Сердика (тврдина)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Тврдина Сердика
Карта
Општи податоци
ГрадСофија
ЗемјаБугарија

Сердика е остаток од тврдина кој се наоѓа во градот Софија, Бугарија. Наоѓалиштето е изграден во периодот од 177-180 година, во времето на римскиот цар Марко Аврелиј и Комод. Градот Сердика е поранешното име на денешната бугарска престолнина. Во неа се влегувало преку четирите градски порти. Овој комплекс се наоѓа во строгиот центар на градското метро.

Историја[уреди | уреди извор]

Шематски приказ на Сердика

Сердика била претворена во тврдина од императорот Марко Аурелиј. Тврдината имала кружни и триаголни кули, и четири порти кои биле заштитени со бастион од двојни кули. Се претпоставува дека тврдината најпрво имала четириаголна форма, а од внатрешната страна постоел пат кој бил наречен „интервалум“. Градежниот знак за изградба на ѕидот на тврдината е речиси целосно зачуван. Се наоѓа на западната порта на Сердика и јасно сведочи за времето кога е поставен:

„Добар ден! Великите и божествени цареви - Марко Аурелиј Антониј Август, победник на Германците и на Сарматите, татко на татковината, големиот свештеник, и Луциј Аурелиј Комодус Август, победник на Германците и на Сарматите, ги изградија ѕидините на Среднополис, кога гувернер на провинцијата Тракија беше Азелиј Емилијан.“

На површина од околу 16,5-17,5 хектари и заградена со ѕидови, тврдината немала услови за развој, па затоа уште во тоа време многу згради и храмови биле изградени надвор од ѕидините. Првиот ѕид на тврдината бил сериозно оштетен во 3 век од нашата ера, а бил обновен во 4 век со надградбата на делот од ѕидот (таканаречен „опус микстум“), додека аголот на северозападниот дел бил затрупан.

Вториот надворешен ѕид со кружни и правоаголни кули од север, бил изграден од императорот Константин Велики (306-337), на површина од уште 85 хектари. Градските ѕидини биле многу оштетени при опустошување на градот од страна на Готите во 3 век и од страна на Хуните во 5 век. За време на императорот Јустинијан I (527-565 г.) тврдината Сердика била обновена: направен е појас од тули и триаголни кули, што се потврдува со изјавата на Прокопиј Цесариски за зајакнувањето на Софија. Ѕидот добил потпора, поради што станал уште поголем и длабок речиси два метри, а меѓу старите кружни кули, долги 50 метри крај ѕидот, биле изградени нови триаголни кули. Потоа, во 6 век, бастионите на портите на Сердика станале петаголни.

На 9 април 809 година – Велигден, граѓаните ги отвориле портите, бидејќи биле под опсада од страна на кнезот Крум, по што Сердика била припоена кон Бугарија. Се сметало дека кнезот Крум ја урнал тврдината и речиси го истребил населението, но податоците добиени од археолошките ископувања покажуваат дека ова не е точно.[1] 

Уривањето на ѕидините од тврдината се случило во 14 век, кога Турците ја презеле власта во Софија. Северно од западната порта постои длабока дупка во ѕидот, што се смета дека е од времето кога Турците се пробивале во градот. Во 1432 година, францускиот витез Бернтрандон де ла Брокиер враќајќи се од светите места, поминал низ Софија и го опишал градот што го нарекол „најубавиот град во цела Бугарија“, додавајќи дека населението е бугарско и дека чека помош однадвор за да се ослободи.[2] Од неговите записи се потврдува дека ѕидините биле значително оштетени во тоа време.

Во 1969 година со изградбата на метрото, била направена првата значителна реставрација и презентација на дел од тврдината.

Особености[уреди | уреди извор]

Дел од амфитеатарот
Западната порта на Сердика

Сердика има три ѕидини, градени во текот на различни периоди. Ископувањата покажуваат дека градот бил многупати разурнуван од Готи, Хуни, Авари, Словени, Бугари и Турци, а поголемиот дел од урнатините не биле поправани.

