Прејди на содржината

Свети Михаил се бори со змејот

Од Википедија — слободната енциклопедија
Свети Михаил се бори со змејот од Албрехт Дирер

Свети Михаил се бори со змејот е дрворез направен од Албрехт Дирер во 1498 година, како дел од серијата Апокалипса, со која ја илустрира Книгата за апокалипсата или Откровението на Јован.

„И настана војна на небото: Михаил и неговите ангели војуваа против змејот, а змејот и неговите ангели војуваа против нив; но не устојаа, и за нив веќе не се најде место на небото“. (Откровение 12,7) Според Откровението на Јован, на крајот на времето ќе дојде до судир меѓу Рајот и Пеколот, помеѓу доброто и злото. Како предводник на божјата војска, Архангел Михаил ги води ангелите во битка против силите на злото, симболично претставени како змеј со седум глави. Главите на змејот претставуваат по еден од седумте смртни гревови. Оваа борба помеѓу доброто и злото, авторот избрал да ја претстави токму во моментот кога свети Михаил со копје прободува една од главите на змејот. Тој е придружен од тројца ангели во борбен став. Во долниот дел гледаме мирен пејзаж со мало гратче со црква и планини во далечината. Најдолу на средината од страницата, стои неговиот препознатлив монограм „АД“ присутен во сите негови гравури.

Карактеристики

[уреди | уреди извор]
Рачно обоен отпечаток

Албрехт Дирер за најбитна уметничка форма ја сметал графиката, дури еднаква на сликарството. Својата врвна техничка виртуозност ја демонстрирал токму тука во Свети Михаил се бори со змејот. Влијанието на неговиот учител Михаел Волгемут врз ова дело може да се види низ огромното количество детали. Обработката на деталите е сеприсутно, од малите дрвја околу градот па се до ситните детали на лицето на Свети Михаил. Дирер се послужил со атмосферска перспектива креирајќи илузија на далечина во просторот, преку претставување на планините со помалку или повеќе детали зависно од својата оддалеченост. Со својата уникатна употреба на линијата успеал да направи различни светли и темни тонови во делото. Албрехт Дирер ја напуштил дотогашната традиционална херојска елегантност во презентирањето на Архангел Михаил. Наместо тоа, го претставил Свети Михаил во поза која е достојна на големината на задачата. Тој со намрштени веѓи бестрашно го напаѓа змејот. Сите негови оригинални резби од оваа серија се изведени на дрво од круша.

Наследство

[уреди | уреди извор]

Хуманизам

[уреди | уреди извор]

Ширењето на хуманистичките идеали низ Европа започнало во 14 век со делото на Петрарка, таткото на хуманизмот. Првите хуманисти ја истакнале важноста од проучувањето на класиците, грчките и римските дела, како и хуманистичките науки. Во 15 век, ренесансните хуманисти сметале дека луѓето сопстветното знаење треба да го стават во служба на државата. Според нив, поединците имале голем потенцијал кој требало да биде искористен во унапредување на општеството. Во северна Европа, христијанските хуманисти ги искомбинирале хуманистичките идеали со христијанството, нагласувајќи ги истовремено и образованието и познавањето на Светото писмо. Уметнички, хуманистите го охрабрувале проучувањето на човековата форма со цел точно и прецизно да ја доловат убавината на човечкото тело. Водечкиот христијански хуманист Еразмо Ротердамски, се спријателил со Албрехт Дирер кога Дирер ја посетил Холандија во 1520 и 1521 година. Пред таа посета, Дирер отпатувал во Италија, есента 1494 година и комуницирал со многу италијански хуманисти. Тогаш ги посетил и атељеата на повеќемина италијански хуманисти и уметници, меѓу кои Андреа Мантења и Џовани Белини. Ваквата изложеност на хуманизмот и истовремено на италијанската уметност кај него раѓа фасцинација, како идеално да се доловат точните анатомски пропорции на човечкото тело, за што посветил многу време проучувајќи. Овој интерес е присутен и во неговите слики и во неговите гравури, вклучувајќи го и Свети Михаил во борбата против змејот.

Подемот на Нирнберг

[уреди | уреди извор]

Подемот на Нирнберг како центар на тогашната интелигенција но и на гравурата, претставувало уште едно големо влијание врз неговите дела. Главна причина за големата важност на градот било објавувањето на Нирнбершките хроники во 1493 година. Во хрониките биле содржани приближно 650 оригинални илустрации на Михаел Волгемут. Тој претставувал водечки гравер од доцноготската ера. Нирнбершките хроники покрај тоа што ја демонстрираат моќта на новата печатница, истовремено го поплочуваат и патот на Албрехт Дирер во следниот период.

Слика на Нирнберг од Нирнбершките хроники

Како чирак кај Михаел Волгемут, Албрехт Дирер ја усовршил уметноста на гравирањето. Технички гледано, развојот и осовременувањето на машините за печатење во Нирнберг му овозможиле на Албрехт Дирер да го збогати делото со бројни детали. На пример, деталниот пристап со малите кадрици во косата на Свети Михаил, двата чамци во далечината со нивните едра и сл. Истовремено, се подобрите печатници овозможиле неговите дела полесно да бидат распространети.

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  • Клајнер, Фред С. и Хелен Гарднер. Уметноста на Гарднер низ вековите: глобална историја. Бостон, м-р: Томсон/Вадсворт, 2009 година.
  • „Шеснаесеттиот век“. Шеснаесеттиот век: Небесен занает, Дрворез во раните печатени книги. 3 октомври 2005 година. Библиотека на Конгресот. 7 март 2010 година < https://www.loc.gov/exhibits/heavenlycraft/heavenly-16th.html >.
  • „Свети Мајкл се бори против змејот од Албрехт Дирер“. Виртуелна уметничка галерија BackToClassics.com. 2009 година. BackToClassicals.com. 1 март 2010 година < http://www.backtoclassics.com/gallery/albrechtdurer/stmichaelfightingthedragon/ >.
  • „Откровението на Свети Јован: 11. Свети Михаил се бори против змејот“. Веб галерија на уметност. 28 февруари 2010 година. < http://www.wga.hu/index1.html >.
  • Зуфи, Стефано. Дирер. Лондон: DK, 1999 година. Печати.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]