Смртен непријател

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Смртен непријател“ е расказ на рускиот и советскиот писател Михаил Шолохов од 1926 година. Расказот е објавен на македонски јазик, во превод на Цветко Мартиновски, како дел од збирката „Донски раскази“, објавена во 1965 година од издавачката куќа Култура.

Содржина[уреди | уреди извор]

Во селото Подгорное се собрани селаните за да изберат раководители на селскиот совет. Селото е поделено на две групи: побогатите го поддржуваат богатиот селанец Игнат Боршчев, додека сиромашните се на страната на сиромашниот Ефим Миколаич Озеров. Богатите селани се остри противници на советската власт, додека Ефим е приврзан кон правдата, сиромашните и советската власт. Поделеноста на селото се одразува врз резултатите од гласањето: за претседател е избран Прохор, кој му е зет на Игнат, додека Ефим е избран за секретар на советот. Инаку, Игнат е непријателски насторен кон Ефим, откако своевремено тој го пријавил кај власта поради прикривање на данокот. Поради тоа, Игнат убива две волчиња и ги фрла во дворот на Ефим, а нивната мајка го следи нивниот мирис и најпрвин распорува една Ефимова овца, а потоа му ја убива кравата. Ефим, пак, го посетува Игнат и со секира му го убива ловечкото куче за кое Игнат платил висока цена.

Откако Ефим е избран за секретар, Игнат настојува да му се одмазди и да го заплаши. Најпрвин, тој оди кај Ефим, нудејќу му пари за да се исели, но Ефим го брка од својот дом, по што Игнат му се заканува. Во меѓувреме, кај Ефим доаѓа младата сиромашна селанка Дуњка, која работи кај Игнат, жалејќи се дека тој ја избркал. Тогаш, Ефим пишува тужба против Игнат, кого судот го осудува на казна од 60 рубли. Меѓутоа, една вечер, двајца луѓе доаѓаат под прозорецот на куќата на Ефим и се обидуваат да го убијат, но Ефим има среќа, бидејќи пушката се закочува и не го испалува куршумот, така што Ефим успева да се засолни. Според очите, Ефим препознава дека Прохор е тој што се обидел да го убие. Изутрината, Ефим го пријавува случајот во милицијата, а вечерта, додека се враќа дома, забележува дека го следат тројца луѓе. Тој го забрзува чекорот, но гонителите му се приближуваат. Бегајќи, Ефим се слизнува на замрзнатата река и паѓа, а тогаш го соборуваат на земја, во устата му забиваат кол, а со вила му ги прободуваат градите. Тројцата убијци заминуваат во селото, а на студеното лице на Ефим остануваат две замрзнати солзи.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Смртен непријател“, во: Михаил Шолохов, Донски раскази, Култура, Скопје, 1965, стр. 122-143.