Св. Петнаесет тивериополски (струмички) маченици

Од Википедија — слободната енциклопедија
Петнаесет тивериополски маченици
светци и маченици
Роден(а) Никеја и Тивериопол
Починал(а) 361 или 362, Тивериопол, денешна Струмица, Македонија
Почитуван(а) во христијанство
Главно светилиште Црква “Св.петнаесет тивериополски маченици“, Струмица
Слава 11 декември (Православна црква)
Заштитништво градот Струмица

Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици — група христијански светци и маченици од IV век. Своите животи во име на христијанството ги загубиле во времето на римскиот цар Јулијан Отпадникот. Денеска од страна на Македонската Православна црква и православниот свет нивното дело се чествува на 11 декември. Во градот Струмица, односно местото каде биле погубени 11 декември се слави како патрон на градот.

Дело[уреди | уреди извор]

Основни податоци за делата на Светите Петнаесет маченици произлегуваат од Житието на охридскиот архиепископ Теофилакт Охридски.

Во времето на римскиот цар Јулијан Отпадник (361-363) бил издаден акт за голем прогон на христијаните од империјата. Јулијан Отпадник како син на Констанциј II и брат на Константин Велики по стапувањето на императорскиот престол ги вратил старите пагански верувања и го отфрлил христијанството издавајќи наредба со која заповедал одмазда врз оние кои нема да се вратат кон старите обичаи. Во градот Никеја или денешен Изник во Турција, во центарот на градот била прочитена наредбата на императорот според која на оние кои ќе се одречат од христијанството им следувало награди. Според Житието голем дел од населението ја избегнале наредбата на императорот и заминале од градот.

Од они кои побегнале биле и Тимотеј, Комасиј, Евсевиј и Теодор кои се населиле во Солун. По краткиот престој во Солун тие заминале кон Тивериопол или денешна Струмица. Во градот Тимотеј станал епископ на Тивериополската црква, Комасиј кој претходно бил војник се замонашил заедно со Евсевиј а Теодор исто така бил епископ и учесник на Првиот вселенски собор во Никеја во 325 година. По пристигнувањето тие започнале да го проповедаат христијанството меѓу жителите на градот и биле прифатени од страна на Петар, Јован, Сергиј, Теодор, Никифор кој го проповедале делото на Исус во презвитерски чин а заедно со нив служеле Василиј и Тома во ѓаконски чин заедно со монасите Еротеј, Даниил, Харитон и Сократ. Уште тогаш почнала да се шири нивната слава на доследни христијански проповедници и чудотворци.

Погубување[уреди | уреди извор]

По некое време за нивното дело во Тивериопол се разбрало во Солун од страна на Валент и Филип кои биле началници на градот и службеници на императорот Јулијан Отпадник. По пристигнувањето во градот тие наредиле пред толпата народ да бидат доведени тивериополските црковни лица, по кое им било речено:

Цело царство се потчинува на царската наредба која гласи дека треба да се поклониме на бесмртните богови… Како само вие се покажавте, наспроти целиот свет, помудри од старите луѓе? “

Тие изјавиле дека и елинските писатели ги нарекуваат боговите неразумни и неморални и дека многу повеќе од нив ја разбираат незнабожечката религија. Но, во едни такви бајки бесмилено било да се верува, па затоа тие ја прифатиле верата бидејќи само тој за нив претставувал Бог. По ова Валент и Филип им поставиле прашање дали ќе пренесат жртва на боговите по кое тие повторно одбиле.

Поради оваа изјава сите биле осудени на смрт со отсекување на главата. По погубувањето телата биле расфрлени а по заминувањето од градот на Валент и Филип жителите на градот ги зеле нивните тела и ги погребале во посебни гробови на кој било напишано името на секој од нив. Петнаесетте маченици од Тивериопол биле погребани во доцноантичка некропола, надвор од градот каде што се закопувале христијаните. Овие маченици пострадале во 361 или 362 година на 28 ноември. Денеска, според јулијанскиот календар, нивното име се слави на 11 декември. Дел од нивните мошти се наоѓаат во црквата Свети Петнаесет тивериополски маченици во Струмица.

Мошти[уреди | уреди извор]

Старата базилика

По долги години, според преданието градот Тивериопол бил разрушен до темел од страна на Аварите и Словените а гробовите останале затрупани во разурнатиот храм. Со населувањето на словенските племиња во Струмичката област во извесна смисла затаил и култот кон Петнаесетте тивериополски маченици зашто настапил период на повторни конфронтации меѓу христијанската традиција на домородното население и паганскиот верски однос на доселените Словени. Но, постепено и словенското население почнало да го прифаќа христијанството, зашто само на тој начин Византија успевала повремено да ги држи под завојувачка власт и покорност.

