Смртта во Синановото теќе

Од Википедија — слободната енциклопедија

Смртта во Синановото теќе (српски: Smrt u Sinanovoj tekiji) - расказ на писателот Иво Андриќ.

Содржина[уреди | уреди извор]

На возраст од 65 години, познатиот дервиш Алидеде, чија мудрост е нашироко позната, наеднаш одлучува да го напушти Цариград и да се пресели во Сараево. Таму, во Синановото теќе се собираат многу учени и угледни луѓе кои ја слушаат неговата мудрост. Една вечер, додека Алидеде ги поучува присутните луѓе, наеднаш почувствува слабост и набргу умира. Непосредно пред смртта, тој се сеќава на два настана: Еднаш, кога имал 10-11 години, излегол пред својот дом за да си игра во калта и во наносите што останале по поплавата на реката Босна и таму го здогледал трупот на некоја гола девојка. Уплашен и засрамен, тој избегал дома, каде потоа со денови чувствувал голем немир, но немал сила да го раскаже тоа што го видел; Другпат, кога имал 25 години и веќе се наоѓал во Цариград, една ноќ излегол на прозорец и здогледал како двајца мажи бркаат полугола девојка, која дошла до капијата на теќето. Повторно, тој бил вознемирен од глетката одредено време, но немал сила да го сподели немирот со другите дервиши. Затворајќи ги очите за последен пат, Алидеде прошепотува молитва во која ја искажува својата горчина.[1]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Во расказот „Смртта во Синановото теќе“ се забележува сосема поинаков, етеричен и лиричен стил. Сепак, во расказот, мирот и спокојството се само надворешен привид, додека внатре, во човечката природа тлее големиот немир на сетилата. Притоа, сонот и јавето се основниот флуид на овој рефлексивен и сензибилен расказ, кој истовремено претставува и поетски запис во суптилни источни бои.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Smrt u Sinanovoj tekiji“, во: Ivo Andrić, Priča o vezirovom slonu. Beograd: Rad, 1962, стр. 76-86.
  2. Velibor Gligorić, „Beleška o piscu“, во: Ivo Andrić, Priča o vezirovom slonu. Beograd: Rad, 1962, стр. 163.