Седмиот печат (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Седмиот печат (шведски: Det sjunde inseglet) е шведски игран филм од 1957 година, дело на режисерот Ингмар Бергман, кој истовремено е автор и на сценариото. Главните улоги во филмот ги толкуваат: Макс фон Сидов (Max von Sydow), Гунар Бјернстранд (Gunnar Björnstrand), Нилс Попе (Nils Poppe), Бенгт Екерот (Bengt Ekerot) и Биби Андерсон (Bibi Andersson). Директор на фотографијата е Гунар Фишер (Gunnar Fischer), додека продуцент е Алан Екелунд (Allan Ekelund). Филмот трае 96 минути, снимен е во црно-бела техника, со моно-звук, а во продукција на Шведската филмска индустрија (Svensk Filmindustri). Во 1957 година, на филмскиот фестивал во Кан, Бергман ја добил специјалната награда на жирито.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Рицарот Антониус Блок (го игра Макс фон Сидов) се враќа во Шведска, откако повеќе години учествувал во крстоносните војни. Него го придружува копјеносецот Јенс (го игра Гунар Бјорнстранд). Во тоа време, Шведска е зафатена од епидемија на чума, која немилосрдно одзема илјадници животи. Кога ќе пристигнат на морскиот брег, Антониус ја сретнува Смртта (ја игра Бенгт Екерот), која му соопштува дека дошол крајот на неговиот живот. Тогаш, Антониус ѝ предлага на Смртта да одиграат една партија шах, под следните услови: ако победи Смртта, тогаш таа ќе ги погуби Антониус и сите негови блиски, а ако победи Антониус, неговиот живот ќе биде поштеден. Додека Антониус патува кон својот замок (каде го чека неговата жена), тие поминуваат низ разни населени места, согледувајќи ги ужасните последици на епидемијата, сиромаштијата и верското лудило (прогонот на вештерките). Притоа, тој си ги поставува прашањата поврзани со животот и смртта, како и постоењето на Бог.[2] [3]

Патем, нему му се придружува една патувачка група, која дава претстави по селата, составена од мажот Јоф (го игра Нилс Попе) и жената Миа (ја игра Биби Андерсон)), со нивното мало дете. Одвреме-навреме, мажот има визии, т.е. гледа некои ликови кој никој друг не може да ги види. Антониус сфаќа дека ќе ја загуби борбата против Смртта и затоа, одлучува да ја надитри: додека тој ѝ го одвлекува вниманието на Смртта, мажот, жената и детето нечујно се извлекуваат и така успеваат да се спасат од лошата судбина која би ги нашла доколку останат во друштво на рицарот. На крајот, рицарот и неговиот помошник пристигнуваат во замокот, каде ги посетува Смртта, која доаѓа да си ја земе наградата - нивните животи.

Наводи[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Ingmar Bergman The Seventh Seal