Сид

Од Википедија — слободната енциклопедија
„Le Cid“
Title page of the 1673 printing of Le Cid
Насловната страница од изданието на „Сид“ од 1637 година.
АвторПјер Корнеј
Премиерајануари, 1636
Место на премиераТеатар де Маре, Париз
МестоКралство на Кастиља

Сид (француски: Le Cid) — трагикомедија во пет чина, дело на францускиот писател Пјер Корнеј. Првата изведба на драмата била во јануари 1636 година, во Париз. Таа е заснована врз драмата на Гијен де Кастро, Las mocedades del Cid од 1618 година.[1] Драмата на Кастро, од друга страна, се темели врз легендата за Ел Сид. „Сид“ се смета за најдобрата драма на Корнеј и по премиерата била толку популарна што довело до голема расправа околу нејзиниот квалитет, позната како „Кавгата на Сид“ (француски: Querelle du Cid).

Ликови[уреди | уреди извор]

Дејството во драмата се одвива во Севиља, а во неа се појавуваат следниве ликови:[2]

  • Дон Фернандо - првиот крал на Кастиља
  • Дона Урака (Инфанта) - ќерка на кралот
  • Дон Диего - татко на дон Родриго
  • Дон Гомес - конт де Гормас, татко на Химена
  • Дон Родриго - син на дон Диего
  • Дон Санчо - благородник, вљубен во Химена
  • Дон Ариаз - благородник
  • Дон Алонсо - благородник
  • Химена - ќерка на дон Гомес
  • Леонора - гувернанта на инфантата
  • Елвира - гувернанта на Химена
  • Пажот на инфантата

Содржина[уреди | уреди извор]

Прв чин[уреди | уреди извор]

Химена ја прашува својата гувернанта Елвира за мислењето на нејзиниот татко во однос на дон Родриго во кого таа е вљубена. Елвира ѝ соопштува дека нејзиниот татко е благонаклонет кон дон Родриго. Химена е пресреќна поради тоа, но претчувствува некаква несреќа. Кралската ќерка е, исто така, вљубена во дон Родриго, но свесна дека мора да земе маж од кралско семејство, таа ја поттикнува љубовта меѓу дон Родриго и Химена. Истовремено, дон Диего го посетува контот дон Гомес, кажувајќи му за љубовта меѓу нивните деца. Меѓутоа, дон Гомес му е љубоморен на дон Диего, кој е повикан да му биде личен воспитувач на кралскиот син. Иако дон Диего уживал голема слава поради храбрите дела во младоста, дон Гомес (кој ужива слава како голем војсководач) смета дека тој треба да го воспитува принцот, зашто сегашните заслуги се поважни од минатите. Притоа, во расправата, тој му удира шлаканица на стариот дон Диего, кој потоа бара од дон Родриго да ја одмазди неговата чест. Така, дон Родриго е растргнат меѓу љубовта кон Химена и должноста кон семејната чест.[3]

Втор чин[уреди | уреди извор]

Кралот веќе слушнал за расправата меѓу дон Диего и дон Гомес и сака да ги смири, но истовремено е бесен поради горделивоста на дон Гомес, кој смета дека е премногу важен за кралството за да биде казнет. Истовремено, слушајќи за кавгата, повторно се буди надежта на инфантата дека ќе може да го освои дон Родриго. Кралот заповеда да го доведат дон Гомес, но тој и дон Родриго излегуваат на двобој при што победува дон Родриго. По двобојот, Химена доаѓа кај кралот барајќи казна за убиецот на нејзиниот татко, но во исто време дон Диего застанува во одбрана на својот син, оправдувајќи ја неговата постапка како оправдана и чесна.[4]

Трет чин[уреди | уреди извор]

Дон Родриго оди во домот на Химена и ѝ ја нуди својата глава како цена за убиството на татко ѝ. Химена е растргната од две чувства: од една страна, таа ја посакува смртта на Родриго, а од друга страна, не сака да го загуби саканиот. Дон Диего, кој насекаде низ градот го бара својот син, конечно го среќава и му соопштува дека кон градот се приближува војската на Маварите, поттикнувајќи се да ја искаже храброста на бојното поле.[5]

Четврти чин[уреди | уреди извор]

