Сите мои синови (драма)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Сите мои синови (англиски: All my sons) - драма на американскиот писател Артур Милер од 1947 година. Авторот му ја посветил драмата на познатиот режисер Елија Казан.

Ликови[уреди | уреди извор]

Во драмата се појавуваат следниве лица:[1]

  • Џо Келер - сопственик на фабрика. Тој е претставник на воените профитери, луѓе без свест и одговорност, на кои ништо не им е свето и кои се способни да ги жртвуваат туѓите животи во стремежот да остварат поголема добивка. Овој претставник на алчниот општествен слој им нанесува штета и на своите најблиски: поради неговите постапки погинува неговиот постар син; неговата сопруга се наоѓа на работ на патолошка состојба; девојката на неговиот син одбива да комуницира со својот татко, сметајќи го за убиец; а помалиот син е доведен до очај. И покрај тоа, Џо цело време упорно ја игра улогата на невин човек, покажувајќи ја својата крајна расипаност. Најпосле, без храброст да се соочи со правдата и да оди в затвор, тој решава да си го одземе животот.[2]
  • Кејт Келер - неговата жена, несреќна мајка, растргната од апсурдната ситуација и илузијата дека ќе се врати нејзиниот мртов син.[3]
  • Крис Келер - нивниот син
  • Ен Дивер - нивна гостинка
  • Џорџ Дивер - нејзиниот брат
  • Д-р Џим Бејлис - пријател на Келерови
  • Сју Бејлис - неговата жена
  • Френк Лаби - сосед на Келерови
  • Лидија Лаби - неговата жена
  • Берт - осумгодишно момче од соседството

Содржина[уреди | уреди извор]

Драмата се состои од три чина, а дејството се одвива во дворот зад куќата на семејството Келер, во некој провинциски американски град, еден августовски ден, 1947 година.

Прв чин[уреди | уреди извор]

Џо Келер ужива во својот двор, во друштвото на своите соседи и чека да се разбудат неговата сопруга и синот Крис. Во нивниот дом штотуку пристигнала Ен Дивер, поранешната девојка на Лари, постариот син на Келер и ќерка на поранешниот деловен ортак на Џим. Лари погинал во Втората светска војна, но неговата мајка Кејт сè уште се надева и верува дека еден ден ќе ѝ се врати Лари. Претходната ноќ имало невреме кое го скршило дрвото во дворот, посадено во спомен на Лари. Крис му соопштува на својот татко дека тој ја поканил Ен со намера да ја побара за жена. Притоа, и Крис и Џим се вознемирени од помислата како ќе реагира Кејт, за која знаат дека ќе се спротивстави на таа идеја. Кога се појавува Ен во дворот, сите се воодушевени од нејзината убавина. Кејт се обидува да ја натера Ен да признае дека не го заборавила Лари, но Ен отворено ѝ ја кажува вистината. Присутните ја прашуваат за нејзиниот татко, кој е в затвор поради испораката на неисправни авионски делови за време на Втората светска војна, поради што погинале 21 пилот. Крис собира храброст и ја бара Ен за жена, а таа му признава дека цело време го чекала тој миг. Наеднаш се јавува Џорџ, братот на Ен, кој ѝ кажува дека веднаш доаѓа да ја земе со себе, откако претходно го посетил татко си во затворот.[4]

Втор чин[уреди | уреди извор]

Кога пристигнува Џорџ, веднаш се јавува нервоза кај сите. Џорџ ја наговара Ен да не се мажи за Крис и ѝ кажува дека нивниот татко е неправедно осуден, односно дека вистинскиот виновник за загинатите пилоти е Џо Келер. Кејт отворено му се спротивставува на синот, забранувајќи му да се ожени со Ен. На почетокот, Крис застанува во одбрана на својот татко, но постепено почнува да се сомнева во неговата невиност, а Џо Келер почнува да се брани, но најпосле го признава злосторството. Налутениот Крис заминува некаде.[5]

