Си беше еден глупак (филм од 1915)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Си беше еден глупак (англиски: A Fool There Was) - американски филм од 1915 година, во режија на Френк Пауелс, според сценариото на Рој Л. Мекардел, засновано врз поемата на Радјард Киплинг, „Вампир“. Главните улоги ги толкуваат Теда Бара (Theda Bara) и Едвард Хосе (Edward José).

Плакатот за филмот „Си беше еден глупак“

Синопсис[уреди | уреди извор]

Си беше еден глупак

Познатиот адвокат Џон Шујлер (го игра Хосе) ужива во одморот на морскиот брег, заедно со сопругата, ќерката, пријателите и роднините. Набргу, тој добива покана да замине во Лондон, каде треба да среди некои државни работи меѓу САД и Британија. Неговата сопруга планира да му се придружи во патувањето, но се повредува и мора да остане дома. Истовремено, една жена, во филмот наречена Вампирка (ја игра Бара) дознава за неговото патување, го остава својот партнер и се качува на бродот за Лондон. По некое време, Џон и Вампирката се забавуваат во Италија, каде ги среќаваат познаниците на адвокатот. Набргу, во САД се дознава за неговото скандалозно однесување, а по некое време за тоа дознава и неговата сопруга. Во меѓувреме, адвокатот и неговата љубовница се враќаат во САД, но во текот на врската тој станува алкохоличар и морално пропаѓа. Наспроти срамот, неговата сопруга не се откажува од сопругот и го посетува, но тој нема сила да се оддели од љубовницата. По некое време, Џон го напушта и љубовницата, а тој полека пропаѓа во својата куќа. За последен пат, сопругата го посетува уште еднаш, овојпат заедно со ќерката, а Џон е потресен од средбата со нив. Меѓутоа, наеднаш во куќата пристигнува Вампирката и тој паѓа на колена пред неа, така што сопругата и ќерката се принудени да си заминат.

За филмот[уреди | уреди извор]

Теда Бара во сцена од филмот

„Си беше еден глупак“ е еден од ретките сочувани филмови во кои глуми Теда Бара. Всушност, овој филм го популаризирал зборот „вамп“ кој означува фатална жена која најпрвин ги заведува мажите, а потоа ги напушта, оставајќи ги морално да пропаднат.[1] Долго време, филмот бил познат по контроверзните дијалози, како што е: „Бакни ме, глупчо мој“ (Kiss me, my fool!).[2] Иако дејството на филмот се одвива во САД, Лондон и Италија, сите сцени се снимени во Флорида.[3] Филмот е снимен според истоимената претстава на Портер Емерсон Браун што се прикажувала на Бродвеј во 1909 година, која пак е заснована на поемата „Вампир“ на Радјард Киплинг. Пред секое прикажувањето на филмот, еден глумец ја читал поемата „Вампир“ пред публиката, а покрај тоа, во текот на филмот се прикажуваат делови од поемата. На најавната шпица, Бара е претставена како „Вампир“ и поради тоа, филмот е смета за првиот вампирски филм,[4] иако изразот „вампир“ во филмот се користи само метафорично за да го опише карактерот на жената, но таа не е вампир во вистинската смисла на зборот. Поради карактерот нанеморалната врска меѓу адвокатот и неговата љубовница, филмот не добил дозвола да се прикажува во Британија.[5] Во 2015 година, Конгресот на САД го зачувал филмот во Националниот филмски регистер, како „културно, историски, или естетски значаен“.[6]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Etymonline“.
  2. „Silent Era : Progressive Silent Film List“. www.silentera.com.
  3. http://www.normanstudios.org/silent-sundays-features-a-fool-there-was/
  4. A Fool There Was as produced on Broadway at the Liberty Theatre, March 24, 1909 to June 1909; IBDb.com
  5. Robertson, James C. (1989). The Hidden Cinema: British Film Censorship in Action 1913-1972. Routledge. стр. 7–8. ISBN 0-415-09034-2.
  6. Mike Barnes (December 16, 2015). 'Ghostbusters,' 'Top Gun,' 'Shawshank' Enter National Film Registry“. The Hollywood Reporter. Посетено на December 16, 2015.