До Химена пристигнува веста за херојството на дон Родриго, кој успеал да ја победи маварската војска при што заробил двајца нивни крала. Целиот град го слави дон Родриго како спасител на кралството, но таа не сака да попушти пред желбата да ја одмазди смртта на својот татко. Во меѓувреме, кралот го прима дон Родриго и му укажува најголеми почести за стореното дело. Тогаш, во дворецот доаѓа Химена која бара правда, а за да ја провери, кралот ѝ кажува дека Родриго погинал во борбата, со што ја открива нејзината љубов. Сепак, таа останува тврдоглава и бара да се организира двобој во кој некој од рицарите би го убил Родриго, а за возврат, таа би се омажила за победникот. Кралот го зема во заштита Родриго, но дон Диего се спротивставува на тоа, барајќи веднаш да се организира двобојот во кој Родриго ќе ја сочува честа или ќе умре. Еден од благородниците, дон Санчо, кој е вљубен во Химена, прифаќа да се бори со дон Родриго.[6]

Петти чин[уреди | уреди извор]

Дон Родриго повторно ја посетува Химена, кажувајќи дека доброволно ќе умре во двобојот, само за да ја задоволи нејзината чест. Водена од љубовта кон него, Химена бара од него да се бори чесно и да го убие противникот. Во меѓувреме, откако дон Родриго станал херој на Кастиља, повторно се буди љубовта кај инфантата, кој сонува дека тој ќе стане крал и така ќе може да се омажи за него. Кај Химена пристигнува дон Санчо носејќи го мечот на Родриго. Уште пред да може да раскаже што се случило, таа помислува дека Родриго е мртов и го напаѓа дон Санчо, изјавувајќи дека, наспроти претходното ветување, никогаш нема да се омажи со него, зашто вечно ќе го сака Родриго. Подоцна, Химена ја признава својата љубов пред кралот, со молба да замине во некој манастир, но тој ѝ соопштува дека Родриго е жив. Притоа, бидејќи смртта на дон Гомес е сè уште свежа, кралот го испраќа Родриго во војна со Маварите, со ветување дека ќе се ожени со Химена откако ќе помине една година.[7]

Инспирација и настанување на делото[уреди | уреди извор]

