Светска банка

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Светската Банка)

Меѓународна банка за обнова и развој (англиски: International Bank of Reconstruction and Development, IBRD), позната како Светска банка (англиски: The World Bank) - меѓународна финансиска организација.

Историја[уреди | уреди извор]

Светската банка официјално била формирана на 27 декември 1945 година, со седиште во Вашингтон, САД, откако биле ратификувани спогодбите постигнати на конференцијата во Бретон Вудс од 1 јули до 22 јули 1944 година. На нејзиното основачно собрание учествувале 44 шефови на влади од целиот свет.Првиот заем по отпочнувањето на нејзината работа, Светската банка го дала на Франција, во износ од 250 милиони американски долари.[1] Од 1968 до 1980 година, Банката била фокусирана на ублажување на сиромаштијата и задоволување на основните потреби на луѓето во земјите во развој. Во овој период, големината и бројот на одобрените кредити пораснал експоненцијално, а спектарот на целите се проширил од инфраструктура до социјалните услуги и другите сектори. Од 1976 до 1980 година, долгот на земјите од третиот свет се зголемувал со просечна годишна стапка од 20%.[2] Од 1989 до денес, политиката на Светската банка во голема мера се променила, главно како одговор на критиките на повеќето организации и групи. Организациите за животна средина и невладините организации се сега често интегрирани во кредитната активност на Банката чии проекти се фокусирани на инвестирање во заштитата на животната средина.[3]

Цели на Светската банка[уреди | уреди извор]

Во времето на нејзиното основање, основната цел на Светската банка била финансирање на земјите разурнати од Втората светска војна. Во поново време, Светската банка ги наведува следниве пет клучни фактори за економски развој и создавање поттик за бизнис-средина:[4]

  • Развој на човечкиот капитал: зајакнување на владите и образование на владини претставници
  • Создавање на инфраструктура: воведување на законодавен и судски систем со цел да се поттикне бизнисот, заштитата на поединечните и сопственичките права и почитувањето на договорите.
  • Развој на финансискиот систем: воспоставување здрав финансиски систем, способен да го поддржи и финансирањето на микро-заемите и финансирањето на поголеми корпоративни деловни потфати.
  • Борба против корупцијата: поддршка на напорите на земјите за искоренување на корупцијата.

Организациска структура на Светската банка[уреди | уреди извор]

Светската банка е организирана како група од пет меѓународни институции:

Меѓународната асоцијација за развој[уреди | уреди извор]

Меѓународната асоцијација за развој е основана во 1960 година, како фонд со кој управува Светската банка. Затоа, само земјите кои се членки на Светската банка можат да бидат примени во членството на ИДА. ИДА има 159 членки. Кредитите што ги одобрува ИДА се наменети за многу сиромашните земји во развој (чиј БДП по глава на жител е помал од 926 долари.) кои не би биле во можност да ги искористат кредитите под условите под кои ги одобрува Светската банка. Кога била основана Светска банка, нејзината задача била да помогне во обновувањето на Европа по нејзиното уништување во Втората светска војна. По обновата на Европа, Светската банка се свртела кон земјите во развој, но во доцните 1950-ти години станало јасно дека најсиромашните земји не можат да позајмат капитал под условите на Светската банка. На иницијатива на САД, група земји-членки се согласиле да основаат агенција која ќе дава заеми на многу сиромашните земји по многу поволни услови. Така била создадена ИДА. Според статутот на ИДА, постојат две категории на членство: Во првиот дел вклучува побогатите земји, а вториот дел ги вклучува земјите во развој.[5]

Заемите на ИДА се изземени од камата, т.е. на нив се плаќа само годишна административна такса од 0,75%. Во просек, ИДА одобрува заеми во износ од 6 милијарди долари годишно, и тоа за различни проекти за развој, особено оние кои се однесуваат на основните човекови потреби. Највисок приоритет е даден на проектите со кои треба да се забрза развојот на земјоделството, подобрување на образованието, зголемување на производството на електрична енергија, проширување на телекомуникациска мрежа, модернизација на транспортниот систем и друга инфраструктура.

Меѓународна финансиска корпорација[уреди | уреди извор]

ИФЦ e основана во 1956 година, како подружница на Светската банка, со цел да се поттикне економскиот развој преку инвестиции во приватниот сектор. Во 1989 година била формирана Советодавната служба за странски инвестиции (ФИАС) со цел да им помогне на земјите во развој во привлекувањето и промовирањето на странските директни инвестиции. ИФЦ има статус на специјализирана агенција на ОН во групата на Светска банка. Сепак, ИФЦ е посебен правен субјект и нејзините средства се одвоени од Светската банка. ИФЦ има 174 земји-членки при што членството во оваа организација е условено од членство во ИБРД. Корпоративното седиште е во Вашингтон. ИФЦ обезбедува:[6]

  • средства за инвестирање во приватниот сектор во земјите во развој,
  • мобилизирање на капитал на меѓународните финансиски пазари,
  • им помага на клиентите да ја подобрат социјалната и економската одржливост,
  • техничка помош и
  • советодавни услуги на владите и компаниите.