Култот кон Светите Петнаесет Тивериополски маченици се возобновил од средината на IX век наваму кога покрстената бугарска држава на кнезовите Борис I и Симеон I ги завладеала од Византија македонските простори. По Моравската мисија на Св. Кирил и Методиј била основана Брегалничка епархија[1] Во времето кога градот бил под власта на Борис I кој се покрстил во 864 година, според верувањата светите маченици почнале да се појавуваат на местото каде што биле положени и ги гледале како одат ноќно време по бедемот, разделувајќи им на сите што им требаат големи исцеленија. Бугарскиот цар дал заповед на Брегалничката епархија да биде изграден нов храм каде ќе бидат пренесени моштите на мачениците. Бугарскиот кнез Борис ја поддржал градбата на крстовидната црква во Струмица врз темелите на разурнатата ранохристијанска базилика и над гробовите на мачениците. При ваквиот воспоставен култен тренд се иницирало и пренесувањето на моштите во новоизградената катедрална црква посветена во нивен спомен во формираната епископија на Брегалница[2][3].

Оваа задача била доделена на болјаринот Таридин кој кога застанал врз местото каде се јавувале светителите дал наредба да се започне со копање по кое биле откриени ковчезите кои биле покриени со мермерни плочи и потпишани со натпис врз кој било изложено името на секој од светителите, надворешниот изглед, начинот на живот, чинот и цртите на лицето. Зацврстувањето на светителскиот култ кон св. Петнаесет Тивериополски маченици било предизвикано со откривањето на светите мошти на петте свештеномаченици Тимотеј, Комасиј, Евсевиј, Теодор и Сократ во втората половина на IX век. Во 42-та глава од Житието се наведува дека пренесувањето на моштите било на 28 август, датум кој влегол и во црковниот календар за празнување на овој чин.

Во следните години според христијанските верувања, моштите на овие маченици станале извор на разни чуда: некој човек цел живот имал искривени нозе, па штом се допрел до ковчегот на светителите, оздравел; многумина измачувани од нечисти духови нашле спас за својата душа и тело, прибегнувајќи со молитва кон светителите; глуви прослушувале; неми прозборувале; болни од лепра оздравувале и уште безброј чуда се случувале од телата на овие свети маченици.

Меѓутоа, жителите на Тивериопол се побуниле на одлуката пронајдените мошти да бидат пренесени во Брегалничкиот храм, бидејќи не сакале да останат без своите заштитници. Откако долго време имало спор помеѓу Таридип и жителите, сепак, било одлучено да се земат телата на тројца од мачениците – Тимотеј, Комасиј и Евсевиј, а моштите на Теодор и на Сократ биле задржани во обновениот струмички храм. Наследникот на Таридин во времето на Симеон станал Дристер, кој по заповед на бугарскиот цар ги пренел во Брегалничката црква моштите на струмичките светци Сократ и Теодор[4].

Влезот од црквата

Во 1355 година средновековниот српски владетел Стефан Душан главно своите освојувања ги распространил во Македонија, па сакајќи да ја замени Византија на Балканот на секој план, се определил да ги користи македонските духовни и културни традиции. Се крунисал за цар во Скопје со благословот на охридскиот архиепископ, а државниот Собор го одржал токму во Крупиште - каде што сè уште постоела катедралната црква на некогашната Брегалничка епископија[5]. Веројатно катедралната црква настрадала од земјотрес. Истиот средновековен српски владетел го изразил својот интерес и кон црквата „Св. Петнаесет“ во Струмица, којшто во својата Грамота од 1348-1352 година на манастирот „Св. Архангели Михаил и Гаврил“ кај Призрен му ја подарил како „задужбина[6] За време на турското ропство оваа црква била разурната, а во 1921 година нејзиниот духовен култ бил обновен со изградбата на една капела[7].