Источниот дел на тврдината се протега од паркот пред хотел „Рила“ до минералниот извор меѓу улиците „Сердика“ и „Искар“. Источното предградие се протегало до местото каде денес е црквата „Св. Софија“, каде се наоѓал антички театар, кој подоцна служел како амфитеатар.

Северниот дел од ѕидините е блиску до аголот на улицата „Екзарх Јосиф“ и булеварот „Кнегиња Марија-Лујза“, а оттаму минува под трговскиот центар „Хали“. Од северното предградие на Сердика откриени се фрагменти од големи згради.

Западниот дел од ѕидините е во насока на улиците „Вашингтон“ и „Лавеле“ и доаѓа до денешната Судска палата. Западната порта може да се види делумно под нивото на улицата „Вашингтон“, во дворот на новата католичка катедрала. При истражувања на западното предградие, пронајдена е голема трикорабна базилика и две римски гробници, а потоа биле откриени уште пет гробници.

Се претпоставува дека во Сердика се влегувало низ четири градски порти, и дека на секоја од нив на голем блок стоел натпис на кој биле запишани информации за изградбата. Во метрото е изложен еден од тие блокови, оној од северната порта.

Јужниот дел од ѕидините денес се наоѓа под зградите на „Алабин“, а се поврзува со источниот дел кај хотелот „Рила“. Еден од најголемите споменици на јужното предградие е храмот на Серапис, чии фрагменти се чуваат во Националниот историски музеј.

Кулите што се наоѓале во внатрешноста на тврдината биле триаголни и кружни, а кај портите биле петаголни. Растојанието меѓу кулите во западниот и јужниот дел е 200 римски фуса (59,20 м), а во источниот се претспоставува дека било околу 44 м.

Тврдината била во делот кој денес го обележуваат улиците „Леге“, „Алабин“, „Позитано“, „Вашингтон“, „Екзарх Јосиф“ и „Сердика“. Во 6 век ги имала следните размери: ширината во правец исток-запад била 337,80 м, а во правец север-југ должината била 562,20 м. Откриен е дополнителен внатрешен ѕид кај источната и западната порта.

Заради растењето на градот од север бил изграден и трет внатрешен појас. Северниот дел од новиот ѕид минува низ денешните улици „Козлодуј” и „Клокотница“, до североисточниот агол на „Козлодуј” и „Веселец”, а на северозапад до улиците „Козлодуј” и „Охрид”. Од овие места ѕидот продолжува кон југ преку реката, но не се знае како се спојувал со старата тврдина. Датирањето на двата внатрешни ѕида не е потврдено, но се однесува на периодот меѓу владеењето на Константин I Велики и Јустинијан I Велики.

Дебелината на ѕидот е 3,80 м, а таму каде што постојат столбови, достига до 6 м.[3]

Надвор од тврдината биле откриени различни видови на утврдување: квадрибург во Орландовци, голем доцноантички христијански комплекс во Лозенец над јужниот парк[4], римски вили каде што денес се наоѓа Медицинската академија, населбата Стефан Караџа, станицата Искар, населбата Филиповци, Обелја, и во населбата Хаџи Димитар.[5][6][7].

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1200 години од припојувањето на Сердика (Софија) кон бугарската држава, Пламен Павлов
  2. „Официјално мрежно место на Столична општина“. Архивирано од изворникот на 2015-09-24. Посетено на 2018-09-02.
  3. Археолошки материјали и проучувања, т.2, стр. 18-20, 52
  4. „Се навршуваат 1660 години од Сердикискиот собор“. Архивирано од изворникот на 2015-04-02. Посетено на 2018-09-02.
  5. „Веселина Вачкова, Одисејата на Лозенскиот и други уникатни софиски свештени комплекси“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-03-04. Посетено на 2018-09-02.
  6. Венцислав Дичев, Римски крепости в България и съседните земи, стр. 47,48
  7. Римската вила во населбата Хаџи Димитар, ИИИ - БАН.