Славјано-македонски глас

Од Википедија — слободната енциклопедија
Насловна страница на „Славјано-македонски глас“.

Славјано-македонски глас бил весник, орган на Окружниот комитет на СНОФ за Костурско, на македонски јазик, пишуван на кирилица. Одговорен уредник бил Лазо Поплазаров. Се издавал во селото Крчишта, Костурско, во периодот декември 1943 до јули 1944[1]. Биле објавени вкупно 8 броја (еден вонреден), на шапирограф, во тираж од околу 500 примероци. Неговото излегување престанало со забраната на СНОФ од страна на раководството на КПГ.[2]

Во истата година, август 1944 година, во ослободената територија на Костурско беше одржан состанок на кој учествуваа претставници на народната власт, на народно-ослободителните организации на КПГ, СХОФ и ЕАМ. Тогаш беше формирана комисија, која се обврза да ја координира работата околу отворањето училишта на македонски јазик. Во комисијата влегоа повеќе македонски активисти, претставници на народните одбори и активисти на народно-ослободителните организации. Меѓу активистите беа: Андон Сикавица, Александар Ивановски, Ристо Потрајанов и други.

Пред отворањето на училиштата одлучија да се одржи курс за подготовка на народните учители и да се состави текст за издавање на буквар на македонски јазик. За раководител на курсот за учителите беше поставен Александар Ивановски[3]. Курсот почна со работа во првата декада на септември 1944 година, во градот Хрупишта, во куќата на таткото на Александар Ивановски. На курсот учествуваа повеќе од 20 македонски активисти од сите реони на Костурско и некои од Леринско. На курсот се одржуваа предавања врзани со историјата на македонскиот народ низ вековите, посебно за неговите буни и востанија против окупаторите како и за сите угнетувачи коишто ја распарчија Македонија по Букурешкиот договор од 1913 година.Курсот го завршија сите слушатели, кои потоа со помош на органите на власта во повеќе костурски и лерински села ја започнаа наставата по македонски јазик во македонските училишта.

Работата за составување на текстот на македонскиот буквар беше доверена на Александар Ивановски, Васко Караџа и Пенчо Поптрајанов.  Истиот е издаден во декември 1944 година, за тоа сведочи писмениот реферат на секретарот на партиската организација на КПГ за Костурско, до секретарот на бирото на ЦК на КПГ Леонидас Периклис (писмениот реферат се наоѓа во Архивот на Република Македонија во Скопје).

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Д-р Боро Мокров, Развојот на македонскиот печат и новинарство (од првите почетоци до 1945 година), Скопје, 1980, 453–456;
  2. Д-р Боро Мокров – М-р Томе Груевски, Преглед на македонскиот печат (1885–1992), Скопје, 1993, 49.
  3. Факти за Букварот од Егејска Македонија од авторот на Букварот Алеко Ивановски