Син Нил

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Син Нил
ET Bahir Dar asv2018-02 img32 view from Bezawit.jpg
Синиот Нил во Бахир Дар, Етиопија
ЗемјаЕтиопија
Слив
Главен изворМал Абај / ез. Тана
Устиеспој со Белиот Нил во Картум, Судан, образувајќи го Нил
Сливна повр.325 000 км2
Физички особености
Должина1 450 км
Проток
  • Просечен:
    1 548 м3
Карта на Синиот и Белиот Нил.
Утоката на Синиот и Белиот Нил кај Картум/

Син Нил (арапски: النيل الأزرق, ен-Нил ел-езрак) или Абај (гиз: ዓባይ - „црн“) — река во Североисточна Африка, главна притока на Нил заедно со Белиот Нил.

Историја на истражување[уреди | уреди извор]

Новиот висечки мост на Синиот Нил, изграден во 2009 г. Единствениот пешачки мост од овој вид во Етиопија.
Клисура на Синиот Нил во Етиопија.

Првиот Европеец кој го забележал Синиот Нил во Етиопија е шпанскиот исусовец Педро Паес, кој дошол до неговиот извор на 21 април 1613 г.[1] Меѓутоа, првиот опис на познатите водопади на реката го дал португалскиот духовник Жоаун Бермудес, самонаречен „Патријарх на Етиопија“, во неговите мемоари од 1565 г. Веројатно е дека реката им била позната на и на други Европејци како Перо да Ковиља, кои живееле во Етиопија еден век пред Бермудес.

Изворот на Синиот Нил го посетиле и други европски дејци како португалскиот исусовски мисионер Жерониму Лубу во 1629 г. и шкотскиот патописец Џејмс Брус во 1770 г.

Првите кои го испловиле целото течение на Синиот Нил се геологот Пасквале Скатуро и снимателот Гордон Браун во 2004 г. при снимањето на документарецот Мистеријата на Нил.[2]

Течение[уреди | уреди извор]

Синиот Нил е наречен поради појавата која се случува при поплавите за време на летниот монсун, кои одронуваат огромно количество на плодна почва од Етиопската Висорамнина и ја носат по реката во облик на мил, давајќи ѝ на реката темнокафеава или речиси црна боја која оддалеку делува темносина.[3]

Се смета дека реката е долга некаде помеѓу 1 460 и 1 600 км, но не е точно позната поради непристапноста на клисурите по нејзиното течение.

Според материјалите на Централната статистичка управа на Етиопија, Синиот Нил има вкупна должина од 1 450 км, од кои 800 км се во таа земја.[4] Тече во јужен правец, извирајќи од езерото Тана, па на запад низ Етиопија и потоа на северозапад во Судан. На 30 км од изворот реката навлегува во огромна клисура долга околу 400 км која ја двои Етиопија на северна и јужна половина. На десетина километри од ова место се наоѓа величествен водопад висок 45 м.

Иако езерото Тана се полни од повеќе водотеци, за извор на Синиот Нил се смета потокот Гиш Абај на височина од 2 744 м. Овој извор, наречен Гилгел Абај (Мал Абај) тече во северен правец и влева во езерото Тана. Други дотеци во езерото се Горгора, Магеч, Северна Гумара, Реб, Јужна Гумара и Килте.[5] Реката потоа тече низ северозападна Етиопија, извивајќи се низ бројни котлини и клисури, па навлегува во Судан. Оттука натаму е позната само како Син Нил.

Абај има поголем број притоки по течението од Тана до суданската граница. По низводен редослед, леви притоки се Ванка, Башило, Валака, Ванчет, Џама, Муер, Гудер, Агвел, Неди, Дидеса и Дабус. По истиот редослед, десни притоки се Хандаса, Тул, Абаја, Саде, Тами, Ча, Шита, Суха, Муга, Гула, Темча, Бечат, Катлан, Џиба, Чамога, Ветер и Белес.[5]

Реката го одминува Русајрис во Судан, па ја прима Диндер од десно кај истоименото гратче, за на крај да се влее во Белиот Нил кај Картум, образувајќи го Нил, кој продолжува низ Египет и се влева во Средоземното Море кај Александрија.

Полноводност[уреди | уреди извор]

Реката достигнува најголема полноводност во дождовната сезона (од јуни до септември), кога учествува со 70-80 % од водата на Нил. Синиот Нил е од огромно значење за животот во Египет како најважна притока на Нил и главен причинител на поплавите кои ја оплодуваат неговата долина, овозможувајќи го подемот на староегипетската цивилизација и неговата митологија. Овие поплави во долен Египет престанале со изградбата на Асуанската брана во 1970 г.

Иако е пократок од Белиот, Синиот Нил е одговорен за просечно 59 % од водниот обем на Нил во Египет. Реката има суштинска улога во електростпанството на Судан, каде хидросистемите „Русајрис“ и „Сенар“ произведуваат дури од 80 % од електричната енергија во земјата. Овие брани воедно служат за наводнување на полињата кои даваат висококвалитетен памук, пченица и фуражни култури.

Во ноември 2012 г. во Етиопија е отпочната шестогодишната изградба на хидросистемот „Голема брана на Етиопската преродба“ со моќност од 6,45 гигавати, што ќе ја направи најголема хидроцентрала во Африка.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. R. E. Cheesman, Geographical Journal, 71 (1928), стр. 361
  2. Richard Bangs and Pasquale Scaturro, Mystery of the Nile. New York: New American Library, 2005
  3. "The Blue Nile: Its Origin, Falls, and Gorge". Dinknesh Ethiopia Tour. Архивирано од изворникот на 2015-08-20. конс. 11 ноември 2015. 
  4. "Climate, 2008 National Statistics (Abstract)", Table A.1. Central Statistical Agency посет. 26 декември 2009 г
  5. 5,0 5,1 G.W.B. Huntingford, Historical Geography of Ethiopia from the first century AD to 1704 (London: British Academy, 1989), стр. 34

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Координати: 12°00′N 037°15′E / 12.000° СГШ; 37.250° ИГД / 12.000; 37.250