Смоларски чинар
| Смоларски чинар | |
|---|---|
Смоларскиот чинар | |
| Место | Смолари |
| Најблизок град | Струмица |
| Координати | 41°22′34.2″N 22°54′14.76″E / 41.376167°N 22.9041000°E |
| Ознака | природна реткост |
| Прогласено | 5 мај 2023 |
Смоларски чинар — платан во селото Смолари, прогласен за природна реткост под името „Платаново стебло (Platanus orientalis L.) – Платан кое се наоѓа во село Смолари, Општина Ново Село“. Со природната реткост управува Општина Ново Село, а во име на општината, градоначалникот на Општина Ново Село.[1].
Местоположба
[уреди | уреди извор]Смоларскиот чинар се наоѓа во средиштето на селото Смолари. Стеблото е опфатено со ниско округло парапетче. Дрвото со парапетчето е затворено со широк и округол постамент на кој се поставени клупи за седење и канделабри за осветлување. Од западната страна има скали за качување на овој постамент со висина од 0,7 см, а на источната страна ѕидот е висок 1,55 м. Целиот дел од сред селото е урбанизиран, поплочен и асфалтиран. Во непосредна близина на чинарот се наоѓаат куќи, продавница и мала чешма за потребите на месното население.[2]
Во близина се наоѓа црквата „Св. Троица“.
Опис
[уреди | уреди извор]Крошната на платанот во грониот дел е разграната со 4 главни гранки во сите правци. Самото дрво е високо 23,0 m, деблото е високо 6,0 m, а висината на крошната е 17,0 м. Обликот на крошната е полутопчест до округол. По деблото се појавуваат голем број на млади и густи гранчиња како резултат на кастрењата и калусирањето на гранките. Обемот на крошната е 51,80 м, а ширината мерена кон:[2]
- Север 14,5 м
- Исток 11,1 м
- Југ 5,5 м
- Запад 7,6 м
Во основа кореновиот врат на деблото има обем од 8,20 м, пречник на кореновиот врат 3,24 м. Обемот на градна височина е 6,5 м, дијаметар на градна височина 2,06 м.
Кората по деблото е ситно многуаголно испукана со плочки од 2-3 см, плитко врежана. Деблото силно усукано со голем број на зараснати гранки (полутопчести калусирања). Деблото има силна моќ на калусирање што се гледа од брзото зараснување и препокривање на поставената плоча за заштита. Гранките се мазни, сивопепелави до сивозеленкасти, маскирно панаширани. [2]
Проценка на староста
[уреди | уреди извор]Официјални податоци за староста на овој чинар не постојат.
За утврдување на староста (возраста) на чинарот, при изработката на „Елаборатот за ревалоризација на Платаново стебло (Platanus orientalis L.) во Центар Валандово, Општина Валандово“, во 2021 година, била користена методата на вадење извртоци од стеблото со Преслеров сврдел и броење на годовите. Бил земен изврток од 5 см на кој биле изброени 25 годови, па староста на чинарот била проценета на приближно 515 години.[2]
Состојба на чинарот
[уреди | уреди извор]Нема оштетувања по деблото и гранките. По деблото има појава на ситни карпофори (габи) како резултат на деструкција на мртва кора по деблото. Не е забележена појава на платанов молец (алохтон инсект) кој во последниве години прави големи штети (некроза на листовите) по платановите стебла во некои делови на Македонија.
Нема некои други позначајни оштетувања од абиотски и биотски чинители.
Поради фактот што ова дрво се наоѓа во средиштето на селото истото било и е подложено на повеќе влијанија на урбанизација. Со подигањето на постаментот на кој се наоѓа дрвото, било направено затрупување на кореновиот врат и дел од деблото во висина од 1,5 м.[2]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Р Е Ш Е Н И Е ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ПЛАТАНОВО СТЕБЛО– ПЛАТАН ВО С. СМОЛАРИ, ОПШТИНА НОВО СЕЛО ЗА ПРИРОДНА РЕТКОСТ“ (PDF). Службен весник на Македонија. 5 мај 2023. Посетено на 30 март 2026.
- 1 2 3 4 5 „Елаборат за ревалоризација на Платановo стеблo (Platanus orientalis L.) во с. Смолари, општина Ново Село“ (PDF). Министерство за животна средина и просторно планирање. 2021. Посетено на 30 март 2026.
