Сејшели

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Сејшелски Острови)
Република Сејшели
Republic of Seychelles
Repiblik Sesel
République des Seychelles
Знаме Coat of arms
Гесло"Finis Coronat Opus"  (латински)
"Крајот го крунисува делото"
ХимнаKoste Seselwa

Местоположбата на  Сејшели  (темносино)
Местоположбата на  Сејшели  (темносино)
Местоположбата на  Сејшели  (темносино)
Главен градВикторија
4°37′S 55°27′E / 4.617° ЈГШ; 55.450° ИГД / -4.617; 55.450
Најголем град Викторија
Службен јазик англиски, француски, креолски
Демоним сејшелец
Уредување република
 •  Претседател Џејмс Мајкл
Независност од Обединетото Кралство 
 •  Датум 29 јуни 1976 
Површина
 •  Вкупна 451 км2 (197-ма)
 •  Вода (%) незначително
Население
 •  проценка за 2005 г. 87, 476 (јули 2009)[1] (205-та)
 •  Густина 194 жит/км2 (60-та)
БДП (ПКМ) проценка за 2008 г.
 •  Вкупен $1.807 милијарди[2] 
 •  По жител $21,909[2] 
БДП (номинален) проценка за 2008 г.
 •  Вкупно $834 милијарди[2] 
 •  По жител $10,111[2] 
ИЧР (2013) 0.756[3]
висок · 71ва
Валута сејшелска рупија (SCR)
Часовен појас SCT (UTC+4)
 •  (ЛСВ) н/п (UTC+4)
Се вози на лево
НДД .sc
Повик. бр. 248

Сејшелите (англиски: Seychelles; француски: Seychelles; сејшелски креолски: Sesel), официјално Република Сејшели (англиски: Republic of Seychelles; француски: République des Seychelles; сејшелски креолски: Repiblik Sesel) или позната и како Сејшелски Острови е островска држава во Индискиот Океан. Државата е всушност архипелаг од 115 острови кои се наоѓаат на 1500 километри оддалеченост од копното на Африка, или поточно североисточно од Мадагаскар.

Во близина на Сејшелите се наоѓаат и останати држави и територии, како на пример Занзибар на запад, Маврициус и Реинион на југ и Коморите и Мајот на југозапад. Вкупната површина на Сејшелите изнесува 451 километар квадратен каде живеат околу 84.000 жители, што ја прави најмала држава во Африка по бројот на населението.[4] Службени јазици во државата се сејшелски креолски јазик, англиски јазик и француски јазик, додека главен град е Викторија.

Потекло на поимот[уреди | уреди извор]

Бидејќи островите не биле населени, нема староседелско име. Првото име кое било назначено за островите е „Адмиралски Острови“ (Ilhas Admirante), име кое го дал Васко де Гама во чест на самиот себе. Денешното име „Seychelles“ е дадено во чест на Жан Моро де Сејешел. Во македонскиот јазик постојат три верзии на името: Сејшели (кратко име), Република Сејшели (целосно име) и Сејшелски Острови (географско име). Најчесто се користи краткото име.

Историја[уреди | уреди извор]

Разгледница од Сејшелите од 1903.

Научниците претпоставуваат дека австронезиски морепловци, а подоцна и Малдивци и Арапи, биле првите кои ги посетиле Сејшелските Острови, кои биле ненаселени. Остатоци од присуство на малдивски морнари од 12 век биле пронајдени на островот Силует.[5] Најраните записи од присуство на Европејци на островите датираат од 1502 година од страна на португалскиот адмирал Васко де Гама. Васко де Гама ги именувал островите по себе, односно Адмиралски Острови.

