Соњечка

Од Википедија — слободната енциклопедија

Соњечка (руски: Сонечка) е кус роман на руската писателка Људмила Улицка, објавен во 1993 година. Романот е објавен на македонски јазик во 2007 година, во превод на Ѓорѓи Крстевски, а во издание на "Темплум".

За делото[уреди | уреди извор]

Првиот успех во Русија, Улицка го постигнала со кусиот роман Соњечка од 1993 година. Романот ги содржи најдобрите особини на Улицка: збиеноста на нејзините најуспешни раскази и широчината карактеристична за пообемните дела. Во книгата е прикажан животот на една обична руска жена во втората половина на XX век, но романот нуди и слоевити портрети на мажот на Соњечка, како и на два други женски лика - нејзината ќерка, Тања и другарката на Тања, Јасја. И покрај мрачните настани и контексти, романот е проткаен со голема топлина и разбирање дури и за најнеобичните форми на љубов и блискост. Во романот, Улицка се одликува со голема книжевна вештина, но и со моќ за длабоко психолошко понирање во суптилните човечки односи среде сложената историска позадина.[1]

Технички податоци[уреди | уреди извор]

Романот е објавен како 61 книга во едицијата „Магма“. Книгата е отпечатена во мек повез, со димензии од 18 сантиметри и има 102 страници. Покрај главниот текст, таа содржи и белешка за авторката и делото, како и попис на објавените изданија во едицијата „Магма“. Графичкото уредување и дизајнот на книгата е дело на „Точка“. На предната корица е ставена слика на Камила Енгман (Camilla Engman), додека на задната корица е даден кус опис на романот и на авторката, како и попис на дел од книгите издадени во едицијата „Магма“. Книгата е каталогизирана во Народната и универзитетска библиотека „Климент Охридски“, Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-9989-189-13-5.[2]

Содржина[уреди | уреди извор]

Во романот се проследува животната историја на Соњечка, која ја поминала младоста во читање книги, така што живеела во некој свој затворен свет - светот на книгите. Работејќи во библиотеката, Соњечка случајно се запознава со поранешниот сликар и руски емигрант Роберт Викторович, кој се вратил во Русија и одлежал затворска казна во Сибир. Роберт ѝ предлага брак на Соњечка и тогаш започнува нивниот сиромашен и тежок, но среќен живот, исполнет со селење од едно на друго место. Набрзо, тие добиваат и ќерка - Тања, која не сака да учи и рано започнува со сексуални односи.

Пресвртница во животот на семејството е познанството на Тања со Јасја, девојка со полско потекло, која живеела во сиропиталиште и која многу рано започнала да го продава своето тело. Тања се вљубува во Јасја и ја кани да се преели во нивниот дом, каде таа е одлично прифатена од Соњечка. Сепак, остарениот Роберт и Јасја започнуваат љубовна врска при што, таа, истовремено му служи како модел за неговите слики. Соња дознава за нивната врска, но ја прифаќа многу лесно, задоволувајќи се со среќата на својот маж. Тања, пак, водена од љубомората, го напушта домот и заминува во Ленинград, каде живее со своето момче Аљоша.

Еднаш, водејќи љубов со Јасја, Роберт умира од мозочен удар, а потоа му организираат посмртна изложба, со која тој повторно станува славен сликар, каков што бил пред Првата светска војна. Соњечка успева да ги открие роднините на Јасја, по што таа се сели во Полска, каде се омажува за богат французин со кого се преселува во Париз. Соњечка останува сама, доживувајќи длабока старост и одбивајќи ги поканите да се пресели во Париз, кај Јасја, или во Швајцарија, кај својата ќерка која таму работи во Обединетите нации.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Белешка за авторката и делото“, во: Људмила Улицка, Соњечка, Темплум, Скопје, 2007, стр. 101-102.
  2. Људмила Улицка, Соњечка, Темплум, Скопје, 2007.