Смртта на Сењанин Иво

Од Википедија — слободната енциклопедија

Смртта на Сењанин Иво (српски: Смрт Сењанина Ива) - српска епска (јуначка) песна. Песната прв ја запишал Вук Караџиќ, кој ја слушнал од Марко Немањиќ.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Мајката на Сењанин Иво има лош сон, а според толкувањето на попот Недељко, сонот значи дека ќе умре нејзиниот син и дека ќе пропадне Сењ. Тогаш пристигнува Иво, тешко ранет, кој ѝ раскажавуа дека со дружината бил во Италија, каде се стекнал со големо богатство. На враќање, нив ги пресретнале две потери кои лесно ги совладале, меѓутоа третата потера му ја убила целата дружина. Штом завршува со раскажувањето, Иво умира.[2]

Осврт кон песната[уреди | уреди извор]

„Смртта на Сењанин Иво“ се смета за една од најубавите песни во српската народна епика, иако песната е изградена според еден од вообичаените шаблони во народната поезија: мајката сонила необичен сон кој ѝ го толкува попот, а набрзо сонот станува вистина. Меѓутоа, во рамките на овој шаблон е изградена прекрасна поезија: сонот е страшен како пропаста на светот, величествен и грозно убав - над Сењ паѓа мрак, месечината паднала на земјата, ѕвездите се собрале на едне крај од небото, ѕвездата Деница е крвава, а на црквата кука кукавица. Иако е наивна, оваа поетска слика мошне релјефно ја прикажува смртта на јунакот. Исто така, многу се силни и трите слики за потерата по Иво: едната потера е целата во црно (црни јунаци, чалми и коњи), втората е целата во бело, а третата се состои од јавачи со долги пушки кои јаваат коњи со огнена боја до колената.[3] Покрај тоа, мајсторски е употребено т.н. епско повторување во сцената во која Иво ѝ ги опишува на мајка си трите потери при што за првата потера вели:[4]

Од нив никој не остана, мајко,
од нас никој не погина, мајко;

за втората потера вели:

Од нас никој не погина, мајко,
од нив никој не остана, мајко;

а за третата потера:

Од нив, мајко, никој не погина,
од нас, мајко, никој не остана;

на тој начин, особено со вешто изведената промена на редоследот на зборовите, одлично е нагласен несреќниот пресврт на настаните.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. В.Ђ., „Поговор - О певачима“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 490.
  2. „Смрт Сењанина Ива“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 360-362.
  3. Војислав Ђурић, „О народним епским песмама“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 23.
  4. Војислав Ђурић, „О народним епским песмама“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 39.