Смртта на војводата Каица

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Смртта на војводата Каица (српски: Смрт војводе Кајице) е српска епска (јуначка) песна.

Содржина[уреди | уреди извор]

Од својот дворец во Смедерево, кралот Ѓураѓ (Ђурађ) заминал на лов, а со себе повел 12 војводи. Кај Ковин, го поминал Дунав и се упатил преку Влашката земја, пристигнувајќи до Вршачката планина. Иако ловел цел ден, кралот не успеал да улови ништо. Тогаш тој се сретнал со војводата Јанко Сибињанин, кој со себе носел 300 Унгарци и 60 Каравласи. Кралот и војводата се поздравиле, а Јанко го поканил кралот да си поиграат. Кралот одговорил дека играта е за младите, а тој си го поставил шаторот и седнал да пие вино со своите 12 војводи, при што спроти себе го седнал својот син, војводата Каица Радоња (Кајица Радоња). Каица бил висок и многу личен и облечен целиот во злато, сребро и свила, и накитен со скапоцен накит. Кога испиле три тури вино, Каица го замолил татко си да им се придружи на Унгарците во играта, а тој му дозволил, но под услов да не започнува кавги.

Каица со себе го зел војводата Раде Облачиќ (Раде Облачић) и двајцата започнале да се натпреваруваат со Унгарците. Првата игра била трчање и Раде победил во трката; втората игра била оро и во неа Каица ги надиграл Унгарците и Власите; третата игра била скок во далечина и тука повторно победил Раде Облачиќ; четвртата игра била фрлање камен од рамото, а победник бил Каица. Тогаш, Јанко го навредил Каица, кој уште еднаш го фрлил каменот, овојпат уште подалеку. Јанко се налутил и му предложил на кралот Ѓураѓ да ги разменат 300-те Унгарци и 60-те Власи (сите со полна воена опрема) за 12-те војводи, боси и по кошули, плус му ветил по три товари богатство за секоја година колку што имал Ѓураѓ. На тоа, кралот Ѓураѓ одговорил дека не само што не ги дава војводите, туку ниту Каица не го менува за четирите банови, заедно со нивната земја.

Тогаш војводата Јанко се наулутил и го предизвикал Каица да се натпреваруваат во стрелање. Каица успеал да погоди сè што ќе видел Јанко во облаците, но занесен во стрелањето, тој не забележал дека, скришум, Јанко ја потегнал стрелата кон него, погодувајќи го во срцето. Кралот Ѓураѓ почнал да го оплакува синот, молејќи го да издржи уште малку додека да го однесе на лекар, но Каица умрел, зашто стрелата со која бил погоден била натопена со змиски отров. Кралот Ѓураѓ ги повикал војводите да ја нападнат војската на Јанко, при што биле убиени сите 300 Унгарци и 60 Власи, а само Јанко избегал кон Вршац. Потоа, војводите го закопале убиениот Каица, а татко му продолжил да го оплакува.[1] [2]

Осврт кон песната[уреди | уреди извор]

Војводите Каица Радоња и Раде Облачиќ се големи јунаци, исклучително вешти во витешките игри. Освен тоа, Каица се одликува и со невидена убавина. Тој е создаден да ги надминува другите во јунаштвото и во мудроста, но исто така е безгрижен, невнимателен и без лоши намери. Затоа, дозволува со измама да биде убиен. Раде е посмел и погорд од Каица и без страв зборува пред владетелот за неговото нечовечко владеење. Така, тој личи на неуморен судија, строг и правичен, кој оди низ светот за да ја казнува неправдата.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Junačke narodne pesme, Rad, Beograd, 1959, стр. 88-94.
  2. Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 246-253.
  3. Војислав Ђурић, „О народним епским песмама“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 15.

Наводи[уреди | уреди извор]