Светлана Антоновска

Од Википедија — слободната енциклопедија
Светлана Антоновска
Родена 6 април 1952
Белград, СФРЈ
Починала 7 октомври 2016
Скопје, Македонија
Националност Македонка
Занимање општественик, научник, политичар, математичар и статистичар

Светлана Антоновска (Белград, 6 април 1952Скопје, 7 октомври 2016) — македонски статистичар, општественик, научник, политичар и долгогодишен носител на повеќе општествено-политички функции, основоположник на современата статистика во самостојна Република Македонија и прв директор на Заводот за статистика на РМ по осамостојувањето на државата, односно по напуштањето на Југословенската Федерација.[1]

Образование[уреди | уреди извор]

Во текот на секупниот образовен процес се издвојувала како првенец и водач на својата генерација. Дипломирала на Институтот за математика (примената математика) при Природно-математичкиот факултет во Скопје на којшто е запишана како добитник на посебна диплома „Михаило Петровиќ – Алас“, којашто во рамки на некогашната Југословенска Федерација претставува највисоко признание од областа на математиката, коешто може да го добие ученик во средните училишта.[2]

Општествено-политичка активност до осамостојувањето на Република Македонија[уреди | уреди извор]

Нејзината позначајна општествено-политичка активност започнува уште во 1971 година, кога е избрана за секретар на Партиското одделение на Сојузот на комунистите на Македонија (СКМ) на групите математика и физика и на оваа функција останува до март 1973 година, кога е избрана за член на Секретаријатот на Факултетската конференција на Сојузот на комунистите на Македонија на Природно-математичкиот факултет – функција што ја врши до ноември 1975 година. Во октомври 1972 година е избрана за секретар на Извршниот одбор на Сојузот на студентите на ПМФ – Скопје и на таа функција останува до почетокот на 1974 година, кога е избрана за член на Секретаријатот на Претседателството на Собранието на Сојузот на студентите на Македонија и за претседател на Комисијата за меѓународна соработка. На овие должности останува до јули 1974 година, кога е избрана за член на Секретаријатот на Претседателството на Републичката конференција на Сојузот на социјалистичката младина на Македонија и претседател на Комисијата за образование и воспитување. Овие должности ги извршува до Деветтиот конгрес на ССММ – октомври 1974 година. Во септември 1974 година е избрана за претседател на Градската конференција на Сојузот на социјалистичката младина на Македонија за Скопје – функција на којашто останува до крајот на мандатот во 1978 година. Од декември 1976 година е член на Републичката конференција на Сојузот на социјалистичката младина на Македонија, а член на Конференцијата на Сојузот на социјалистичката младина на Југославија од ноември 1974 до декември 1980 година. Член на Претседателството на Конференцијата на Сојузот на социјалистичката младина на Југославија е од декември 1978 до јуни 1979 година. Член на Комисијата за образование и воспитување при Претседателството на Конференцијата на Сојузот на социјалистичката младина на Југославија е од декември 1974 до декември 1980 година, а претседател на оваа Комисија од декември 1978 до декември 1980 година. Член на Градската конференција на СКМ и член на Градскиот комитет на СКМ на Скопје е од октомври 1974 година, а за член на Претседателството на Градската конференција на СКМ – Скопје е избрана во 1978 година. За член на Централниот комитет на СКМ е бирана на Четвртата конференција на СКМ (1973), на Шестиот (1974), Седмиот (1978) и на Осмиот конгрес на СКМ (1982). Во мај 1982 е избрана и за член на Претседателството на Централниот комитет на СКМ. Во текот на нејзиното рано дејствување на општествено-политички план, таа особено се истакнува како претседател на Градската конференција на Сојузот на социјалистичката младина на Македонија за Скопје, во етапа на општествено-политичкиот развој во Македонија и тогашна Југославија, кога Младинската организација се смета за една од стожерните организации во општеството. Периодот од осмата деценија на минатиот век, кога Антоновска раководи со оваа организација во Скопје, одбележан е како авангарден период на промени, во кој младите од градот добиваат позначајна улога во дефинирањето и остварувањето на политиките во општеството и кога се создаваат поголеми можности, и покрај некои од постоечките бариери, младиот човек да дејствува и создава како творечки чинител на реалноста. Нејзиниот севкупен ангажман во Младинската организација и во натамошниот период, кога е член и на раководството на оваа организација и на сојузно ниво е во духот на нејзините бунтовност и непомирливост, проследени од заложбите младиот човек да не биде објект, туку субјект во процесот на создавање на општествено-политичката актуелност. Се издвојува со нејзините напредни ставови, заложби и преземени конкретни акции за позитивни промени, иако не секогаш е доволно разбрана и поддржувана од еден дел од нејзините современици, поради што некои од нејзините визии за општественото и политичко секојдневје и за натамошниот развој, во тој период, не се во целост реализирани. Во рамки на нејзиниот партиски ангажман во СКМ, доминираат нејзината конструктивна и аргументирана критика, заснована на конкретни податоци и факти, преземените активности во обидите за темелни реформи и визионерското согледување на состојбите коишто ќе се случат во идната стварност, доколку реформите за коишто се залага не се остварат суштински, а не само формално. Во 1986 година, кога за првпат е именувана за директор на македонскиот Завод за статистика целосно се насочува исклучиво кон нејзината најголема професионална љубов – статистиката и на институцијата на којашто ѝ го посвети сиот свој живот, справувајќи се со бројни предизвици. Уште во периодот кога македонскиот Завод за статистика функционира под раководство на Сојузниот завод за статистика, којшто тогаш го раководи и координира статистичкиот систем на југословенско ниво, Антоновска се истакнува со нејзините заложби за унапредување на статистичкиот систем во духот на европските стандарди, при што успева во рамки на дадените можности под сојузно раководство.[3]

