Сера дос Оргаош (национален парк)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Глетка од националниот парк Сера дос Оргаош

Сера дос Оргаош (на португалски: Parque Nacional da Serra dos Órgãos) — национален парк во државата Рио де Жанеиро, Бразил. На неговото пространство се заштитени планинскиот венец Сера дос Оргаош и изворите на вода во тоа подрачје. Тоа е трет национален парк кој е создаден во Бразил во 1939 година.

Зафаќа површина од 10.527 хектари. Има десет врвови високи над 2.000 метри и шест други врвови високи над 1.500 метри надморска височина. Најниската точка во паркот се наоѓа во релативно рамната општина Маге, на 145 метри, додека највисокиот врв е Педра до Сино (Бела Карпа), со 2263 метри надморска височина. Најпознатиот геоморфолошки облик во паркот е врвот Дедо Деус (Божји прст), кој наликува на левата рака со показалецот што се протега, насочувајќи кон небото. Тој е висок 1,692 метри надморска височина и може да се види во позадината на знамето на државата Рио де Жанеиро. Буквалниот превод на името на планината и националниот парк има значење „Распарчена планина“ (од Órgãos: делови, парчиња, органи, ткива), што најверојатно доаѓа од распарчениот изглед на планинските врвови.

Климата е тропска изразито влажна, со релативна влажност од 80% до 90%, предизвикана од влажен воздух од Атлантскиот Океан поголемиот дел од годината. Просечните температури се движат од 13 до 23 °C, но можат да достигнат до 38 °C и може да паднат под замрзнување во највисоките делови. Просечните врнежи од дожд се движат од 1.700 до 3.600 милиметри, со повеќе дожд во летото (декември-март) и сувата сезона во зима од јуни до август. Југоисточната страна свртена кон океанот добива повеќе дожд од северозападната страна.

Паркот е во биолошкиот Атлантски шумски појас, а поради високите врнежи има богата растителност (вегетација), голем дел од него уникатен за овој биом. Забележани се повеќе од 2.800 видови растенија, вклучувајќи 360 од орхидеи и над 100 бромелиади.

Галерија[уреди | уреди извор]