Систем на национални сметки

Од Википедија — слободната енциклопедија

Системот на национални сметки (англиски: System of National Accounts, SNA) претставува меѓународно прифатена, стандардна група препораки кои се однесуваат на начинот на прибирање, евидентирање и пресметување на мерките на економската активност во согласност со сметководствените правила. Системот на национални сметки обезбедува една разбирлива и систематска рамка за прибирање, презентирање и анализа на макроекономските статистики. Воспоставувајќи организирана рамка на сметки, овој систем дава детали за тоа како функционира економијата и како економските субјекти соработуваат помеѓу себе. Оваа рамка овозможува и ја олеснува анализата на производството и употребата на стоките и услугите, анализа на доходот од таквото производство и идентификување на капиталните и финансиските текови кои се случуваат во економијата. Значењето на рамката е тоа што не информира и за економската активност, како и за состојбата на производствените средства во економијата и богатството на нивните жители. Генерално, концептуалните елементи на системот на националните сметки вклучуваат:[1]

  • Дефинирање и одредување на институционалните единици и сектори;
  • Дефинирање, разграничување и класифицирање на трансакциите и останатите текови;
  • Дефинирање, опфат и класификација на активата и пасивата;
  • Подетално дефинирање и класифицирање на производите и производните единици.

Главни макроекономски агрегати[уреди | уреди извор]

Според системот на националните сметки, дефинирани се следните агрегати, кои имаат главна централна улога во макроекономските анализи:

  • Бруто производство (Q) – вредноста на сите стоки и услуги произведени во рамките на економијата.
  • Додадена вредност – вредноста на бруто производството намалена за меѓуфазната потрошувачка.
  • Бруто-домашен производ (GDP) – збир на додадените вредности помеѓу сите производители резиденти на една економија. БДП ја мери вредноста на финалните производи и услуги.
  • Финална потрошувачка (C) – стоки и услуги (увезени или дома произведени) купени од страна на домаќинствата. Покрај финална, постои и интермедијарна потрошувачка која се однесува на инпутите во производствениот процес.
  • Инвестиции (I) – производство на машини, изградба на фабрики и резидентни и нерезидентни структури и промена на залихите. Во поширока смисла на зборот, како инвестиција се подразбира било која тековна активност која ја зголемува способноста на економијата за производство. Така, на пример, образованието се смета за инвестиција во човечки капитал, бидејќи ја зголемува способноста на работната сила. Бруто инвестициите ја вклучуваат и амортизацијата. Доколку тие се намалат за износот на амортизација се добиваат нето-инвестициите.
  • Апсорпција (А) – или агрегатна домашна побарувачка е дефинирана како збир на финалната потрошувачка (C) и бруто инвестициите (I), односно A = C + I.
  • Нето извоз (X - M) – вредноста на извезените стоки и услуги намалена за вредноста на увезените стоки и услуги.

Бидејќи бруто-домашниот производ го вклучува само доходот остварен од домашното производство, тој не го опфаќа доходот остварен од сите извори во економијата. Со цел обезбедување на целосна покриеност и опфат на сите извори на доход во економијата, во Системот на национални сметки се дефинирани два дополнителни макроекономски агрегати: бруто-национален доход (GNI) и бруто-национален расположлив доход (GNDI).[2]

  • Бруто-националниот доход (GNI) е еднаков на БДП зголемен за нето приливите по основ доход од странство (Y) (доход примен од странство (од нерезиденти) намален за доходот исплатен и трансфериран на нерезиденти), т.е. GNI = GDP + Y.
  • Странскиот доход се состои од 1) доход од инвестиции во форма на дивиденди од директни инвестиции 2) камати по основ на екстерно задолжување или кредитирање и 3) доход на мигранти или сезонски работници. Вкупниот доход кој е расположлив на резидентите на една земја се мери преку бруто-националниот расположлив доход (GNDI). Овој агрегат се добива со додавање на нето тековните трансфери од странство (Tr) на бруто-националниот доход (GNI), т.е. GNDI = GNI + Tr. Нето тековните трансфери се дефинирани како разлика помеѓу трансферите добиени од странство и трансферите испратени на нерезиденти. Овие трансфери може да бидат приватни и официјални. Приватните во најголем дел се однесуваат на миграционите трансфери, додека официјалните трансфери се најчесто донации (помош) на државата од странство. Трансферите можат да бидат капитални и тековни, така што тековните се лесно потрошливи, а капиталните трансфери вклучуваат трансфер на сопственост на одредено фиксно средство.

