Семејна среќа

Од Википедија — слободната енциклопедија
Семејна среќа
Руски весник, № 7–8 Април 1859
АвторЛав Толстој
Изворен насловСемейное счастіе (Семејное счастие)
ЗемјаРусија
ЈазикРуски
ЖанрФикција
ИздавачСовременик
Издадена
1859
МедиумТврда корица
Страници214

Семејна среќа (руски: Семейное счастие) е новела од 1859 година напишана од Лав Толстој, за прв пат објавена во Руски весник.

Содржина[уреди | уреди извор]

Приказната се однесува на љубовта и бракот на младата девојка Маша (17 години) и многу постариот Сергеј Михајлич (36), стар семеен пријател. Приказната ја раскажува Маша. По додворувањето под превезот на семејно пријателство, Маша чувствува дека љубовта кон Сергеј расте до степен на неиздржливост. Не можејќи повеќе да ги крие чувствата, му искажува љубов на Сергеј Михајлич, и открива дека и тој е силно заљубен во неа. Се колебал да ѝ го каже тоа поради стравот дека разликата во годините меѓу нив може да биде пречка за младата Маша. Возбудени и страствено среќни, двајцата се свршуваат. По венчавката, се селат во домот на Михајлич. И двајцата припаѓаат на руската висока класа. Набрзо, на Маша ѝ здосадува мирниот и тивок живот на имотот, и покрај меѓусебното разбирање и силната љубов меѓу сопружниците. За да ги надминат проблемите и анксиозноста, решаваат да поминат неколку недели во Санкт Петербург. Сергеј Михајлич ја носи Маша на аристократски бал. Тој го мрази „општеството“, но таа е маѓепсана од него. Одат пак, и пак. Маша станува редовна на баловите, мила им е на грофиците и принцовите, со нејзиниот рурален шарм и убавината. Сергеј Михајлич, прво задоволен од ентузијазмот на општеството во Петербург за неговата сопруга, почнува да му смета нејзината страст за „општеството“; но не сака да ѝ каже на Маша. Сергеј Михајлич мисли дека неговата млада сопруга сама ќе ја открие вистината за шуплината и грдоста на „општеството“. Но, таа е заслепена од овој свет, а тој конечно ги губи нервите и почнуваат расправија за разликите во нивните погледи. Сметаат дека конфликтот не може да се реши со некаков договор. И двајцата се шокирани и потресени што нивната силна љубов одеднаш е доведена во прашање. Нешто се смени. Поради горделивост и двајцата не сакаат да зборуваат за љубов. Исчезнуваат довербата и блискоста. Само учтиво пријателство е сѐ што им останува. Маша копнее по страсната блискост што ја имаа пред Петербург. Се враќаат на имотот во селото. Иако им се раѓаат деца и парот има добар живот, таа е во очај. Постои нетрпеливост меѓу нив. Конечно, Маша го замолува да ѝ објасни зошто не се обидел да ја одвлече од баловите и забавите во Петербург. Зошто дозволиле силната љубов да исчезне? Зошто не се обидуваат да ја вратат? Одговорот што го добива, не е одговорот што сака да го чуе, но ја теши и ја подготвува за долг живот на удобна „Семејна Среќа“.

Прием од критиката[уреди | уреди извор]

Приемот на „Семејна среќа“ во Русија бил млак. Весникот Санкт Петербуршки Ведомости (јули 1859 година, број 155) и списанието Северен цвет (бр. 22, 1859) објавиле позитивни, но многу кратки критики. Големите продемократски публикации не го споменале нејзиното издавање, веројатно разочарани од фактот дека Толстој го објавил делото во десничарски весник уредуван од Катков, кој во тоа време бил лут ривал на Современик.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Библиографија на Лав Толстој

Наводи[уреди | уреди извор]