Подоцна Струмица доживеала катаклизма и била разрушена до темел, а настрадале и моштите. Останала само една рака за која се претпоставува дека е на Петар, која што според верувањата направила многу чуда и излечила многу болни и која подоцна била положена во храмот посветен на Света Анастасија во Солун.[8]

По Балканските војни во 1913 година некој ја однел во Кукуш. Во Струмица останал само споменот за светите Петнаесет свештеномаченици чиј спомен месното население го празнува свечено на местото каде се претпоставува дека биле погубени и каде што се случиле многу чуда. Не треба да се запостави претпоставката дека во периодот кога ранохристијанската базилика била разурната некои од моштите да биле откопувани како исцелителни реликвии и да се разнесувале во непознати насоки. Но, постои веројатност дел од нив сè уште да лежаат под струмичката земја во самиот архитектонски комплекс или пак во неговата близина[8].

Во 1984 година академик Блага Алексова го открила храмот каде се претпоставувало дека се наоѓале моштите на светците кој се наоѓал недалеку од Крупиште на Брегалница.

Медал на МПЦ со ликовите на светците, аверс.
Македонски крст, реверс.

Денес, во Струмичката епархија, изграден е храм кој го носи името на овие свети маченици. Житието го напишал светиот Теофилакт, архиепископ Охридски. Овие маченици пострадале во 361 или 362 година, на 28 ноември. Денеска, според јулијанскиот календар, нивното име се слави на 11 декември. Дел од нивните мошти се наоѓаа во црквата Свети Петнаесет тивериополски маченици во Струмица.

Култ[уреди | уреди извор]

Кон крајот на 11 или во почетокот на XII век охридскиот архиепископ Теофилакт Охридски ја составил опширната богословско-историска творба со хагиографска структура, именувана како Мачеништвото на светите славни петнаесет свештеномаченици пострадани во Тивериопол, сега именуван Струмица, за царувањето на злочестивиот Јулијан Отстапник. Овој состав претставува главниот историски и книжевен извор за проследување на култот кон св. Петнаесет Тивериополски свештеномаченици. Не е сочуван неговиот оригинален прототип напишан на византиско-грчки јазик.

Воспоставениот култ кон тивериополските маченици почнал широко да влијае за распрастронавување на христијанството меѓу паганите, па како што и запишал Теофилакт:

Тивериопол достигнал да стане како некоја кула од секаде видлива, која ја раздавала и на другите градови на запад светлината на верата и ги враќала од мракот на заблудата оние, што се наоѓале во длабокото море на неверието“

За поинтензивно актуелизирање на култот кон ранохристијанските маченици загинати во текот на прогоните од протагонистите на паганската вера придонела и една одредба на Седмиот вселенски собор во 842 година. Според неа се воспоставило официјалното иконопочитување и се наметнала неопходност од литература, насочена за да ја заштити светоста на христијанскиот морал и на моштите и да создаде поимпресивна емоционална атмосфера околу овој суштествен атрибут за иконопоклонството.

Култот на св. Петнаесет Тивериополски маченици се воспоставувал уште и преку уметничката традиција, со насликувањето на нивните портрети по фреските и иконите. Досега се откриени нивните портрети на западниот ѕид од централната гробница во базиликата и средновековната црква „Св. Петнаесет“ во Струмица, а се познати и неколку икони од понов период.

Најтемелни истражувања за застапеноста на овие светители во ликовната уметност изложил академик Цветан Грозданов, при што тој заклучил дека преку овој облик на манифестирање нивниот култ не излегол од границите на струмичко-брегалничкиот регион[9].

Химнографија[уреди | уреди извор]

Тропар[уреди | уреди извор]

глас прв
Како добар одред војнички е и овој Христе Твој собор новособран.
Не Си ги собрал дванаесет како Апостолите,
туку уште тројца Си им прибројал, против прелеста -
полк од свештени маченици.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Блага Алексова, Епископијата на Брегалница, стр. 126
  2. Василевски, 1997, стр. 51-52
  3. Историја на македонскиот народ, 2000, стр. 321-322, 327-328
  4. Иванов, 1931, стр. 19
  5. Н.Радојчић, Српски државни сабори у средњем веку, Београд 1940, стр. 141-145
  6. Стојан Новаковић, Законски споменици српских држава средњега века, Београд 1912, стр. 695
  7. Леонтије Павловић, Култови лица код Срба и Македонаца, Смедерево 1965, стр. 7.
  8. 8,0 8,1 Велев, Илија. Низ преминот на традицијата (книжевно-историски погледи). стр. 15.
  9. Цветан Грозданов, Петнаесетте Струмички маченици во ликовната уметност, -В: Портрети на светителите од Македонија од IX-XVIII век, Скопје 1983, стр. 127-137.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]