Агенција за гаранција на инвестиции[уреди | уреди извор]

На иницијатива на претседателот на Светската банка, претставена на годишниот состанок во 1981 година, Светската банка подготвила нацрт на Конвенцијата за основање на Мултилатералната агенција за гарантирање на инвестициите, со цел да се поттикне движење од економскиот капитал до земјите во развој со издавање на гаранции од некомерцијални ризици поврзани со инвестициите. На 11 октомври 1985 година, Годишното собрание на Светската банка го одобрило текстот на Конвенцијата и го испратило за потпис од земјите-членки заинтересирани за МИГА.

МИГА издава гаранции за комерцијални ризици, како што се: пренос на валути, експропријација, прекршување на договорот, воени и социјални немири итн. Досега, 141 земја се приклучиле на МИГА. Седиштето на МИГА е во Вашингтон. Земјите-членки се поделени во две категории: првата категорија ги вклучува развиените земји (21 земји), а во втората категорија се распоредени другите земји (земјите во развој). Најголем број акции имаат САД 20.519 (20,5% од вкупниот капитал), па Јапонија со 5.095 акции, Германија со 5.071 акции Велика Британија и Франција имаат околу 4.860 акции, итн. Некои од областите кои ги покрива МИГА на глобалниот пазар на осигурување на инвестициите се:[7]

  • да го зголеми капацитетот на другите јавни и приватни агенции за осигурување од политички ризик преку коосигурување и реосигурување;
  • врши инвестициско осигурување во други земји, полиси за осигурување од страна на агенциите или владината политика исклучени од програмата;
  • давање услуги на инвеститори кои немаат пристап до официјални агенции за осигурување од политички ризик.

Меѓународен центар за инвестициски спорови[уреди | уреди извор]

Во 1965 година, во рамките на Групацијата на Светската банка бил формиран Меѓународниот центар за решавање на инвестициони спорови (ICSID), во чии рамки била воспоставена арбитража на споровите меѓу земјите-членки. Центарот е основан во согласност со Конвенцијата за решавање на инвестициски спорови помеѓу државите и граѓаните на други земји.

Управување со Светската банка[уреди | уреди извор]

Претседателот на Светската банка истовремено е претседател на целата Групација на Светската банка. Претседателот е одговорен за одржување на состаноците на Одборот на директорите и за менаџментот со банката. Мандатот на претседателот трае пет години и може да се обнови. Тој се избира со мандат од пет години со право на уште еден реизбор.[8] Што се однесува до квалификациите, постои неформално правило дека претседателот секогаш треба да потекнува од банкарскиот сектор, но ова право низ историјата било прекршувано многупати. Традиционално, претседателот на Светската банка секогаш бил номиниран од САД, како најголем акционер во банката.[9] Сепак, оваа традиција била нарушена со изборот на Џим Јонг Ким од Јужна Кореја, кој во 2016 година по вторпат бил избран на оваа функција.[10]

Потпретседателите на банката се водечки менаџери, одговорни за одделни региони, сектори, мрежи и функции. Банката има двајца извршни потпретседатели, три врвни потпретседатели и 24 потпретседатели. Одборот на директори се состои од претседателот на Групацијата на Светската банка и 25 извршни директори. Претседателот обично нема право на глас, но неговиот глас е одлучувачки при изедначеност во процесот на гласање. Од 1 ноември 2010 година, бројот на извршни директори се зголемил од еден на 25.[11]

Активности на Светската банка[уреди | уреди извор]

Активностите на Светската банка се фокусирани на земјите во развој (од 2000 година, изразот кој се претпочита е „помалку развиени земји“). Светската банка е активна во следниве области:

Покрај финансиската поддршка на земјите-членки, Светската банка, исто така, обезбедува аналитички и советодавни услуги кои го олеснуваат воведувањето на одржлив економски и социјален напредок.

Заеми на Светската банка[уреди | уреди извор]

Светската банка нуди два основни вида на заеми: заеми за инвестиции и заемми за развој. Првите се насочени кон поддршка на проектите за економски и социјален развој, додека други се обезбедени со брзи финансиски ресурси за поддршка на политиките на одредени земји и институционални реформи. Пред одобрувањето на заемот, предлозите за проектите за кои се бара заем се проценуваат од аспект на нивната економска, финансиска и социјална прифатливост, а влијанието врз животната средина се смета за важен аспект. Светската банка, исто така, одобрува заеми за олеснување на спроведувањето на развојните проекти преку промовирање на иновации, соработка меѓу организациите и учество на домашни акционери во овие проекти. Кредити одобрени од страна на Меѓународната организација за развој првенствено се користат за:

