Силата на магнумот (филм од 1973)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Силата на магнумот (англиски: Magnum Force) е американски филм од 1973 година, во режија на Тед Пост, во кој главната улога ја толкува Клинт Иствуд. Другите улоги ги толкуваат: Хал Холбрук, Мичел Рајан, Дејвид Соул, Фелтон Пери, Тим Метсон, итн. Тој е вториот филм од циклусот посветен на Валканиот Хари.[1]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Исто како и во првиот дел од циклусот, дејството на филмот повторно се случува во Сан Франциско, каде на секој чекор владее криминалот, а полицијата е немоќна да му се спротивстави. Неочекувано, човек во полициска униформа започнува да ги убива криминалците, а во истрагата е вклучен и полицаецот Хари Калахан (го игра Иствуд). Еднаш, додека вежба пукање со пиштол, тој запознава неколку нови, млади полицајци кои исто како него се докажуваат како одлични стрелци. По некое време, при убиството на еден криминалец е убиен и стариот полицаец МекКој (го игра Рајан) кој му е пријател на Хари. Во меѓувреме, Хари започнува да се сомнева дека убиецот е полицаец, а наскоро, за време на годишниот полициски натпревар во пукање со пиштол (на кој Хари е повеќекратен победник) тој го открива полицаецот кој ги убива криминалците: се работи за Дејвис (го игра Соул), кој е еден од групата нови полицајци. Така, Хари заклучува дека во рамките на полицијата постои неформална организација, составена од полицајци кои законот го презеле во своите раце. Истовремено, и таа група насетува дека е откриена, па полицајците му се закануваат на Хари, а потоа му подметнуваат експлозив и го убиваат неговиот ортак (го игра Пери). Тогаш, Хари го повикува на помош началникот на полицијата Бригс (го игра Холбрук), но се открива дека и тој е вклучен во неформалната група. Сепак, Хари успева да го совлада Бригс, но по него тргнуваат тројца полицајци на мотори. Хари успева да побегне на еден стар, напуштен брод, каде ги убива полицајците, но повторно се појавува началникот Бригс, кој има намера да го обвини Хари за убиството на полицајците. Меѓутоа, Хари успева да го надмудри, ставајќи му експлозив во автомобилот и Бригс погинува.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]