Трет чин[уреди | уреди извор]

Во два часот по полноќ, сите го бараат Крис, загрижени да не му се случила несреќа. Кејт бара од својот сопруг да го признае злосторството и да оди в затвор, зашто само така ќе се смири Крис. Најпосле, Крис се враќа дома, а Ен им го покажува последното писмо на Лари, во кое тој ѝ напишал дека решил да се убие откако дознал дека пилотите погинале поради неисправните делови испорачани од фабриката на неговиот татко. Обвинет од сите и со нагризена совест, Џо Келер оди во куќата и се убива.[6]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

„Сите мои синови“ е најуспешната драма на Милер. За првпат таа била прикажана во Њујорк, во 1947 година, по што доживеала над 300 изведби. Потоа, таа била прикажувана и во другите американски градови, а голем успех постигнала и на сцените во Европа. Истовремено, ова дело ја добило наградата на Друштвото на американските критичари за најдобра американска драма. Во драмата „Сите мои синови“, Милер ги разобличува алчните американски фабриканти, луѓе без совест кои во трката за добивка дури се подготвени да ги жртвуваат туѓите животи, а потоа вината ја префрлаат врз другите. Целата тежина на неговото злосторство се дознава кога се открива дека тој е виновникот за смртта на својот син, кој се убил од срам поради валканите дејствија на татко си.[7] Во драмата, дејството е мајсторски оформено, дијалогот тече неусилено, а сите конфликти се градат економично во ограничениот простор. Драмата ја сочинуваат повеќе составки, од литературната основа до сценската изведба, а може да се чита и како привлечно четиво. „Сите мои синови“ е образец на добра идеја и на осмислена композиција. Во идејна смисла, Милер покажува вистински патриотизам и длабоко третирање на човековите чувства, на жртвата и на трагиката. Драмата покажува како војната ги поместува луѓето и какви последици предизвикува алчноста по богатството. Како осведочен хуманост, прогресивна личност и човек со вистински вредности, во ова дело Милер одбира тема и мотив кои ги откриваатнајслоевитите проблеми и дилеми кај луѓето.[8]

Изданија на македонски јазик[уреди | уреди извор]

Во 1983 година, делото било објавено на македонски јазик од страна на издавачката куќа „Наша книга“. Преводот од англиски јазик го направила Мила Гулеска, ликовно-графичкото уредување е дело на Томислав Филипов, а коректурата ја извршиле Спасија Бурековиќ и Благородна Билбиловска. На крајот од книгата се наоѓа поговор кон делото, напишан од Нада Момировска. Книгата има 89 страници, со обем од 20 сантиметри. Таа е каталогизирана во НУБ „Климент Охридски“ - Скопје, но без меѓународната ознака ISBN. Книгата е испечатена во печатницатаКиро Дандаро“ во Битола, во тираж од 5.000 примероци.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Артур Милер, Сите мои синови. Скопје: Наша книга, 1983.
  2. Нада Момировска, „Поговор“, во: Артур Милер, Сите мои синови. Скопје: Наша книга, 1983, стр. 86-88.
  3. Нада Момировска, „Поговор“, во: Артур Милер, Сите мои синови. Скопје: Наша книга, 1983, стр. 87.
  4. Артур Милер, Сите мои синови. Скопје: Наша книга, 1983, стр. 7-43.
  5. Артур Милер, Сите мои синови. Скопје: Наша книга, 1983, стр. 43-72.
  6. Артур Милер, Сите мои синови. Скопје: Наша книга, 1983, стр. 73-84.
  7. Нада Момировска, „Поговор“, во: Артур Милер, Сите мои синови. Скопје: Наша книга, 1983, стр. 85-86.
  8. Нада Момировска, „Поговор“, во: Артур Милер, Сите мои синови. Скопје: Наша книга, 1983, стр. 86-89.