Скамандар

Од Википедија — слободната енциклопедија

Скамандар (полски: Skamander) - полска поетска група активна во периодот меѓу двете светски војни. Оваа група ја сочинувале: Јулијан Тувим, Јан Лехоњ, Антони Слонимски, Јарослав Ивашкјевич и Казимјеж Вјежињски.

Оваа група се појавила во Варшава во 1919 година, а името „Скамандар“ е преземено од истоименото списание. На почетокот, припадниците на „Скамандар“ биле блиски до футуристите. Така, во тоа време, критичарите го нарекувале Тувим „маг на футуристите“, а и тој самиот во една песна тврди дека е првиот полски футурист. Исто така, во првиот број на списанието „Скамандар“, Ивашкјевич тврдел дека тие го создале вистинскиот полски футуризам. Во секој случај, футуризмот во Полска траел многу кратко: некои од неговите припадници ѝ се приклучиле на групата „Скамандар“, други се поврзале со краковската авангарда, а некои морале да емигрираат. Меѓу двете светски војни, „Скамандар“ била најсилната и највлијателната поетска група во Полска. Иако објавувале во истото книжевно списание, тие ја отфрлале секоја програма, објавувајќи дека „програмите секогаш се гледање наназад“. Како свој претходник го сметале Леополд Стаф, а Карол Виктор Завоѓински бил нивниот главен теоретичар. Нивниот главен придонес кон поeзијата се состои во оживувањето на техниката на стихот, во враќањето на поезијата на животот (т.н. „витализам“) и во раскинувањето со празниот естетизам на модерната. Пеејќи за обичниот човек и за секојдневните животни појави, тие ја приближиле поезијата кон пошироката публика.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Petar Vujičić, „Predgovor“, во: Savremena poljska poezija. Beograd: Nolit, 1964, стр. 7-9.