Прејди на содржината

Себугарски сојуз „Отец Паисиј“

Од Википедија — слободната енциклопедија
Корица на списанието „Отец Паисиј“ од 1929 година

Себугарски сојуз „Отец Паисиј“ (бугарски: Всебългарски съюз „Отец Паисий“) — бугарска културно-просветна и националистичка организација, која е основана на 27 ноември 1927 година, на годишнината од потпишувањето на Нејскиот мировен договор (1919), а која постои до 1944 година, кога по превратот од 9 септември е забранета. Според нејзиниот устав, организацијата цели да работи за подигање на духот на нацијата и зачувување на националните добродетели, т. е. доблести, и да се спротивставува на теченијата кои го загрозуваат националното единство. Колективни членови на Себугарскиот сојуз „Отец Паисиј“ се фашистичките организации Бугарски народен сојуз „Кубрат“ и Сојуз „Бугарска родна заштита“. Во 1931 година кон Себугарскиот сојуз „Отец Паисиј“ е основана младинска организација, која подоцна се преобразува во Бугарски младински сојуз „Отец Паисиј“.[1] Од 1928 до 1943 година организацијата издава истоимено списание „Отец Паисиј“, чиј уредник е Стефан Баламезов, а во чиј уредувачки комитет се Димитар Мишев, Гаврил Кацаров и Велчо Велчев. Од 1928 до 1931 година организацијата издава и списание на француски јазик „Ла ревју бјулгар“. Други видни дејци на организацијата се Георги Генов, митрополитот Стефан Софиски и други. Во многу градови во Царството Бугарија се основани сојузни клонови на Себугарскиот сојуз „Отец Паисиј“. Во 1941 година, во текот на бугарската окупација на Македонија, и во Скопје е основан клон на организацијата, чиј претседател е архимандритот Стефан, протосингел на Скопско-Велешката епархија.[2] Според податоци на Државна безбедност, Себугарскиот сојуз „Отец Паисиј“ и Сојузот на воините за напредок на бугарството, при нивното ликвидирање по превратот од 9 септември бројат вкупно 3.880 припадници.

  1. Поппетров, Николай (2008). Фашизмът в България. Развитие и прояви. Кама. стр. 46–47. ISBN 978-954-9890-92-1.
  2. Българското управление във Вардарска Македония (1941–1944). София: Държавна агенция "Архиви". 2011. стр. 122.