Прејди на содржината

Сентинелци

Од Википедија — слободната енциклопедија
Сентинелци
Вкупен број
до 500 лица
Подрачја со значајно население
Северен Сентинел, Индија
Јазици
Сентинелски јазик
Вероисповед
Анимизам
Сродни народи
Џарава, Онге

Сентинелци — еден од домородните народи што живеат на Андаманските Острови во Бенгалскиот Залив. Тие го населуваат островот Северен Сентинел, кој се наоѓа западно од јужниот дел на Голем Андаман. Сентинелците се познати по нивното решително противење на секаков обид за контакт со надворешни лица.[1]

Истражувањата на геномот укажуваат на тоа дека андаманските племиња се одвоиле од заедничкото стебло пред околу 30.000 години, но не постојат точни податоци за староста на сентинелското население, кое со илјадалетија немало никаков допир со други заедници. Сѐ уште не е познато дали Сентинелците умеат да создаваат оган, но е потврдено дека го користат; тие имаат развиено сложена постапка за чување на жар и тлеечки јаглен во глинени садови.[2]

За сентинелскиот јазик речиси не постојат никакви податоци, што го прави еден од најмалку проучените јазици во светот.

Општ опис

[уреди | уреди извор]

Сентинелците се едно од најизолираните племиња во светот, познати по својата решителност во зачувувањето на независноста и суверенитетот над својот остров преку одбивање на какви било контакти со надворешниот свет. Обичајот на Сентинелците да се спротивставуваат на сите што не припаѓаат на нивното племе е забележан уште во дамнешни времиња, кога во близина на островите минувал поморскиот трговски пат меѓу Индија, Малајскиот Полуостров и Кина. Поради ваквиот став кон странците, тие остануваат најмалку асимилираното население на светот, со минимално генетско и културно влијание од остатокот на човештвото.

Иако точниот број на Сентинелци е непознат, проценките се движат меѓу 40 и 500 лица. Индискиот попис од 2001 г. евидентира 39 лица (21 маж и 18 жени), но овој попис бил спроведен индиректно, преку набљудување на островот од море, и не бил во можност целосно да го опфати населението на островот со површина од 72 км². Исто така, останува непознато колкави загуби претрпело населението како последица на земјотресот и цунамито во 2004 г., иако е потврдено дека дел од Сентинелците ја преживеале катастрофата.

Сентинелците, како и останатите домородци на Андаманските Острови, традиционално се вбројуваат во групата на негритоси — антрополошка група што опфаќа неколку меѓусебно неповрзани домородни народи во Југоисточна Азија, како Семанзите во Малезија и Аетите на Филипините. Заеднички одлики на сите негритоси се релативно нискиот раст, темната кожа и косата со цврста текстура. Меѓутоа, Сентинелците се нешто повисоки од останатите андамански домородци.

Општеството на Сентинелците е првобитно заедничко; тие живеат исклучиво од лов и собирање на диви плодови. Не постојат докази за какво било земјоделство. Единствено оружје што го користат е лакот, кој служи како за лов на диви свињи, така и за риболов, бидејќи употребата на стапици и риболовни јадици не им е позната. Желките, морските крави и рибите ги ловат со мрежи и харпуни.

Често се тврди дека Сентинелците не знаат како да создаваат оган и користат само оган настанат по природен пат (на пример, од удар на гром), но за ова нема сигурни докази. Како и да е, уште првите набљудувачи известувале за нивната практика да одржуваат оган во огништата во текот на целата ноќ; навечер огнови горат низ целиот остров.

Металургијата им е непозната, како и изворите на суровини за неа. Меѓутоа, набљудувањата укажуваат на тоа дека Сентинелците инвентивно користат метални предмети што морето ги исфрла на брегот или кои биле оставени од посетители.

Практично ништо не е познато за јазикот на Сентинелците. Се претпоставува дека тој припаѓа на семејството на андамански јазици, но неговата блискост со останатите јазици од ова семејство останува енигма.

Сегашна состојба

[уреди | уреди извор]

Номинално, островот е дел од индиската сојузна територија Андамански и Никобарски Острови, но во пракса, Сентинелците уживаат целосна автономија во внатрешните работи. Индиските власти го свеле мешањето на минимум, ограничувајќи се само на повремено набљудување од море и одржување на заштитна зона околу островот, каде што слетувањето или престојот во прибрежните води се строго забранети.

На почетокот на 1990-тите години, месните власти во Порт Блер започнале програма за ограничен контакт со Сентинелците под надзор на Државната агенција за развој на домородните народи. Биле планирани серија „контактни експедиции“ при кои на брегот се оставале подароци, како кокосови ореви, со цел постепено да се навикне населението на присуство на надворешни лица и да се намали нивниот крајно непријателски став кон придојдените. Иако извесно време се чинело дека програмата дава резултати, таа била прекината кон крајот на 1990-тите години, откако неколку соработници на слични програми загинале за време на обидите за контакт со племето Џарава на соседните острови.

Сентинелците и понатаму покажуваат отпор кон какви било посетители. Во 2006 г., тие убиле двајца рибари што незаконски ловеле ракови во близина на брегот, а со стрели го пречекале и вртолетот што долетал да ги земе телата. Овие тела никогаш не биле изнесени од островот. Во 2018 г., Сентинелците го убиле американскиот државјанин Џон Ален Чо, кој и покрај законските забрани, пристигнал на островот со намера да проповеда христијанство.

  1. Wire Staff (22 ноември 2018). 'Adventurist' American Killed by Protected Andaman Tribe on Island Off-Limits to Visitors“. The wire. Архивирано од изворникот 22 ноември 2018. Посетено на 24 ноември 2018.
  2. McGirk, Tim (10 јануари 1993). „Islanders running out of isolation: Tim McGirk in the Andaman Islands reports on the fate of the Sentinelese“. The Independent. Лондон. Архивирано од изворникот 8 декември 2017. Посетено на 15 април 2020.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]