Разликата помеѓу бруто-националниот расположлив доход и финалната потрошувачка го дава бруто националното штедење (S), т.е. S= GNDI - C. Бруто домашното штедење се добива како разлика меѓу бруто националното штедење, нето тековните трансфери од странство и нето доходот од странство.[3]

Сметки во Системот на национални сметки[уреди | уреди извор]

Според концептуалните елементи на SNA2008, сите текови и состојби се евидентираат во сметките на Системот на национални сметки, при што секоја сметка е поврзана и дава информации за одреден аспект на економското однесување на единиците, секторите и економијата во целост. Сметките претставуваат сублимат на голем број на детални информации за функционирање на економијата, економските активности на една економија, како и поврзаноста помеѓу различните субјекти во економијата, организирани во согласност со економските принципи. Обично, ставките во сметката не се во рамнотежа, поради што се воведува ставка на порамнување, која е дефинирана како разлика помеѓу вкупните извори евидентирани на едната страна на сметката и вкупната употреба на овие фондови евидентирани на другата страна. Ставката за порамнување од една сметка претставува почетна ставка на спротивната страна во следната сметка. Сметките се групирани во три главни категории:[4]

  1. Тековни сметки
  2. Акумулациска сметка
  3. Биланси на состојбата

Тековни сметки[уреди | уреди извор]

Тековните сметки го опфаќаат производството на стоки и услуги, создавањето на доходот преку производството, последователна распределба и прераспределба на доходот помеѓу институционалните единици и употреба на доходот за потребите на потрошувачка или штедење. Во нив спаѓаат:[5]

  1. Сметките на производството го евидентираат производството на стоки и услуги, односно ја покажува додадената вредност. Ставката за порамнување на оваа сметка е додадената вредност. За економијата како целина, по додавање на даноците и субвенциите, ставката на порамнување е бруто-домашниот производ.
  2. Сметка на создавање на доходот ги евидентира примарните доходи на единиците кои произлегуваат од процесот на производство. Примарните доходи се дефинираат како доходи кои настануваат кај институционалните единици како резултат на нивното учество во производствениот процес или сопственост на средство кое може да се користи за производствени цели. Таа покажува како се распределува додадената вредност од гледна точка на производителот, а тоа се плаќања за, 1) даноци на државата (намалени за субвенции), 2) надоместок на вработените за работна сила. По одземањето на овие плаќања од додадената вредност се добива порамнувачка ставка на сметка на создавање на доходот, а тоа е оперативниот доход.
  3. Сметката на распределба на доходот главно инкорпорира две подсметки: 1) сметка на распределба на примарен доход и 2) сметка на секундарна распределба на доходот. Сметката на распределба на примарниот доход се фокусира на примачите на примарни доходи кои се создадени од производството, како на евидентирањето на распределбата на доходот кој произлегува од воспоставена сопственост над одредено средство. Ставка за порамнување на примарен доход е салдото на примарните доходи. Сметката на секундарна расределба на доходот покажува како салдото на примарните доходи се трансформира во национален расположлив доход, преку примање и плаќање на тековни трансфери (тековни даноци на доход, богатство, социјални придонеси, социјални користи и други). Ставката за порамнување на сметката на секундарната распределба на доходот е националниот расположлив доход. За домаќинствата тоа е доходот кој може да се употреби за финална потрошувачка и штедење. За претпријатијата тоа е доходот кој останал после плаќање на сите даноци на доход, и кој не е распределен на сопствениците на капиталот.
  4. Сметка на употреба на доходот покажува како националниот расположлив доход се распределува на финална потрошувачка и штедење, при што штедењето претставува ставка за порамнување на оваа сметка.

Акумулациска сметка[уреди | уреди извор]

Акумулациската сметка ги содржи капиталната, финансиската и сметката на останатите промени во средствата. Капиталната сметка го прикажува стекнувањето и располагањето со нефинансиски средства. Таа ги мери промените во нето вредноста настанати како резултат на штедењето и капиталните трансфери од странство. Главната категорија која се добива од оваа сметка е нето-позајмувањето, која е порамнувачка сметка на капиталната сметка. Доколку земјата има вишок извори на средства над акумулацијата на капитал, таа се јавува како нето-кредитор. Од друга страна, економија која има капитални трошоци поголеми од изворите, таа е нето-должник.[6]

Финансиската сметка покажува како секторите располагаат со нивните вишоци на средства, односно како ги задоволуваат нивните финансиски потреби. Таа објаснува како дефицитарниот сектор го финансира своето задолжување и како суфицитарниот сектор може да ги направи слободните парични средства достапни на другите сектори. Во финансиската сметка, разликата помеѓу стекнувањето со финансиските средства и нето стекнувањето со финансиски обврски претставува нето финансиски инвестиции. Тие концепциски се секогаш идентични со нето кредитирање/задолжување. Финансиските трансакции помеѓу две институционални единици го зголемуваат нето позајмувањето/задолжувањето од едната институционална единица, а за истата вредност го намалуваат нето-задолжувањето/позајмувањето од другата институционална единица.[7]

Сметката за останатите промени во средствата ги опфаќа сметката на ревалоризација и сметка на останати промени во обемот на средствата. Сметката на ревалоризација ги прикажува промените во нето вредноста кои произлегуваат од остварените добивки и загуби во нефинансиски средства, финансиски средства и обврски, настанати како резултат на ценовните промени на различни средства и обврски.[8]

