Семином

Од Википедија — слободната енциклопедија
Препарат од семином
Хистолошка слика од семином
Слика од ултразвук на семином

Семином (од латински semen „семе“) е малигнен тумор на герминативните клетки на тестисите, кој настанува од променети клетки на герминативното ткиво наречени сперматогонии (клетките од кои произлегуваат со делба и созревање машките полови клетки).

Семиномот се јавува нешто подоцна од не-семиномот, во просек кај 37-годишни мажи. [1] Типичен ран симптом е безболното отекување на еден тестис.

Третман[уреди | уреди извор]

Изборот на третманот зависи од стадиумот на туморот.[2] Во раните стадиуми, ризикот од окултни метастази (т.е. метастаза која сè уште не е препознатлива и покрај редовните прегледи) во регионалните лимфни јазли е околу 20 %; ова значи дека еден од пет пациенти кои не добиваат понатамошна терапија ќе доживее повторување на болеста во абдоминалните лимфни јазли. Семиноми кои се помали од 4 цм и не покажуваат никаква инфилтрација (навлегување) во околното ткиво имаат помал ризик од метастази. По орхиектомијата (хируршко отстранување на тестисот), може да се примени пристапот на будно следење и строго контролирање и во случај на повторување да се третира со зрачење или хемотерапија. Бидејќи зрачењето претставува ризик од понатамошни канцерогени заболувања, во поново време генерално се избегнува во пониските стадиуми (IA или IB). Други мерки покрај методот на чекање и набљудување (англиски: wait and see) се хемотерапијата со лекот карбоплатин за фазите IA и IB. Во други фази се користат други лекови или се дава терапија со зрачење. Во меѓувреме, хемотерапијата со карбоплатин се користи само кај пациенти со висок ризик. Хемотерапијата го намалува ризикот од повторување на околу 5 % и обично добро се поднесува.

Како понатамошни мерки за следење, се препорачува магнетна резонанца на абдоменот и рендген на градниот кош (градите) во две рамнини во различни интервали.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Hodentumor (Keimzelltumoren): Ursachen und Pathologie“. www.urologielehrbuch.de. Посетено на 2023-02-05.
  2. „Stadienabhängige Therapie von Seminomen nach Leitlinien“. www.urologielehrbuch.de. Посетено на 2023-02-05.


    Ве молиме, обратете внимание на важното предупредување
во врска со темите поврзани од областа на медицината (здравјето).