Бидејќи островите се на поморскиот трговски правец Азија-Африка, островите биле често посетувани од пирати, сè додека Французите не презеле контрола на островите во 1756 година од острана на Никола Морфи. Островите биле именувани како Сејшелски Острови (Seychelles) во чест на министерот за финансии Жан Моро де Сејешел, кој бил назначен од Луи XV.[6]

Британците презеле контрола врз островите во периодот од 1794 до 1810 година. Жан Батист де Квинс, француски администратор за Сејшелиѕе за време на војната со Обединетото Кралство, не успеал да се спротивстави која непријателските бродови пристигнале.[7] Наместо тоа, тој успешно договорил капитулација со Обединетото Кралство и со тоа населението се стекнало со одредени привилегии.

Британците презеле целосна конрола по предавањето на Маврициус во 1810. Сејшелите станале посебна британска колонија и се одделиле од Маврициус во 1903 година. Во 1966 и 1970 година се одржале избори, а во 1976 година Сејшелите се стекнале со независност.[8] Во 1977 година во државата имало државен удар и со тоа се сменил првиот претседател Џејмс Манчам и бил заменет од страна на Франс Алберт Рене.[9] Со уставот од 1979 година државата се пригласила за социјалистичка со еднопартиски систем. Овој систем траел до 1991 година. Во 1993 година се усвоил новиот устав на Сејшелите.

Географија и клима[уреди | уреди извор]

Карта на островските групи во Сејшелите.

Сејшелите се островска држава во Индискиот Океан и се наоѓаат североисточно од Мадагаскар и околу 1600 км источно од Кенија. Соседни островски држави на Сејшелите се Занзибар (Танзанија) на запад, Маврициус, Родригес, Агалега и Реунион на југ и Комори и Мајот на југозапад. Државата е составена од над 100 острови, често се верува дека има 115 острови, но во уставот на Сејшелите се наведени 155 острови.

Во државата има 42 гранитни острови кои ги сочинуваат т.н. внатрешни острови. Главниот сејшелски остров, Мае, е дел од оваа група. Покрај нив во Сејшелите има два корални песочни островчиња и два корални острови. Островската група Амирантес има 29 корални острови, а во Фаркухар има 13 корални острови. Островската група Алдабра има 67 корални острови. Главен град на државата е Викторија и вкупната површина на Сејшелите е 451 километар квадратен.

Климата на Сејшелите е тропска и влажна. Температурите во државата поретко варираат во текот на годината. Температурата на Мае се движи од 24 до 30 степени целзиусови и врнежите се движат од 2900 милиметри годишно во Викторија до 3.600 мм во планинските предели. Најладни месеци се август и јули и температурата паѓа под 24 степени. Југоисточни ветрови дуваат од мај до ноември и тогаш е најпријатен период во државата.

Политички систем[уреди | уреди извор]

Претседателската палата на Сејшелите.

Република Сејшели е унитарна претстаничка претседателска република. Претседателот е шеф на државата и шеф на владата. Претседателот се избира на избори за мандат од 5 години. Првиот претседател Џејмс Манчам бил сменет од функцијата преку државен удар и наместо него дошол Франс Алберт Рене во 1977 година и тој бил избиран секој избирачки циклус. Тој се повлекол во 2007 година и наместо него дошол Џејмс Мајкл. Тој бил избран и на изборите во 2011.

Кабинетот министри е назначен од претседателот и со одобрение на собранието. Собранието на Сејшелите е еднодомно и е составено од 34 пратеници, од кои 25 се избрани преку избори, а останатите се распоредени според процентите на гласовите на партиите. Пратениците имаат мандат од 5 години.

Административна поделба[уреди | уреди извор]

Сејшелите се поделени на 25 административни региони кои ги опфаќаат сите внатрешни острови. Осум од окрузите го сочинуваат главниот град на државата и се означени како „Голема Викторија“. Другите 14 окрузи на островот Мае се сметаат за рурални.

Голема Викторија

Рурално Мае

Прален
Останати надворешни острови

Карта на Сејшелите.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Националната валута во државата се вика Сејшелска рупија. За време на колонијалниот период главни извозни производи во државата биле ванилата, копрата и циметот. Со отворањето на аеродромот во 1971 година, туризмот станал сериозна индустриска гранка. Така економијата на државата се засновала врз туризмот и плантажите.

