Семиноли (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Семиноли (англиски: Seminole) - американски филм од 1953 година, во режија на Бад Боутихер (Budd Boeticher), според сценариото на Чарлс К. Пек Јуниор (Charles K. Peck Jr.), засновано врз неговиот расказ. Улогите ги толкуваат: Рок Хадсон (Rock Hudson), Барбара Хејл (Barbara Hale), Ентони Квин (Anthony Quinn), Ричард Карлсон (Richard Carlson), Хју О'Брајан (Hugh O'Brian), Расел Џонснон (Russell Johnson) и Ли Марвин (Lee Marvin). Филмот е посветен на борбата на Семинолите, најспецифичното индијанско племе во Северна Америка и единственото племе во САД кое официјално не капитулирало. Притоа, режисерот се однесува афирмативно кон нивната борба за слобода. Филмот се одликува со раскошна визуализација во која се искористени автентичните локации во Флорида, а посебна вредност се компактната приказна и глумачките ѕвезди: младиот Рок Хадсон ја игра својата прва главна улога; мала, епизодна улога има идната голема ѕвезда, Ли Марвин; а Ентони Квин е одличен во улогата на Оскеола.[1]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Податотека:Poster of the movie Seminole.jpg
Плакатот за филмот „Семиноли“

Дејството на филмот се одвива во 1835 година, во Флорида. Поручникот Ланс Калдвел (го игра Хадсон) е изведен пред воен суд и обвинет за предавство и за убиство. На судењето, тој раскажува што се случило: По завршувањето на школувањето на академијата Вест Поинт, тој се враќа во родната Флорида во која штотуку почнуваат непријателствата меѓу белите доселеници и индијанското племе Семиноли, предводени од главатарот Оскеола (го игра Квин). Калдвел ја посетува својата младешка љубов, Ревер (ја игра Хејл), која во меѓувреме се вљубила во Оскеола. Иако Оскеола сака мир, заповедникот на военото утврдување, мајорот Деган, сакајќи да добие унапредување во службата, наредува напад врз селото на Индијанците. По тешко и бавно пробивање низ мочуриштето, војниците успеваат да стигнат во индијанското село и во текот на ноќта ненадејно го напаѓаат селото. Меѓутоа, Индијанците во меѓувреме се скриле во шумата, а потоа ги напаѓаат војниците и им нанесуваат тешки загуби. Во борбата е ранет и Калдвел, но него го спасува Оскеола. Индијанците го земаат Калдвел со себе и го лечат, а дури тогаш тој дознава дека главатарот Оскеола е неговиот другар Џон, кој поради своето полуиндијанско потекло, наместо да се запише на воената академија, им се приклучил на Семинолите. Откако успева да се спаси, мајорот Деган ја наговара Ревер да го донесе Оскеола во тврдината за да преговараат за мир. Меѓутоа, кога пристигнуваат Оскеола и Калдвел, мајорот Деган наредува да се претепа и затвори главатарот, а Калдвел е ставен во домашен притвор. Ноќта, Индијанецот Каџак влегува во тврдината, убива еден стражар, а потоа се обидува да го убие Оскеола. Во истото време, еден војник му дозволува на Калдвел да го посети главатарот. Така, почнува борбата меѓу Оскеола и Калдвел против Каџак при што Оскеола умира, а Каџак успева да побегне. Иако ја раскажува својата приказна, сите докази се против Калдвел и воениот суд го осудува на смртна казна. Меѓутоа, токму кога треба да биде погубен, Семинолите ја опколуваат тврдината. Тогаш, Каџак признава дека тој го убил стражарот, потоа Семинолите го земаат телото на Оскеола, а Калдвел е ослободен од обвинението.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]