 година, но за време на целиот 20ти век ниту еден носорог не бил роден во зоолошките градини ширум светот. Во 1972 година починал последниот суматрански носорог кој живеел во зарбеништво, во зоолошката градина во Копенхаген [23].

И покрај тоа што размножувањето на овие животни немало голем успех, во раните 1980ти години била почната програма за размножување на суматранскиот носорог во заробеништво. Помеѓу 1984 и 1996 година, со оваа ex situ заштитна програма, биле транспортирани 40 суматрански носорози од нивното природно живеалиште во зоолошки градини и резервати низ светот. Сепак и покрај големите очекувања, до 1990тите ниту еден носорог не бил роден, по што повеќето се сложиле дека оваа програма била неуспех. Во 1997 година, специјалисти од МСЗП за азиски носорози, изјавиле дека програмата била тотален неуспех дури и во „одржувањето на видот во дозволени лимити на смртност“ бидејќи, освен што немало раѓање на млади носорози туку и 20 од носорозите во заробеништво умреле [24][6]. Во 2004 сите суматрански носорози кои биле во заробеништво на полуостровот Малезија изумреле како резултат на болеста сура, што ја намалила популацијата на осум иднивидуи [27][37].

Седум од овие носорози биле пратени во САД (другиот останал во Азија), но до 1997 година, останале само три: женка во зоолошката градина во Лос Анџелес, мажјак во зоолошката градина во Синсинати, и уште една женка во зоолошката градина во Бронкс. Како последен напор, трите носорози биле обединети во Синсинати. После многу години неуспешни обиди, женката од Лос Анџелес, Еми, затруднела по шести пат. Сите пет претходни бремености биле неуспешни. Истражувачите поучени од претходните искуства, со помош на дополнителни хормонски терапии успеале да ја одржат бременоста и Еми во септември 2001 година родила млад мажјак кој го добил името Андалас (индонeзиски збор за Суматра) [38]. Андаласовото раѓање било првото успешно раѓање на суматрански носорог во 112 години. Потоа на 30ти јули 2004 година, се родила и Суци [39]. На 29 април 2007 година, Еми се породила по трет пат, носејќи го на свет Харапан (или Хери) [40][35]. Во 2007 година, Андалас кој дотогаш живеел во зоолошката градина во Лос Анџелес, бил вратен во Суматра за даучествува во програмите за размножување со здрави женки [41][33].

И покрај неодамнешниот успех во Синсинати, овие програми остануваат контроверзни. Поборниците за овие програми сметаат дека е постигнат успех со проучувањето на репродуктивните навика, подигањето на јавната свест за носорозите и добирање финанскиска помош за заштитните програми во Суматра. Противниците на овие програми сметаат дека загубите се преголеми, програмата е премногу скапа и дека популациите во заробеништво не можат да се споредат со степенот на закрешнување на носорозите во добро-заштитените природни живеалишта [33][6].

Во културата

Цртеж од суматрански носорог (1927 година)

Постојат бројни приказни и верувања за суматранскиот носорог кои се собрани од натуралистите и ловците за време на средина на 1800тите и раните 1900ти. Во Бурма, се верува дека суматранскиот носорог јаде оган. Приказните опишуваат носорог кој го следи чадот до неговиот извор, поготово до логорски оган, и потоа го напаѓа кампот. Исто така постои верување и дека најдобро време да се ловат овие носорози е во јули кога тие се собираат под полната месечина. Во Малаја се зборувало дека рогот на носорогот е шуплив и дека може да се користи еден вид црево за дишење под вода. Во Суматра и Малаја некогаш се верувало и дека рогот паѓа секоја година, а носорогот го закопува во земјата.