Општествено-политичка активност по осамостојувањето на Република Македонија[уреди | уреди извор]

По осамостојувањето на Република Македонија, односно по напуштањето на Југословенската Федерација, Антоновска, со целосна одговорност го презема предизвикот за трансформација и осовременување на македонскиот статистички систем и за вклучување на македонската статистика во европското семејство на статистички организации. За кратко време успева македонскиот Завод за статистика да воспостави соработка со повеќе меѓународни и европски статистички институции и организации, како што се Статистичкиот оддел на ООН во Женева и во Њујорк, ЕВРОСТАТ – Статистичката служба на Европската комисија, статистичките оддели на ФАО, МОТ и други организации. Нејзиниот ангажман е од пресудно значење за обезбедување статистички податоци за Република Македонија во најтурбулентните времиња на поновата македонска историја, коишто уште на самите почетоци, во извесна мера се споредливи со податоците на другите земји и коишто уште во првата половина на деведесеттите години на минатиот век се среќаваат во повеќе меѓународни публикации. Под нејзино раководство, во 1994 година, македонскиот Завод за статистика го спроведе и првиот, меѓународно признат Попис на населението, домаќинствата, становите и земјоделските стопанства во самостојна Република Македонија, спроведен според сите меѓународни норми и стандарди. Под нејзино раководство, обезбедени се бројни, искористени можности за стручно и техничко развивање на македонскиот Завод за статистика, преку реализација на проекти поддржани од бројни меѓународни институции, организации и фондации, како и преку програмата ФАРЕ, по што заводот се издвојува и како институција којашто во својата работа ги имплементира стандардите за работа на институции на земји членки на ЕУ.

Како статистичар, покрај извршувањето на својата раководна функција во Заводот за статистика, до 1997 година и во периодот од 1998 до 2001 година, Антоновска е активен пропагатор на унапредувањето на статистичката методологија во Република Македонија, како и на имплементирањето на стандардите, класификациите и номенклатурите кои се применуваат во статистичките истражувања во Европската Унија и во светот. Веќе на почетокот на XXI век, според официјалните оценки, македонската статистика е на ниво на статистика на просечна земја-членка на Европската Унија и регионален водач меѓу националните статистички институции, а институционалниот капацитет на Заводот за статистика, во повеќе сфери е многу чекори понапред од другите институции во државата. Но, обидите политиката да оствари свои влијанија врз стручноста на работењето на институцијата, во два наврати (првпат во 1997, по што во декември 1998, одновно е именувана за директор, и вторпат во 2001 година) резултираат со разрешување на Антоновска од раководната функција, при што второто разрешување означува и крај на нејзиното делување во оваа институција. Дел од нејзиниот работен век минува на одговорни позиции во Државниот завод за ревизија и во Народната банка на Република Македонија. Еден е од основачите на политичката партија Демократска алтернатива (1998 година), но во подоцнежните години, останувајќи верна на професионалноста во работењето, целосно се повлекува од политичкиот живот. Со нејзиното работење, таа се издвојува како пример за модел на општествено одговорна личност којашто може, знае и сака да придонесе за унапредување и развој на македонското општество и на државата.[4]

Научно-истражувачка дејност[уреди | уреди извор]

Има објавено голем број научни трудови од областа на статистиката, а како меѓународно признат и потврден експерт беше и член на Меѓународниот институт за статистика (од 1996 година), Конференцијата на европски статистичари, Асоцијацијата на балкански статистичари, Меѓународната асоцијација за статистичари за истражувања, Меѓународната организација на официјалната статистика, основач е на Здружението на статистичари на Република Македонија.

Одликувања, признанија и награди[уреди | уреди извор]

Во 1986 година, одликувана е со Орден на заслуги за народ со сребрена ѕвезда. За својот придонес во статистиката на меѓународен план, во 1999 година беше одликувана со Златен милениумски медал на честа, од страна на Американскиот биографски институт, во којшто потоа е избрана за доживотен заменик раководител на Одборот на раководители на оваа значајна меѓународна организација, а во 2000 година е примена за единствен претставник на Република Македонија во Меѓународниот ред за заслуги на Меѓународниот биографски институт од Кембриџ. Примена е и во Редот на меѓународните амбасадори. Во 2001 година е вброена меѓу 500 создавачи на 21 век, а истата година е одликувана и со Медал за водечки интелектуалец во светот во периодот 2000-2001 година, како и со Медал за Жена на годината. Наградена е со Платинеста плоча за придонес во статистиката. Една година потоа е одликувана и со Медал „еден од милион“ за придонес во статистиката.

Добитник е и на повеќе други домашни и меѓународни признанија и одликувања.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2016-11-10. Посетено на 2017-08-07.
  2. Иван Антоновски, Светлана Антоновска - Македонска челична дама ,Иван Антоновски, Скопје, 2018, стр. 3 -18.
  3. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2017-09-01. Посетено на 2017-08-07.
  4. Светлана Антоновска. Решавање на транспортниот проблем со унгарски метод, Иван Антоновски, Скопје, 2017, стр. 47 - 50.