Славко Баевски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Славко Баевски
Роден 20 октомври, 1912 година
Кратово, Македонија под Османлиска власт
Починал 5 јуни, 1944 година
Кукушлија, Плачковица, Македонија
Националност Македонец
Татко Стефан
Мајка Мица

Славко Стефанов Баевски (20 октомври 1912 во Кратово5 јуни 1944 во Кукушлија, Плачковица) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Тој бил третиот син во фамилијата Баевски. Основното и граѓанско училиште го завршил во Кратово. Немајќи средства да го продолжи образованието бил принуден да се запише во подофицерска школа. Нападот од фашистичките сили на Кралство Јувославија го дочекува како активен подофицер. Огорчен од предавничката политика на кралските југословенски офицери-петоколонаши, се одлучил да му пристапи на напредното работничко движење, по што се вработил во рудникот во Пробиштип. Во рудникот го назначуваат како командир на рудничката стража, што му овозможува несметано да ги извршува поставените задачи од организацијата. Учествувал во растурање на летоци и друг илегален материјал, организирал штрајкови и саботажи, набавувал оружје, муниција, динамит и прибирал податоци за плановите на окупаторот и слични активности. За сите акции и претреси, од окупаторските сили и полицијата, на време ја известувал својата партиска организација. Земал учество во подготовките за нападот на рудникот „Добрево“ и Пробиштип што го извршила Треттатa македонска ударна бригада на 3 април 1944 година. Со успешниот напад на Пробиштип, Славко со група работници стапил во редовите на Треттатa македонска ударна бригада. Како искусен подофицер и борец наскоро во бригадата е именуван за командир на вод, а покасно ѝ командир на чета. Во Пролетната офанзива учествува во нападот на Кратово на 25 април 1944 година и во сите борби што бригадата ги водела од Црна Трава до Грција и назад. Во една борба крај селото Кукушлија на планината Плачковица на 5 јуни 1944 година, бил убиен во судир со бугарската војска.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Нивната борба за слобода, наш патоказ за иднината. Кратово: Општински одбор на СЗБ НОВ Кратово. 1985. стр. 32–33.