Односите на Македонија со Светската банка[уреди | уреди извор]

Република Македонија стана членка на Светската банка во 1993 година и таа е дел од Холандската конституенца. Мисијата на Светска банка во Република Македонија се фокусира на поттикнување и поддршка за создавање нови работни места, како и на подобрување на стандардите за живеење преку спроведување и финансирање проекти, консултантски услуги и истражување во насока на градење капацитети, развој на човечки ресурси и инвестиции во инфраструктурата. Тековната помош од Светска банка се спроведува во согласност со приоритетите утврдени во Стратегијата за партнерство на Република Македонија со Светската банка за периодот 2015-2018 година.[12] Согласно Стратегијата за партнерство на Република Македонија со Светска банка, помошта од оваа меѓународна институција се фокусира на следново:[12]

  • поддршка на земјата на нејзиниот пат кон Европската унија,
  • зајакнување на нејзината конкурентна способност и подобрување на макроекономското окружување,
  • зајакнување на економскиот раст преку зголемување на вработеноста,
  • зајакнување на системот на социјалната заштита и
  • поддршка на инвестициите во обновливи извори на енергија, кои ќе придонесат кон развој на значајни проекти во областа на енергетскиот сектор.

Поважни проекти финансирани од Светската банка во Македонија се:[13]

  • Проект за развој на вештини и иновации (2014 - 2019): реформи во високото образование, зајакнување на институционалните капацитети на универзитетите, зајакнување на квалитетот на стручното образование и подобрување на иновацискиот капацитет на фирмите; вредноста на проектот е 17,7 мил. евра
  • Проект за подобрување на општинските услуги (2009 - 2020): подобрување на транспарентноста, финансиската одржливост и испорака на целни општински услуги; вредноста на проектот е 18,9 мил. евра
  • Проект за подобрување на општинските услуги - дополнително финансирање (2012 - 2020): подобрување на перформансите на урбаните економии и квалитетот на управувањето на општинско ниво преку обезбедување соодветна финансиска и советодавна поддршка на повеќе општини и нивните јавни претпријатија; вредноста на проектот е 37,2 мил. евра
  • Втор проект за подобрување на општинските услуги (2016 - 2021): вредноста на проектот е 25 мил. евра
  • Проект за рехабилитација на магистралните и регионалните патишта (2014 -2019): подобрување на поврзаноста на избраните магистрални и регионални патишта со Коридорот X и Коридорот VIII, како и подобрување на капацитетот на ЈП за државни патишта во однос на безбедноста на патиштата; вредноста на проектот е 52 мил. евра
  • Проект за надградба и развој на патишта РанковцеКрива Паланка (2015 - 2020): подобра транспортна поврзаност долж Коридорот 8, помеѓу Скопје и Деве Баир преку изградба на патниот правец Ранковце – Крива Паланка; вредноста на проектот е 83 мил. евра

Критика на Светската банка[уреди | уреди извор]

Работата на Светската банка е предмет на долготрајни и силни критики од страна на голем број академици, а понекогаш и од сопствените евалуации на Банката. Таа била обвинувана дека „претставува американски или западноевропски алат за влијаење на економиите кои ги одржуваат западните интереси“ и покрај доказите дека реформите на политиките на слободниот пазар се често штетни за развојот на земјата доколку се лошо или пребрзо имплементирани, или пак по погрешен редослед, или пак во неконкурентна околина (на пример: многу слаби, неконкурентни економии).

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Abhijit Banerjee, "An evaluation of world bank research, 1998 – 2005", State University Chicago, September, 2006, p.87.
  2. Michael A. Clemens, Michael Kremer, "The new role of the world bank", Center for Global Development, Washington, DC, USA, November, 2015, p. 61.
  3. Алекса Милојевиќ, Основи економије, Економски факултет, Српско Сарајево, 2002, стр. 9.
  4. www.economicsdiscussion.net (пристапено 19.06.2019)
  5. Официјално мрежно место на ИДА (пристапено 19.06.2019)
  6. Официјално место на ИФЦ (пристапено 19.06.2019)
  7. Официјално мрежно место на МИГА (пристапено 19.02.2019)
  8. Официјално мрежно место на Светската банка (пристапено 19.06.2019)
  9. Hurlburt, Heather, „Why Jim Yong Kim would make a great World Bank president“, The Guardian, 23 March 2012.
  10. „Џим Јонг Ким повторно претседател на Светска банка“, Економија и бизнис, година 18, број 220, октомври 2016, стр. 74.
  11. The World Bank, „Boards of Directors“, The World Bank Group.
  12. 12,0 12,1 „Министерство за финансии (пристапено на 16.9.2019)“. Архивирано од изворникот на 2020-08-21. Посетено на 2019-09-11.
  13. „Министерство за финансии (пристапено на 16.9.2019)“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2020-10-01. Посетено на 2019-09-11.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]