Сергеј Михајлов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Сергеј Михајлов
Роден 31 август 1885
Харков, Русија
Починал 19 ноември 1975
Штип, СФРЈ
Занимање композитор

Сергеј Михајлов (роден на 31 август 1885 година во Харков - починал на 19 ноември 1975 година во Штип) — македонски педагог и композитор.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Сергеј Михајлов е роден на 31 август 1885 година во градот Харков во Русија. Потекнувал од богато семејство и имал можност уште како дете да посетува трговско, но паралелно и музичко училиште. Музика учел во родниот град кај чешкиот композитор и пијанист Алојз Јиранек. Меѓутоа, кога останал без родителите, заминал на Кавказ, а потоа како војник преку Цариград дошол до Солун од каде се преселил во Гевгелија и работел како музички педагог во гевгелиското училиште, каде ја напишал операта-бајка „Ружанка“, изведена со успех во тоа место и во околните градови. Наредната година, кога во штипската гимназија останала без професор по музика, се барало од Министерството за образование Сергеј да биде префрлен во Штип[2]. Така, на 29 март 1925 година тој потпишал договор за работа во градското пеачко друштво и театарот. Заедно со Сергеј во Штип се доселиле и Никита Тимокрејевич Вереса, Јаков Петренко, Максим Макаренко, Васил Бабич и други и често се собирале во куќата на Вереса и пееле опери и разни други песни.

Во текот на идните педесет години ги поставил темелите на севкупниот музички живот во градот. Во соработка со проф. Душан Будимировиќ, директор на Аматерскиот театар, со голем успех го подготвил изведувањето на неколку оперски дела во целосна или во скратена верзија („Палјачи“, „Севилскиот бербер“, „Фауст“, „Мамзел Нитуш„ и др.), со сопствена пијано-придружба. Операта „Палјачи“ од Леонкавалов на 29 август 1925 година ја означило највисоката уметничка амплитуда на овој Штипскиот театар. Првата оперска претстава изведена во Штип била примена со големо воодешевување не само од граѓаните туку тоа наишло на инзворедни коментари во многу гласила во Југославија[3]. Успехот на „Палјачи“ значел голем поттик за нејзините реализатори. Така само една година подоцна, иако во скратена верзија следела изведбата на операта „Фауст“ од Шарл Гуно[4].

Во повоениот период, Михајлов целосно му се посветил на музичкото школство, како раководител на Основното, потоа и на Средното музичко училиште. Сергеј Михајлов освен во Штип, во периодот од 1925-1938 година учествувал во подготвувањето на сите оние десетина опери и оперети кои биле и на турнеите организирани во повеќе македонски градови како Кочани, Кавадарци, Радовиш, Струмица, Неготино и Свети Николе. Неговите многубројни композиции од инструктивен карактер за сите оркестарски инструменти, камерни дела и пригодни сценски реализации, наишле на широка примена во музицирањето на учениците. Многу од неговите воспитаници го продолжиле школувањето на високите музички институции и се афирмирале како истакнати музичари.

Сергеј Михајлов бил еден од иницијаторите за отворање на нижата и средното музичко училиште во Штип. По наредба на Министерството за просвета престојувал еден период и во Прилеп за да го организира почетокот на тамошното музичко училиште и останал до 1951 година кога повторно се вратил на покана на Штипското партиско раководство во Штип.

Сергеј е добитник на многу признанија и пофалби меѓу кои и на највисоката награда „Климент Охридски“ за особено остварени резултати на воспитно-образовната работа во Македонија, како и наградата доделена од страна на градот Штип „8 Номеври“. Денеска, музичкото училиште во Штип го носи неговото име.

Сергеј Михајлов починал 19 ноември 1975 година во Штип.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Михајлов“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 972. Text "series " ignored (help)
  2. Писмо до Министерот бр. 107 од 20.02.1925 година, Архив на Југославија
  3. Комедија, Белград, бр.3 1925, стр.15.
  4. Кирил Цацков, Просветата и културата во Штип и штипско меѓу двете светски војни„ Скопје, 1995 , 115

Литература[уреди | уреди извор]

  • Димитар Митевски, „Музичкиот живот во Штип меѓу двете светски војни“, Скопје, 1995.
  • Кирил Цацков, „Просветата и културата во Штип и штипско меѓу двете светски војни„ Скопје.
  • Ристе Стефановски, Театарот во Македонија, Скопје, 1976.
  • Астибо I-XX век, Скопје, 1962
  • Тодор Мановиќ, Културата и културните активности во Штип меѓу двете светски војни, Архив на град Штип.