Сладово виски

Сладово виски — виски направено од превриена (ферментирана) каша од јачменов слад. Ако производот се произведува исклучиво во една дестилерија (заедно со други ограничувања), тоа виски обично се нарекува едносладово виски. Иако сладовото виски може да се направи со употреба на слад од друг вид жито покрај јачмен, тие видови не се нарекуваат сладово виски без да се наведе житото, како што се 'ржано виски или хељдово виски..
Закони
[уреди | уреди извор]Точните дефиниции за „сладово виски“ и „едносладово виски“ и ограничувањата што го регулираат нивното производство варираат во зависност од прописите утврдени од различни јурисдикции за маркетинг на виски. На пример, прописите за шкотско виски[1] бараат сладовото виски да се прави во казани со употреба на вода и јачменов слад без додавање на други жита, а вискито мора да отстои најмалку три години во дабови бочви. Употребата на нови бочви не е неопходна. Може да се додаде карамелова боја, но не се дозволени други адитиви.
Прописите за ирско виски се речиси целосно исти со прописите за шкотско виски.[2] Сладовото виски мора да се дестилира во казан од каша од 100 % јачменов слад, кој може да биде тресетиран или нетресетиран по карактер, иако обично се користи нетресетиран слад. Сите ирски вискија мора да зреат најмалку три години во дрвени бочви (кои можеби се користеле претходно) и мора да содржат минимум 40 % алкохол по волумен, со карамелова боја како единствен дозволен додаток. Сингл пот стил виски, иако првенствено се прави од јачменов слад, не се нарекува сладово виски бидејќи содржи несладов јачмен (јачмен кој не преминал во слад). Се смета за посебна категорија според ирските прописи.
Во федералните прописи на Соединетите Американски Држави, Стандардите за идентитет за дестилирани жестоки пијалаци[3] го дефинираат „сладовото виски“ како виски произведено со ниво на алкохол по волумен (ABV) што не надминува 80 % од ферментирана каша од најмалку 51 % јачменов слад што е складирано за зреење во јагленисани нови дабови садови на помалку од 62,5 % ABV. Доколку таквото виски е зреано најмалку две години, не содржи додадени бои и ароми и не е мешано со неутрални жестоки пијалаци или други видови виски, може да се примени придавката „право“, како кај чистото сладово виски. Мешано виски кое содржи најмалку 51 % чисто сладово виски може да се етикетира како мешано сладово виски.
Канадските прописи за виски дозволуваат додавање на ароматични агенси, како и карамелова боја. Не постои максимално ограничување за нивото на алкохол при дестилација или одлежување (стареење или зреење) за канадското виски,[4] па затоа дестилатот може да биде блиску до неутрален пред зреењето. Како и прописите за одлежување на ирското и шкотското виски, условот за одлежување за канадското виски е три години, а употребата на нови бочви не е неопходна.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ The Scotch Whisky Regulations 2009: Guidance for Producers and Bottlers Архивирано на 5 јули 2010 г., Scotch Whisky Association, 12 февруари 2009.
- ↑ „Technical file setting out the specifications with which Irish Whiskey / Uisce Beatha Eireannach / Irish Whisky must comply“ (PDF). www.agriculture.gov.ie. Department of Agriculture, Forestry and the Marine. October 2014. Посетено на 28 December 2016.
- ↑ „Standards of Identity for Distilled Spirits, Title 27 Code of Federal Regulations, Pt. 5.22“ (PDF). Посетено на 17 October 2008.
- ↑ "Canadian Food and Drug Regulations (C.R.C., c. 870) – Malt Whisky (B.02.013)". (Пристапено на 25 март 2015)