Прејди на содржината

Сите авиони летаат над моето село

Од Википедија — слободната енциклопедија
Сите авиони летаат над моето село
АвторАнета Тасова
ЗемјаМакедонија Македонија
Јазикмакедонски
Жанрраскази
ИздавачФондација „Рамковски“, Скопје
Издадена
2007
Медиумпечатено издание
Страници127
ISBN978-9989-2732-1-6

„Сите авиони летаат над моето село“ — збирка раскази од македонската писателка, поетеса и новинарка, Анета (Василева) Тасова. Книгата е издадена во 2007 година во Скопје, откако во истата година е наградена со наградата „Живко Чинго“ (фондација „Рамковски“).

Содржина

[уреди | уреди извор]

Интересно е да се каже дека збирката „Сите авиони летаат над моето село“ е реализирана на начин што голем дел од расказите најпрво се вклучени веднаш во самата збирка и тоа функционира како една целина, а потоа, блиску еден до друг, се наоѓаат два циклуси кои во себе содржат по десетина раскази. Тоа се циклусите „Точка во утробата“, и „Интервју со еден преживеан“. Во овие два циклуси расказите се надоврзуваат еден на друг и се означени со бројки, по што следи нивниот наслов, додека пак расказите до пред овие циклуси се приказни сами за себе, имаат својата поента и не се поврзани се ништо што понатаму следи, освен со стилот на пишување.

Осврт кон делото

[уреди | уреди извор]

Во својот осврт „Летам високо и убаво гледам“[1], Славчо Ковилоски забележува дека расказите на Тасова, во збирката „Сите авиони летаат над моето село“, на убедлив начин го отсликуваат нашето секојдневие, апсурдот и фантазијата. Јазикот во нив е некаде поетичен, некаде разговорлив: „Јас и ти (само затоа што...)“, „Рај за 10 денари“, „Мост за паѓање“, се само дел од расказите во кои одлично се вклопува поетскиот израз на авторката. Тоа особено се однесува на „Јас и ти...“ каде што целиот воведен дел всушност претставува песна: „...еден човек / како човек / и една жена / како жена / живееја долго / на познавајќи го своето дете / и обратно“ (или дури може да се толкува како одломка од некоја поема). Заклучоците кои Тасова ги изведува не мора да се точни, немора ни да се согласуваме со неа, таа едноставно ни ги пренесува своите мисли, но и псхихологијата на размислување на ликовите кои ги обработува. Во „Сонот на едно девојче“ таа се наоѓа во улога на девојче кое сака да го одбере својот животен пат во модерното општество. Во тој свет ништо не е лесно, транзицијата уште не е завршена, капиталисти и комунисти уште се борат за живот, а корупција на секој чекор. Јазикот со кој авторката се користи на моменти е експлицитен, но не до границите на вулгарноста, нечитливоста и исфрустрираноста (како кај А. Букарски, на пр.). Во јазикот на Анета Тасова дури се чувствува вид на слатко освежување при читањето, бидејќи има поента, и на крајот на краиштата тоа е секојдневен говор, но не младешки и искомплексиран од реалноста. Всушност, реалноста е таква каква што е, тука нема бегање. Ова го напоменувам, бидејќи голем дел од младите автори знаат да се изгубат при создавањето, мислејќи дека колку повеќе пцости и вулгарности ќе вметнат во своето пишување, толку ќе добијат на поени кај читателската публика, која што требало(!) да ги разбере нивните ставови. Прво: Тасова е поет. Друго: перспективата на настаните од нејзина страна е предадена преку неколку ликови, сите слични, но истовремено и различни. Трето: двата циклуси имаат своја приказна, иако се кратки, и токму поради тоа што се кратки.

Се разбира, пропусти можат да се најдат на понекое место во збирката, каде што Тасова како да заглавила при раскажувањето и јазикот е недоволно јасен, но понекогаш, за да видиме колку едно дело е добро, мораме да ги забележиме неговите недостатоци. Во овој случај, некои раскази отскокнуваат над другите, а тие најмногу можат да се најдат во двата циклуса „Точка...“ и „Интервју...“. Двата циклуса можат да функционираат и како еден расказ, со таа разлика што тогаш веќе би попримиле нијанса на новела или краток роман во кој нема да го сретнеме името на главниот лик (херој? јунак?), меѓутоа ќе се сретнеме со Штрекнатите, ликови кои во неколку наврати ќе бидеме во допир и кои не се носители на нешто добро.

Интересна е психолошката страна која Тасова ја разработува – од една страна тука е секојдневието што делува толку празно, отуѓеноста на човекот еден од друг, тука е и пријателството (човек не бидува без човек), сувиот призвук на политиката, сеирот и цинизмот, секојдневните човечки карактеристики. Дури, има моменти кога авторката ќе навлезе и во рамките на филозофијата, на мислата, елаборирајќи ја најмногу војната, давајќи заклучок дека таа е фабрика за трошење на луѓе. Политизирајќи, таа се навраќа и на нашата „мала војна“, во која луѓето веќе ги нема, а оние, што ја слават смртта, денес бидуваат претставени како нечии херои.

Анета Тасова е зрел раскажувач, заклучува Славчо Ковилоски и додава дека нејзиното време допрва доаѓа и можеме да очекуваме нови книжевни достигнувања од авторката.

Технички одлики

[уреди | уреди извор]

Книгата „Сите авиони летаат над моето село“, со обем од 127 страници и со димензии од 21 сантиметар, каталогизирана е во библиографско-каталошката база на податоци COBIB.MK[2] и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-9989-2732-1-6. Издадена е во 2007 година во Скопје, од Фондација „Рамковски“.

  1. Koviloski, Slavcho (2019-01-01). „ОТВОРЕНИ СТРАНИЦИ / Otvoreni stranici“. ОТВОРЕНИ СТРАНИЦИ / Otvoreni stranici.
  2. Василева, Анета (2007). Сите авиони летаат над моето село. Скопје: Фондација Рамковски. стр. 127. ISBN 978-9989-2732-1-6.

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]