Прејди на содржината

Скапо е сонцето (поетска збирка)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Скапо е сонцето
АвторЈовица Ивановски
ЗемјаМакедонија Македонија
Јазикмакедонски
Жанрпоезија
ИздавачСамостојно издание, Скопје
Издадена
2025
Медиумпечатено издание
Страници95
ISBN978-608-66783-3-3

„Скапо е сонцето“ — поетска збирка од македонскиот поет Јовица Ивановски. Книгата е објавена во 2025 година во Скопје, самостојно издание.

Осврт кон делото

[уреди | уреди извор]

Во освртот „Луцидна поезија“[1] на Лидија Капушевска-Дракулевска за стихозбирката „Скапо е сонцето“, на Ивановски, се вели дека поетот започнува со необична и луцидна препорака: „Не се препорачува за деца помлади од педесет години“. Зад параванот на спонтаниот, ноншалантниот, екстровертен, комуникативен, навидум несериозен однос на поетот, се крие една длабока и сурова вистина за светот денес и за човекот во тој свет. Ивановски не е филозоф, но промовира вид на животна филозофија во својата поезија. Заеднички именител на песните поместени во „Скапо е сонцето“ е вкусот за бизарното, необичното, ироничното, парадоксалното. Авторот сака да биде наспроти востановениот ред на нештата, да го промовира начелото на абнормалното наместо нормалното. Ивановски објаснува дека книгата содржи онолку песни колку што има години), на апсурдното наместо идиличното. Целта е да го провоцира вкусот на потенцијалниот читател (наместо да му се додворува за да му се допадне), да го измести од колосекот на вообичаеното и конвенционално, прозаично и банално, монотоно секојдневје, да го шокира и да го поттикне на полемика со вредностите на нималку розовата реалност.

Насловот на книгата алудира на една непобитна вистина, која во себе крие многузначност и една исклучителна хуманистичка димензија, својствена и за претходните поетски остварувања на авторот. Сите „тапкаме во место“, „се вртиме“ околу иста топка, околу едно сонце, „исти сме, зашто сме луѓе“ – оваа порака на Ивановски во смисла: сите сме исти под сонцето или сонцето е едно за сите, заговара хуманизам од највисок вид. Сурова и болна е вистината дека на сенката (овде долу, на земјата), проектирана од страна на сонцето (од небото, од горе) ѝ паднала цената, што ќе рече дека, за жал, човечкиот живот како отсјај, сенка „овде“ и „сега“ станал безвреден, евтин во услови на војни и секакви катастрофи: еколошки, пандемиски, дигитално-виртуелни… и какви ли уште не?! Имплицитно, овие стихови предупредуваат за денешното лудило што владее во светот и чијшто креатор е човекот.

Освен интертекстуалниот дијалог што поетот го води во своите стихови со вистинските, историски личности, со омилените автори и дела од културната меморија, се истакнуваат лудизмот, алузивноста, симултанизмот, иронијата и автоиронијата како иманентни поетски алатки со кои Ивановски успева да им се спротивстави на сите неволји, како лични, така и колективни. Несомнената смисла за хумор, суптилно се инфилтрира во „Скапо е сонцето“, во симбиоза со згуснатиот, минималистички јазик и уникатен стил, како одлики кои ѝ даваат аура на автентичност на оваа поезија.

„Скапо е сонцето“ пулсира во духот на една оптимистичка визија и се одликува со исклучителна ведрина, дури и кога е апсурдно тривијална. Јовица Ивановски е веќе вдомен во македонскиот поетски Пантеон: тој има свое автентично и препознатливо место како поет на т.н. стварносна поезија кај нас. Во поширок контекст, пројавува сродност со американската, бунтовнички ориентирана поетска школа, во стилот на Рејмонд Карвер (или со бит-генерацијата), а значајна за неговото поетско формирање е и рецепцијата на Ник Кејв (покрај култните Битлси). Во едно интервју („Културен печат“, 17-18 мај 2025)[2], Ивановски дава автопоетички портрет, односно ги посочува квалитетите кои треба да ги поседува еден поет: изострен слух и префинет вкус; љубопитност и моќ на забележување; чувство за правдина и бескомпромисност; љубов кон човештвото и сурова искреност; смисла за хумор и бруталност; богато животно искуство и лоша меморија; и гордост и храброст и порочност и крупна душа; и конечно, стил.

Технички одлики

[уреди | уреди извор]

Книгата „Скапо е сонцето“, со обем од 95 страници и со димензии од 20 сантиметри, каталогизирана е во библиографско-каталошката база на податоци COBIB.MK[3] и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-608-66783-3-3. Издадена е во 2025 година во Скопје, самостојно издание на Јовица Ивановски.

  1. ↑ „ЛУЦИДНА ПОЕЗИЈА“. Блесок. 2025-06-06. Посетено на 2025-10-04.
  2. ↑ Димков, Тони (2025-05-18). „Разговор со Јовица Ивановски за неговата најнова поетска книга „Скапо е сонцето": Бегајте од поет што е нормален!“. Слободен печат. Посетено на 2025-10-04.
  3. ↑ Ивановски, Јовица (2025). Скапо е сонцето. Скопје: Јовица Ивановски. ISBN 978-608-66783-3-3.

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]