Референци

  1. Dicerorhinus sumatrensis. IUCN Red List. Version 2008. International Union for Conservation of Nature. 2008. Посетено на 28 ноември 2008.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Предлошка:Цитирано списание
  3. Derived from range maps in:
    • Foose, Thomas J. and van Strien, Nico (1997), Asian Rhinos – Status Survey and Conservation Action Plan, IUCN, Gland, Switzerland, and Cambridge, UK, ISBN 2-8317-0336-0
      and
    • Предлошка:Цитирана книга
      Оваа мапа не ги вклучува непотврдените тврдења за распространетост во Лаос и Виетнам во минатото.
  4. The Art of Rhinoceros Horn Carving in China (1999), p. 27. Jan Chapman. Christie’s Books, London.
  5. The Golden Peaches of Samarkand: A study of T’ang Exotics (1963), p 83. Edward H. Schafer. University of California Press. Berkeley and Los Angeles. First paperback edition: 1985.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 6,5 6,6 6,7 Предлошка:Цитирана книга
  7. Предлошка:Цитирана книга
  8. 8,0 8,1 8,2 Предлошка:Цитирано списание
  9. Предлошка:Цитирана книга
  10. 10,0 10,1 10,2 10,3 10,4 10,5 10,6 Предлошка:Цитирана книга
  11. International Commission on Zoological Nomenclature (1977). "Opinion 1080. Didermocerus Brookes, 1828 (Mammalia) suppressed under the plenary powers". Bulletin of Zoological Nomenclature, 34:21–24.
  12. Asian Rhino Specialist Group (1996). Dicerorhinus sumatrensis ssp. sumatrensis. 2007 IUCN Red List of Threatened Species. IUCN 2007. Retrieved on 13 јануари, 2008.
  13. Asian Rhino Specialist Group (1996). Dicerorhinus sumatrensis ssp. harrissoni. 2007 IUCN Red List of Threatened Species. IUCN 2007. Retrieved on 13 јануари, 2008.
  14. Предлошка:Цитирано списание
  15. Asian Rhino Specialist Group (1996). Dicerorhinus sumatrensis ssp. lasiotis. 2007 IUCN Red List of Threatened Species. IUCN 2007. Retrieved on 13 јануари, 2008.
  16. 16,0 16,1 16,2 16,3 Предлошка:Цитирано списание
  17. Предлошка:Цитирано списание
  18. Предлошка:Цитирана книга
  19. Предлошка:Цитирано списание
  20. 20,0 20,1 Cerdeño, Esperanza (1995), „Cladistic Analysis of the Family Rhinocerotidae (Perissodactyla)“ (PDF), Novitates, American Museum of Natural History (3143), ISSN 0003-0082
  21. Предлошка:Цитирано списание
  22. 22,0 22,1 22,2 22,3 22,4 22,5 Предлошка:Цитирано списание
  23. 23,0 23,1 23,2 23,3 23,4 23,5 23,6 Предлошка:Цитирано списание
  24. 24,0 24,1 24,2 24,3 Foose, Thomas J. and van Strien, Nico (1997), Asian Rhinos – Status Survey and Conservation Action Plan, IUCN, Gland, Switzerland, and Cambridge, UK, ISBN 2-8317-0336-0
  25. Предлошка:Цитирана книга
  26. Предлошка:Цитирано списание
  27. 27,0 27,1 Предлошка:Цитирано списание
  28. 28,0 28,1 28,2 28,3 28,4 28,5 Предлошка:Цитирана книга
  29. 29,0 29,1 29,2 Предлошка:Цитирано списание
  30. Предлошка:Цитирано списание
  31. 31,0 31,1 Предлошка:Цитирано списание
  32. Предлошка:Цитирано списание
  33. 33,0 33,1 33,2 Предлошка:Цитирано списание
  34. Предлошка:Цитирано списание
  35. 35,0 35,1 Предлошка:Цитирано списание
  36. Предлошка:Цитирано списание
  37. 37,0 37,1 Предлошка:Цитирано списание
  38. Предлошка:Цитирана веб страница
  39. Предлошка:Цитирана веб страница
  40. Предлошка:Цитирана веб страница
  41. Watson, Paul (26 април, 2007). „A Sumatran rhino's last chance for love“. The Los Angeles Times. Посетено на 2007-11-04. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)

Надворешни врски