Темата на „Сид“ е земена од Стара Кастиља каде постоело долго предание за јунакот Сид. Всушност, станува збор за реален историски лик - Родриго Диаз де Бивар, кој се родил во Бургос, а умрел во 1099 година во Валенсија. Родриго се борел против Маварите, во полза на шпанските кралеви (поради што што Алфонсо VI му ја дал за жена својата внука, принцезата Химена, ќерка на грофот од Астурија), а повремено се борел и против нив (поради што бил присилен да се засолни во Сарагоса). Родриго се стекнал со голема слава, а подоцна историските факти поврзани со него започнале да се менуваат и поетски да се обработуваат, така што тој станал народен херој и бил наречен Сид, што значи: јунак, господар. Во текот на XII и XIII век се појавиле поетски творби посветени на него, како „Песна за Родриго“ и „Римувана хроника“, а подоцна и „Поема за мојот Сид“. Во 1601 и 1605 година, во прочуената збирка на шпански романси од XII до XVI век, Romacero general песните за Сид заземале видно место, а во 1612 година се појавила посебна книга посветена на него, Romancero del Cid. Малку подоцна, во „Историјата на Шпанија“ од езуитскиот свештеник Хуан де Маријана приказната за Сид претрпела значителни промени: Родриго го убива таткото на Химена, така што таа бара од кралот да се казни убиецот, но на крајот двајцата се венчаваат. Најдобрата поетска обработка на легендата за Сид во шпанската книжевност се среќава кај Гилен де Кастро, кој ги напишал драмите „Јуначките подвизи од детството на Сид“ (Las Mocedades del Cid) и „Херојствата на Сид“ (Las Hazanas del Cid), отпечатени во 1618 година во првиот дел од неговите „Комедии“ (Comedias).[8]
Од формална гледна точка, материјата во „Сид“ на Корнеј е слична на онаа во драмите на де Кастро, а таа сличност Корнеј воопшто не ја криел, туку отворено му соопштил на писателот Скидери (Scudéry) дека имал многу добар модел за своето дело. Подоцна, отвореноста на Корнеј била причина за неговите противници да го обвинат за неоригиналност, па дури и за плагијат. Навистина, многу елементи и епизоди се заеднички кај двајцата автори, како: љубовта меѓу Родриго и Химена, двобојот меѓу Родриго и таткото на Химена, љубовта на инфантата кон Родриго, победата на Родриго над маварската војска, интервенцијата на кралот итн. Сепак, во поглед на концепцијата и обработката на темата, делото на Корнеј е супериорно во споредба со она на де Кастро. Шпанската пиеса била опширна, пренатрупана со разни настани и сцени развлечени во период од неколку години кои се случуваат во повеќе места. На тој начин, таа била повеќе драматизирана поема, сценска импровизација на повеќе предмети, отколку стегната трагедија. Наспроти тоа, Корнеј се ограничил на главните ликови, нив ги групирал околу едно единствено сиже, настаните ги ставил во строга рамка со единство на местото и времето, а дејството го претставил во расплетот на една морална криза. Притоа, Корнеј го дотерал и подновил мотивот, општиот тон, држењето и особините на ликовите ги претставил во духот на неговото време, а грубоста и суровоста на шпанските карактери и обичаи ги ублажил до крајна мерка. Всушност, Корнеј ги исфрлил или изменил сите сцени и епизоди со кои де Кастро постигнувал мелодрамски, па дури и циркуски ефект; ги отфрлил надворешните ефекти и драмското дејство го префрлил на внатрешната борба; а драмскиот интерес го пренесол на разрешување на моралната дилема. На тој начин, Корнеј создал трагедија со хомогена правилност, со што се јавил како основач на француската класична трагедија.[9]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Уште по првото прикажување, драмата „Сид“ постигнала голем успех, благодарение на новата тема, благородните чувства и силниот карактер на ликовите. Публиката била воодушевена, редовно пред театарот „ди Маре“ имало долги редови и турканици, салата била недоволна за да ги прими сите заинтересирани, а претставите биле проследени со долги ракоплескања. Гледачите на можеле да се заситат од претставата, многу луѓе оделе на неколку претстави по ред, а повеќе стихови луѓето ги знаеле напамет и ги рецитирале. Како последица на големиот успех на драмата, во тоа време се јавила поговорката „убаво како Сид“. Инаку, кога била отпечатена, пиесата „Сид“ била наречена трагикомедија, зашто според тогашните сфаќања трагедијата требало да има крвав расплет. Сепак, подоцна, делото секогаш било именувано како трагедија.[10]
Во „Сид“ нема импровизација, туку систематско студирање и разрешување на проблемите од морален и сценски карактер, од надворешна и внатрешан страна, при што создава целосна рамнотежа, хармонија и единство на драмскиот и психолошкиот елемент. Делото се одликува со стегнато, живо и отмено драмско дејство, а моралните проблеми во него се тешки, необични, но истовремено возвишени и благородни. Сето тоа е изнесено низ прекрасни стихови, полни со благородни мисли и сигестивни сентенции измешани со силни чувства. Основниот морален проблем во делото е борбата меѓу љубовта и честа, која на возбудлив начин и со вешта постепеност е доведена до кулминација при што таа борба се разрешува така што сите барања на должноста се задоволени, а потоа должноста ѝ го отстапува местото на љубовта. Притоа, во исполнувањето на нивните должности Родриго и Химена се креваат на натчовечка висина и се здобиваат со невидена морална убавина. Во тој поглед, „Сид“ се наметнал како инкарнација на идеалот на генерацијата од тоа време, а ликовите во драмата, иако се далеку од конвенционалните ликови од тогашната театарска сцена, се живи суштества со интензивна индивидуалност. Дејството во драмата е испреплетено со стегнати и живи дијалози, со возбудливи љубовни двобои изнесени во правилни, звучни и сугестивни стихови, со колоритен стих кој е истовремено енергичен, нежен, патетичен и природен.[11]

Изданија на македонски јазик[уреди | уреди извор]

Во 1970 година, издавачката куќа Македонска книга го објавила делото „Сид“ во препев на Ацо Шопов. Книгата била објавена во рамките на библиотеката „Атлас“. Покрај трагедијата „Сид“, во книгата е содржан и осврт врз животот и делото на Пјер Корнеј, чиј автор е Ѓорѓи Шоптрајанов. Книгата, со обем од 126 страници, била испечатена во графичкиот завод „Гоце Делчев“ во декември 1969 година, во тираж од 5.000 примероци. Техничкото уредување на книгата и нацртот на корицата ги направил Коста Бојаџиевски, а коректор била Катерина Тошева. Изданието не е каталогизирано и не ја содржи меѓународната ознака ISBN.[2]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Garreau 1984, vol. 1, p. 554; Howarth 1997, p. 253 (Howarth gives the premiere date as January 1637; Garreau, as December 1636 or January 1637); Franco 1984, vol. 1, p. 477 (publication date of Castro's play).
  2. 2,0 2,1 Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970.
  3. Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 43-57.
  4. Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 58-78.
  5. Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 79-96.
  6. Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 97-111.
  7. Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 112-126.
  8. Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 14-15.
  9. Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 16-17.
  10. Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 13-14.
  11. Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 17-19.