Демографија[уреди | уреди извор]

Поглед кон Викторија.
Сејшелски риболовци.
Религија

Според пописот од 2002 година, повеќето од Сејшелците се Христијани, односно 82.3% се Католици, 6.4% се англиканци и 4.5% се припадници на останатите христијански цркви. Покрај овие, во државата има мала група Хиндуси, односно 2.1% и Муслимани 1.1%. Дополнителни 1.5% од населението биле припадници на останати нехристијански религии, додека 2.1% се изјасниле дека не се следбеници на ниту една религија.[10]

Население

Бидејќи Сејшелите не биле населени пред колонизацијата, односно немале староседелско население, денешните Сејшелци се мешавина од различни етнички групи кои емигрирале на островите. Така, населението е мешано со африканско, француско, индиско и кинеско потекло.

Кога Британците се стекнале со контрола над Сејшелите, тие им дозволиле на француската висока класа да ја задржат својата земја која ја добиле со француската колонизација. Французите и Британците користеле африкански робови и по 1835 година, иако во таа година ропството било забрането во Британската Империја. Поради овие околности, француската висока класа доминирала на островите во поглед на економскиот и политички живот. Од другата страна пак, британската администрација донела на островот Индијци од Индија, а истото тоа го направила и со Маврициус. Индијците и Кинезите се сметале за дел од трговската класа.[11]

Јазик

Службени јазици во Сејшелите се англиски, сејшелски креолски и француски јазик. Сејшелскиот е креолски јазик заснован на францускиот јазик.

Култура[уреди | уреди извор]

Сејшелската култура е мешавина од африкански, азиски и европски елементи. Сејшелското општество е матријахално.[12][13] Мајките се доминантни во семејствата, се грижат за децата и се надлежни за трошоците.[12] Според законот татковците се одговорни за грижа за децата.[13] Мажите се одговорни за примањата во семејството, но нивната улога во семејството е ограничена.[12]

Галерија[уреди | уреди извор]

Панорамски поглед на Ан Ројал.
Панорамски поглед на Порт Глод.
Панорамски поглед на плажа во Мае.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Field Listing - Population Архивирано на 4 октомври 2018 г.. The World Factbook. Посетено на 2009-04-13.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 „Seychelles“. International Monetary Fund. Посетено на 2009-04-22.
  3. „2014 Human Development Report Summary“ (PDF). United Nations Development Programme. 2014. стр. 21–25. Посетено на 27 јули 2014.
  4. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2012-03-04. Посетено на 2010-10-03.
  5. Xavier Romero-Frias, The Maldive Islanders, A Study of the Popular Culture of an Ancient Ocean Kingdom. Barcelona 1999, ISBN 84-7254-801-5
  6. „Virtual Seychelles“. Архивирано од изворникот на 2006-08-22. Посетено на 2012-03-22.
  7. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2011-10-18. Посетено на 2012-03-22.
  8. „History of Seychelles“. seychelles.com. 2009. Посетено на 9 September 2010.
  9. africanhistory.about.com
  10. „CIA – The World Factbook“. Архивирано од изворникот на 2008-02-13. Посетено на 2012-03-22.
  11. Culture of Seychelles
  12. 12,0 12,1 12,2 Tartter, Jean R. "Status of Women". Indian Ocean country studies: Seychelles (Helen Chapin Metz, editor). Конгресна библиотека - Федерално одделение за истражување (August 1994). Статијава содржи текст од овој извор, кој е во јавна сопственост.
  13. 13,0 13,1 Country Reports on Human Rights Practices: Seychelles (2007) Bureau of Democracy, Human Rights, and Labor (11 March 2008). Статијава содржи текст од овој извор, кој е во јавна сопственост.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Влада
Општо
Туризам