Скржавецот (Плавт)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Скржавецот (латински јазик: Aulularia) - драма (комедија) на староримскиот писател Тит Макциј Плавт.

Ликови во драмата[уреди | уреди извор]

Во драмата се појавуваат следниве ликови:[1]

  • Куќниот бог
  • Еуклион - сиромашен човек
  • Федра - неговата ќерка
  • Стафила - стара слугинка во куќата на Еуклион
  • Мегадор - стар, богат сосед на Еуклион
  • Еуномија - неговата сестра
  • Ликонид - синот на Еуномија
  • Стробил - слуга во куќата на Мегадор
  • Антракс - готвач
  • Конгрион - готвач
  • Питодик - слуга

Содржина[уреди | уреди извор]

Драмата се состои од пролог и четири чина.[2]
Во Прологот, куќниот бог раскажува како дедото на Еуклион му го доверил богатството на чување, а бидејќи бил многу скржав, кога умрел, тој не му ја кажал тајната на својот син. Бидејќи неговиот син не го почитувал куќниот бог, тој не му кажал за закопаното богатство, така што тој умрел без да ја дознае за тајната. Ниту неговиот син, Еуклион, не го почитувал куќниот бог, но неговата ќерка, Федра, која редовно му оддавала почит, па затоа, куќниот бог направил Еуклион да го открие ќупот со злато.
Во првиот чин е прикажана опсесијата на Еуклион со златото. Тој постојано мисли на него и има голем страв од можноста некој да му го украде. Поради тоа, тој се сомнева во сите и постојано ја тера слугинката Стафила да излезе надвор од куќата за да може да провери дали златото се наоѓа на местото каде што го закопал.
Во вториот чин, Еуномија го наговара својот остарен брат Мегадор (прв сосед на Еуклион) да се ожени, но тој не сака да чуе за ниту една жена, освен за ќерката на Еуклион. Затоа, кога со среќава Еуклион, Мегадор му ја бара ќерката за жена, но Еуклион се сомнева дека тој сака да му го земе златото. Сепак, Мегадор го убедува дека не бара никаков мираз, туку само ја сака Федра. Затоа, Еуклион се согласува на бракот и двајцата заминуваат на пазар да купат намирници за свадбата. По некое време доаѓа слугата на Мегадор, Стробил, кој со себе води свирачи и двајца готвачи, заедно со многу храна. Стробил ги распоредува готвачите во куќите на Еуклион и на Мегадор.
Третиот чин започнува така што Еуклион се враќа во својот дом и помислува дека готвачот и свирачите се крадци, па со ќотек го брка невиниот готвач надвор. Уплашен за судбината на ќупот со злато, Еуклион одлучува да го скрие во храмот.
Во четвртиот чин, Еуклион оди во храмот, но таму е скриен слугата Стробил. Имено, Ликонид дознал дека неговиот вујко сака да се ожени за Федра, така што го испратил слугата Стробил да дознае повеќе за тоа. Стробил ги слуша зборовите на Еуклион, но тој го открива и го напушта храмот со своето богатство. Сепак, Стробил слуша дека Еуклион има намера да го закопа златото во шумата и затоа го следи и му го краде златото.
Во меѓувреме, Федра веќе започнува да се пораѓа, а Ликонид ја моли мајка си да го одврати Мегадор од женидбата. Тој ѝ кажува на мајка си дека за време на еден празник, кога бил пијан, ја обљубил Федра, но дека сега сака да го исправи гревот така што ќе се ожени со неа. Додека чека да се врати Стробил, Ликонид го среќава Еуклион (кој е очаен, бидејќи открил дека некој му го украл богатството) и двајцата започнуваат интересен разговор: Ликонид се обидува да ја побара раката на неговата ќерка, но Еуклион погрешно помислува дека тој му признава дека го украл златото и затоа му се заканува дека ќе го тужи. Најпосле, двајцата успеваат да се разберат, а Ликонид му кажува на Еуклион за срамот што ѝ го нанесол на ќерка му. Еуклион заминува кај Мегадор за да се увери дека ја откажува свадбата, а тогаш пристигнува слугата Стробил, радосен од украденото богатство. Ликонид ги слуша неговите зборови, но кога го обвинува за лошото дело, Стробил не сака да признае дека тој е крадецот.
Тука драмата се прекинува, т.е. не е сочуван нејзиниот крај, но на почетокот, во т.н. Аргумент се кажува дека драмата има среќен крај - Ликонид се оженил со Федра, а Еуклион повторно си го добил богатството.

Изданија на македонски јазик[уреди | уреди извор]

Издание на „Детска радост“ од 2013[уреди | уреди извор]

Во 2013 година, драмата била објавена од издавачката куќа „Детска радост“ со наслов „Скржавецот (Аулулариа)“. Преводот од српски јазик го извршила Билјана Илиева, лектурата била дело на Костадинка Солева, додека ликовно-графичкото уредување го направил Игор Добрески. Книгата е со обем од 140 страници и со димензии од 17 сантиметри, а била отпечатена во печатницата „Напредок“ од Тетово. Таа е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“ од Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-608-228-160-5.[3]

Извадоци од драмата[уреди | уреди извор]

Мегадор: Само да се има мир во душата, и животот веднаш е убав.[4]
Еуклион: Господи, бесмртен, во проблеми запаѓа тој што со богатиот си има работа...[5]
Стробил: но, каде што добивката демне, дури и на зло сум наклонет![6]
Еуклион: Ве познавам јас вас! Знам дека тука има многу крадци, кои се сокриваат под костумите и седат како ценети граѓани![7]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Т. М. Плаут, Скржавецот (Аулулариа). Скопје: Детска радост, 2013, стр. 5.
  2. Т. М. Плаут, Скржавецот (Аулулариа). Скопје: Детска радост, 2013.
  3. Т. М. Плаут, Скржавецот (Аулулариа). Скопје: Детска радост, 2013.
  4. Т. М. Плаут, Скржавецот (Аулулариа). Скопје: Детска радост, 2013, стр. 30.
  5. Т. М. Плаут, Скржавецот (Аулулариа). Скопје: Детска радост, 2013, стр. 73.
  6. Т. М. Плаут, Скржавецот (Аулулариа). Скопје: Детска радост, 2013, стр. 98.
  7. Т. М. Плаут, Скржавецот (Аулулариа). Скопје: Детска радост, 2013, стр. 102.