Смеа во темнината

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Смеа во темнината“ (руски: Камера обскура; англиски: Laughter in the Dark) — роман на руско-американскиот писател Владимир Набоков. Романот бил напишан во две верзии: една на руски, а друга на англиски јазик. Првобитно, романот бил објавен во 1932 година на руски јазик, и тоа со насловот „Камера обскура“, а во 1936 година во Лондон се појавил англискиот превод со истиот наслов при што авторот бил наведен како Владимир Набокоф-Сирин (Vladimir Nabokoff-Sirin). Меѓутоа, Набоков бил многу незадоволен од преводот, така што направил свој превод и книгата повторно била објавена на англиски јазик во 1938 година со насловот „Смеа во темнината“. Набоков се надевал дека според романот би можел да биде снимен и филм, така што ракописот на англиската верзија го испратил во Холивуд, но тој не бил прифатен зашто ниеден од тројцата главни ликови во книгата не е позитивен.[1] Во 2008 година, книгата била објавена на македонски јазик (со насловот „Смеење во темница“) од страна на издавачката куќа „Темплум“, во рамките на библиотеката „Магма“.

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот се состои од 39 глави.

  • Глава 1-5: Алберт (Албин) е трговец со слики од Берлин, оженет со Елизабета и татко на едно девојче (Ирма). Љубовта кон сликарството во него ја раѓа идејата за снимање цртан филм кој би бил анимација на уметничките слики, а во исто време му се јавува желбата да најде љубовница. Случајно, тој здогледува една девојка која работи во кино-сала и веднаш се вљубува во неа. Девојката се вика Марго Петерс и на 16-годишна возраст го напуштила домот при што најпрвин работела како сликарски модел; потоа стапила во врска со еден маж кој по еден месец ја оставил; за да преживее, повремено се занимавала со проституција; најпосле, таа се вработила во една кино-сала и така се запознала со Албин.[2]
  • Глава 6-12: Еден ден, Марго доаѓа во куќата на Албин (за да се увери дали неавистина е богат) и го заклучува во една соба, а го ослободува Паул, братот на Елизабета. Набргу, во домот доаѓаат Елизабет и Ирма, така што Албин е преплашен, мислејќи дека Марго е во куќата. Тогаш, Паул почнува да се сомнева дека Албин е неверен кон сопругата. Набргу, Марго се преселува во нов стан, а Албин ја финансира. Конечно, Албин ја поминува првата ноќ во станот на Марго, а кога се враќа дома, дознава дека Елизабета и Ирма се иселиле, зашто таа го открила неговото неверство, читајќи го писмото кое Марго намерно го испратила на неговата адреса. За да го прикрие срамот, Албин се вселува во станот на Марго. Истовремено, Ото, братот на Марго, дознава за нејзината врска и се обидува да изнуди пари од неа и од Албин. Во меѓувреме, Елизабета е очајна поради неверството на Албин, но сепак се надева дека тој ќе ѝ се врати.[3]
  • Глава 13-25: Албин и Марго го поминуваат летото заедно на море, а есента се вселуваат во неговата куќа. Марго почнува да глуми во филм чие снимање го финансира Албин. Албин организира вечера на која се појавува и Аксел Рекс, карикатурист од САД со кого веќе подолго време Албин се допишува во врска со неговата идеја за цртаниот филм. Всушност, Аксел е првиот љубовник на Марго и сега тој повторно стапува во контакт со неа. Набргу, Аксел ја здобива довербата на Албин и станува редовен посетител во неговиот дом. Притоа, Аксел и Марго коваат завера против Албин: Марго сака да го наговори да се разведе и да се ожени со неа, а Аксел сака да извлече пари од него и истовремено да ја продолжи љубовната врска со Марго во која е вљубен. Во меѓувреме, Ирма тешко се разболува и умира. Албин присуствува на последните часови од нејзиниот живот, а за време на неговото отсуство, во неговиот дом, Марго и Аксел ја минуваат ноќта заедно. Албин се подготвува за закопот на Ирма, но во последен миг се откажува, знаејќи дека на тој начин повторно ќе се зближи со Елизабета. По некое време се одржува приватна проекција на филмот во кој глуми Марго на која таа сфаќа дека е лоша глумица. Аксел изнајмува атеље во кое редовно се среќава со Марго, а Албин воопшто не се сомнева во нив, зашто Аксел вешто го убедува дека е хомосексуалец.[4]
  • Глава 26-34: Албин и Марго одлучуват да заминат на одмор на Француската ривиера, а ним им се придружува и Аксел во улога на шофер. За време на одморот, Марго постојано го изневерува Албин. Еден ден, тој среќава еден свој стар пријател од кого дознава за нејзината љубовна врска со Аксел и се обидува да ја убие, но таа успева да го убеди дека е невина. Сепак, Албин решава веднаш да го напуштат хотелот и да го остават Аксел, но набргу Албин предизвикува сообраќајна незгода. Кога се освестува, тој дознава дека Марго минала со лесни повреди, дека нему му извршиле операција, но од здобиените повреди го загубил видот.[5]
  • Глава 35-39: На инсистирање на Албин, Марго го носи на лекарски преглед во Цирих, а потоа се сместуваат во една вила. Аксел живее заедно со нив, а Марго го убедува Албин дека тој отпатувал во САД. Така, Марго и Аксел можат слободно да се среќаваат, но Албин почнева да се сомнева дека нешто не е во ред, бидејќи постојано слуша необични гласови во куќата. Во меѓувреме, Паул дознава за несреќата на Албин и забележува дека некој забрзано му ја празни сметката на Албин. Затоа, тој заминува во Швајцарија, ја наоѓа вилата и таму ги затекнува Албин и голиот Аксел. Паул го напаѓа Аксел, го зема Албин со себе и заедно се враќаат во Берлин. Така, Албин повторно живее со сопругата. Еден ден, портирот од неговата зграда му јавува дека Марго е во неговиот стан. Тогаш, тој го зема пиштолот, оди во станот и ја затвора Марго во една соба со намера да ја убие. Тој пука во Марго, но во борбата со неа го погаѓа еден куршум и тој умира.[6]

За романот[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Vladimir Nabokov (1899-1970) Hronologija“, во: Vladimir Nabokov, Smeh u tami. LOM, Beograd, 2007, стр. 184-185.
  2. Vladimir Nabokov, Smeh u tami. LOM, Beograd, 2007, стр. 7-37.
  3. Vladimir Nabokov, Smeh u tami. LOM, Beograd, 2007, стр. 36-70.
  4. Vladimir Nabokov, Smeh u tami. LOM, Beograd, 2007, стр. 71-125.
  5. Vladimir Nabokov, Smeh u tami. LOM, Beograd, 2007, стр. 125-153.
  6. Vladimir Nabokov, Smeh u tami. LOM, Beograd, 2007, стр. 153-179.