Сенечко Езеро

Од Википедија — слободната енциклопедија
Сенечко Езеро
Надморска висина 1.870 м
Планина Бистра


Сенечко Езеро — повремено природно поледничко езеро кое се наоѓа на планината Бистра во Македонија.

Местоположба[уреди | уреди извор]

Сместено е во вдлабнатина - цирк, на надморска висина од 1.870  м. во северозападниот дел на планината Бистра на огранката наречена Чаушица под врвот Голем (или Езерски) Рид (2015 м.н.в.) близу до заезерната мочурлива висорамнина Езериште, во околината на селото Сенце поради што е и наречено Сенечко Езеро, при што припаѓа во рамките на Националниот парк Маврово. До езерото може да се стигне по неколку патеки, и тоа од селата Беличица од каде што постои обележана планинарска патека, како и од Сенце и Волковија.

Настанок и хидрографски одлики[уреди | уреди извор]

За ова периодично езеро, во своите истражувања на сливот на Радика, македонскиот географ Драган Василески, запишал дека тоа се наоѓа во месноста Езериште во изворишниот дел на притоката на реката Беличица под врвот Голем Рид на Бистра, на дното на циркот на височина од 1762 метри[1]. Според потеклото и настанокот ова езеро е глацио-карстно, бидејќи езерскиот басен се наоѓа на дното од некогашниот цирк кој е изграден во варовнички моренски седименти и варовнички карпи[1]. Во пост-ледничката фаза започнала да делува карстната ерозија која значително го снижила дното на езерото[1]. Најголем водостој езерото има во текот на месеците мај и јуни, во периодот на топењето на снегот и пролетните врнежи, при што достигнува длабочина и над 1 метар, а во текот на летото пресушува и се претвора во кал. Сенечкото Езеро се храни со вода од врнежите и водата што се добива со топење на снежната маса, а во основа водата ја губи со испарување (евапоризација) или пак неа ја пие стоката[1], од многуте бачила со многубројни стада разновиден добиток во непосредната околина. Дел од водата се губи и подземно низ пукнатините и моренските наслаги[1], поради водопропустливоста и мекоста на варовничките карпи во почвата. Освен малкуте податоци за настанокот, потеклото и местоположбата, езерото досега не е подробно и подетално истражувано во однос на бреговата должина, обемот, длабочината и другите хидрографски одлики, но според одликите на околината кои покажуваат глацијација и леднички релјеф како цирк, моренски бедем, валови со камењари (сипари) укажуваат дека е можно тоа да има ледничко (ледничко) потекло.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Василески, Драган (1997). Радика. Тетово: Напредок. стр. 153. ISBN 9989-730-06-7.

Поврзано[уреди | уреди извор]