Биланси на состојбата[уреди | уреди извор]

Билансите на состојба ги прикажуваат состојбите на финансиските и нефинансиските средства и обврски и нето-вредноста на почетокот и на крајот на определен временски период. Ставка за порамнување во билансите на состојба претставува нето-вредноста, која се пресметува како разлика помеѓу вкупните средства и вкупните обврски.[9]

Пристапи за пресметка на бруто-домашниот производ[уреди | уреди извор]

Постојат три пристапа за пресметка на БДП:[10]

  • производен пристап: БДП е еднаков на бруто додадените вредности во економијата, т.е. GDP = ∑VA. Овој принцип се заснова на концептот на резидентност, односно опфатено е само производството на резидентните субјекти, како и на бруто концептот, што значи ја вклучува и амортизацијата.
  • доходен пристап: БДП е еднаков на збирот на доходите кои се создаваат од резидентните производители, т.е. GDP = W + OS + TSP, каде: W се платите на вработените; ОЅ се оперативните трошоци на производните единици (ренти, камати, амортизација и профит); а TSP ги означува даноците намалени за субвенциите.
  • расходен пристап: БДП е еднаков на збирот на финалните користења, т.е. GDP = C + I + (X - M), каде: C е финалната потрошувачка, I се инвестициите, Х го претставува извозот, а М е увозот.

Притоа, сите тие треба да дадат идентични резултати, доколку се применуваат правилата, концептите и дефинициите дадени од SNA2008.

Од аспект на макроекономските анализи корисна е поделбата на номинален и реален БДП. Номинален БДП е мери вредноста на производството во определен временски период, пресметана со користење на цените кои важат за тој период. Со цел да се опфатат сите промени кои настанале, потребно е да се дефлационира номиналниот БДП, со определен општ индекс на цени, познат како дефлатор на БДП. Реалниот БДП ја мери вредноста на производството во една економија со изолирање на ефектот од ценовните промени, односно користење на цените од некој базен период. Дефлаторот на БДП претставува индекс што го мери просечното ниво на цените на производство во економијата во однос на базната година. Процентуалните промени во дефлаторот на БДП ја одразуваат стапката на ценовните промени на сите стоки и услуги во економијата. Оттука, номиналниот БДП се пресметува така што реалниот БДП се множи со дефлаторот на БДП и производот се дели со 100.[11]

Недостатоци при мерењето на БДП[уреди | уреди извор]

Основните проблеми при мерењето на БДП се:[12]

  • Непрецизно мерење: Некои видови производства кои не се разменуваат на пазарот е тешко да се измерат прецизно. Пример за вакви производства се услугите кои ги дава државата, доброволните работи, подобрување на квалитетот на производите и сл.
  • „Сивата економија“: активностите кои се одвиваат во рамките на сивата економија се поттикнати од различни причини: избегнување на даноците, избегнување на законската регулација или извршување незаконски активности.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ѓорѓи Гоцков, Интегрирани макроекономски сметки и случајот на Македонија. Скопје: Еднотера, 2013, стр. 84-86.
  2. Ѓорѓи Гоцков, Интегрирани макроекономски сметки и случајот на Македонија. Скопје: Еднотера, 2013, стр. 87-92.
  3. Ѓорѓи Гоцков, Интегрирани макроекономски сметки и случајот на Македонија. Скопје: Еднотера, 2013, стр. 92.
  4. Ѓорѓи Гоцков, Интегрирани макроекономски сметки и случајот на Македонија. Скопје: Еднотера, 2013, стр. 93-97.
  5. Ѓорѓи Гоцков, Интегрирани макроекономски сметки и случајот на Македонија. Скопје: Еднотера, 2013, стр. 97-98.
  6. Ѓорѓи Гоцков, Интегрирани макроекономски сметки и случајот на Македонија. Скопје: Еднотера, 2013, стр. 98-99.
  7. Ѓорѓи Гоцков, Интегрирани макроекономски сметки и случајот на Македонија. Скопје: Еднотера, 2013, стр. 99-100.
  8. Ѓорѓи Гоцков, Интегрирани макроекономски сметки и случајот на Македонија. Скопје: Еднотера, 2013, стр. 101-102.
  9. Ѓорѓи Гоцков, Интегрирани макроекономски сметки и случајот на Македонија. Скопје: Еднотера, 2013, стр. 102.
  10. Ѓорѓи Гоцков, Интегрирани макроекономски сметки и случајот на Македонија. Скопје: Еднотера, 2013, стр. 102-104.
  11. Ѓорѓи Гоцков, Интегрирани макроекономски сметки и случајот на Македонија. Скопје: Еднотера, 2013, стр. 104-105.
  12. Ѓорѓи Гоцков, Интегрирани макроекономски сметки и случајот на Македонија. Скопје: Еднотера, 2013, стр. 106-108.