Сивиот ут (филм)
„Сивиот ут“ (англиски: Grey Owl) – филм на режисерот Ричард Атенборо (Richard Attenborough) од 1999 година, снимен по сценариото (засновано врз биографски податоци) на Вилијам Николсон (William Nicholson). Главните улоги ги играат: Пирс Броснан (Pierce Brosnan) и Ани Галипо (Annie Galipeau). Филмот е визуелно впечатлив, зашто е снимен на автентични локации во северна Канада. Исто така, тој се истакнува и со одличната камера и костимографија, како и со оригиналната музика на Џорџ Фентон (George Fenton).[1]
Синопсис
[уреди | уреди извор]Арчи, наречен Сивиот ут, е Индијанец со бела кожа и со сини очи. Тој тврди дека татко му бил Шкот, а мајка му припадничка на племето Апачи и дека израснал во едно индијанско племе во Канада. Тој живее во шумата како трапер, но има дарба за пишување, па користејќи го името Сивиот ут пишува статии за весниците во кои се залага за зачувување на шумите од уништувањето и од „човечката контрола“. Иако живее на почетокот на 20 век, тој веќе воочува дека градовите се полни со бучава и смрдеа, далеку од животот со природата. Во шумата му се придружува една девојка, родена во племето Мохавк, но израсната в град и навикната на животот на белците. Иако не му е по волја, Сивиот ут ја прифаќа, ама наскоро се вљубува во неа и под нејзино влијание престанува да лови дабари. По некое време, тој објавува книга, станува познат и држи впечатливи и влијателни говори на јавни собири. Сепак, по бројните настапи по градовите, Сивиот ут се враќа во дивината, но заболува од воспаление на белите дробови и ненадејно умира во април, 1939 година.